1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Импресивната одлука на Меѓународниот суд за правда во Хаг – да го отфрли тврдењето на Србија дека прогласувањето независност на Косово во 2008 година било незаконско – главно е игнорирана или искористена за лажно алармантни предвидувања на идните хипотетички сецесии. Ако го дозволиме овој преседан, се жалат многумина, како на пример ќе го спречиме отцепувањето на Каталонија.
Ваквото размислување е двојно погрешно. За почеток, не постои ни реален ни паралелен свет во кој Белград би можел да управува со Косово, а камо ли свет во кој Косово би било дел од Србија. Меѓународните договори со кои Косово е признаено како составен дел од Југославија служеле токму за тоа: Косово било член на поширока федерација создадена после 1918 година, а не составен дел на еден од нејзините чинители. (Правните детали за оваа клучна разлика можат да се најдат во книгата на Ноел Малколм Косово: кратка историја.) Дури и старите тврдокорни југословенски комунисти на Косово му дале статус автономна покраина со уставот од 1974 година. Големо злосторство – едно од многуте злосторства – е тоа што поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ ги поништи двата договори. Практично веднаш по доаѓањето на власт во 1989 година ја укина автономијата на Косово. Потоа ја уништи целата југословенска федерација со својот луд и геноциден потфат за создавање освојувачка „Голема Србија“. Независноста на Косово е последниот чин од крахот на тој извртен и лудачки план. Да се очекува од албанското мнозинство да се согласи со реставрација на српскиот суверенитет би било исто како да се очекува од Полска да побара обединување со Русија или Германија.
Кога станува збор за прашањето на „преседанот“, кое константно и лицемерно го потегнуваат Русија и Кина, човек може само да се запраша: „Каков преседан?“ Москва и Пекинг го штитеа Милошевиќ додека се обидуваше во Европа да спроведува етно-фашизам, и двете држави на своите територии имаат немирни малцинства и негуваат територијални претензии. Дали нивниот став за Тибет или Грузија навистина ќе се промени ако Меѓународниот суд на правдата донесеше поинаква одлука? Одговорот се наметнува сам по себе. Смешно е кој било од овие два режими да глуми дека се грижи за меѓународното право.
Тогаш што е со Каталонија, Баскија, Квебек и Шкотска? Тоа се мошне стари и комплицирани прашања и немаат никакви сличности со модерната историја на Балканот. Искуството нè учи дека народите во рамки на поголеми заедници не се одлучуваат лесно за отцепување. Кога Шпанија, Канада или Обединетото кралство би ги третирале своите малцинства толку насилно и шовинистички како што постапуваше Србија со Косово, историјата на народите во Каталонија, Баскија, Квебек и Шкотска укажува на тоа дека нивниот бунт сега би бил незапирлив. Овој национализам е „ограничен“, барем во европските случаи, со трајната примамливост за членство во поголемата заедница на Европската унија, која од своите членки бара да ги почитуваат помалите народи и оддалечените региони. Сега оваа можност им е достапна и на Србија и на Косово, што не беше случај додека Милошевиќ го кршеше секој можен законски принцип. Покрај тоа тешко е да се замислат Каталонците или Шкотланѓаните како протестираат барајќи независност и носејќи транспаренти „Сетете се на Косово“.
Освен мирното и неоспорувано раздвојување на Чесите и Словаците на почетокот од деведесеттите (кое исто така се одигра во светло на потенцијалните европски интеграции), од поновата европска историја се сеќавам само на два примери на „сецесија“ на таканареченото европско тло. Двата случаи се карактеризираат со измама и беззаконие. Првиот беше прогласувањето на исклучиво турската државичка на територијата на Кипар во 1983 година, а вториот прогласувањето на исклучиво српската државичка на територијата на Босна, десет години подоцна. Ниеден од овие два „пучови“ не го изведе локалното население: и едниот и другиот го овозможи окупаторската армија. Ниеден не беше признат меѓународно, ниту некогаш ќе биде.
Не треба да се разубавува косовската држава. Барем два аспекти од нејзиното дејствување заслужуваат итно и критичко внимание: нејзината политика во однос на мнозински српската енклава околу Митровица и нејзиниот став во однос на српското културно богатство кое останува на нејзина територија. Но меѓународната заедница е во многу подобра позиција да пружи заштита и да преговара за овие прашања отколку што тоа беше можно во некој замислен нововоспоставен „суверенитет“ на Србија.
Многу ќе изгубиме ако го заборавиме Косово и страшните случувања кои на крајот доведоа до самоопределување на речиси два милиони негови жители. Бидејќи со години беа лишувани од најосновите национални и човекови права, па затоа под закана со оружје беа натрупани во возови и беа депортирани, со оглед на тоа дека им се закануваа со масовно убиство, овие луѓе ги спаси интервенцијата чија едноставна порака гласеше дека постои граница зад која веќе не може да се крши законот и туѓата совест да се става на тест. На Косово нема нафта. Државните интереси на Израел тука не играат никаква улога. На тоа не можеше да се добијат гласови – напротив. Голем дел од жртвите беа муслимани. Тоа беше забрзано спасување на американскиот и европскиот образ и отстранување на ужасната закана за мирот во регионот. Многу храбри и чесни Срби можат да кажат дека во тој процес исто така е отстранет и еден штетник кој беше постојана закана за нивната земја.
Тоа беше тогаш. Сега би било невнимателно да се шпекулира за тоа колку далеку може да отиде еден режим, мислејќи дека е заштитен од казни и последици. Конфликтите во Ирак и Авганистан се пролонгираа и ја разнишаа нашата непоколебливост. Диктаторите во Иран и Северна Кореја го чувствуваат тоа, а секогаш може да се очекува дека Русија и Кина ќе им пружат заштита и оправдување.
Извор: http://www.slate.com