Ни Парискиот договор повеќе не ја спасува Земјата од глобално затоплување

08.08.2018 23:02
Ни Парискиот договор повеќе не ја спасува Земјата од глобално затоплување

Дури и успешно да се имплементира Парискиот климатски договор, планетата сепак би можела да се загрее за дополнителни 5 степени, предупредуваат научниците. Делови од светот можат да станат невозможни за живеење.

Заедничка студија на меѓународни климатски научници од Германија, Шведска, Данска и Австралија содржи прилично црни прогнози: дури и доколку се исполнат целите на Парискиот договор и глобалното затоплување се ограничи на максимум 2 степени Целзиусови во однос на пред-индустриските нивоа, климатскиот систем сепак би можел да доживее уништувачка пресвртна точка.

„Човековите емисии на стакленички гасови не се единствените детерминанти на температурата на Земјата“, вели Вил Штефен, водечки автор на студијата и истражувач на климатските промени.

„Нашата студија наведува дека глобалното затоплување од 2 степени предизвикано од човекот може да предизвика други процеси во Земјиниот систем, често наречени 'фидбекс' кои можат да водат кон натамошно затоплување- дури и доколку престанаме да емитуваме стакленички гасови“, вели тој.

Глобалните просечни температури во таков случај на долг рок ќе застанат меѓу 4-5 степени повисоко од пред-индустриското доба, открива студијата.

Нивото на морето би можело во таков случај да се покачи меѓу 10 и 60 метри, со што би биле поплавени бројни острови и приморски градови како Венеција, Њујорк, Токио и Сиднеј. Таквите големи населени места ќе мора да бидат напуштени.

Научниците го нарекуваат ова сценарио „оранжериска Земја“.

Домино ефекти

Иако Парискиот климатски договор од 2015 година, за кој се согласија 197 нации, ја наведува границата од 2 степени Целзиусови, научниците не се сигурни дека тоа ќе биде доволно за избегнување на климатска катастрофа, предупредува ко-авторот на студијата Јоахим Шелнхубер.

Сè уште не знаеме дали климатскиот систем ќе биде зачуван на сигурно со 2 степени“, вели тој.
Но тоа не значи дека Парискиот договор е бескорисен и дека треба да се напушти, како што стори претседателот на САД Доналд Трамп во 2017 година.

„Целосната имплементација на договорот следејќи патека на брза декарбонизација преку социо-економска трансформација го минимизира ризикот од активирање на самозасилувачките климатски промени“, вели Џонатан Донгес, уште еден од ко-авторите.

И покрај апокалиптичните предупредувања кои произлегоа од студијата, ко-авторката Кетрин Ричардсон од Универзитетот во Копенхаген вели дека нивната цел не е да претстават безнадежно сценарио.

„Мислам дека нашата студија има многу позитивна порака“, вели таа додавајќи дека вистинската акција против климатските промени бара зголемена свест за потенцијалните ефекти.

„Се обидуваме подобро да ја разбереме нашата улога во Земјиниот систем, и да делуваме согласно. Ќе бидеме во многу тешка ситуација доколку не го разбереме фактот дека не правиме доволно“, вели Ричардсон.

Извор: DW

ОкоБоли главаВицФото