Ги чекаме Русите и се радуваме на Третата светска војна

09.08.2018 00:41
Ги чекаме Русите и се радуваме на третата светска војна

На власт во Србија, но и секаде околу нас, ги имаме истите елити кои и ја создадоа војната, па од нивен животен интерес е да се заборави нивната сопствена и одговорноста на српската страна. А сепак, не е само тоа.

„Мислам дека се засилува наративот за Србите како жртви, што е идеален енергенс на секој национализам и секој нов конфликт. Таа самовиктимизација е најпогрешното што можеме да си го направиме себеси, зашто тоа е како живи да се закопате, да се закопате во таа лажна слика и да живеете лажен живот. Затоа и не можеме да се придвижиме“, оценува историчарката Дубравка Стојановиќ.

Таа го коментира годинашниот потполно игнорантски однос на државниот врв кон одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, додека истовремено се најавува помпезно одбележување на годишнината од „Олуја“.

Имам впечаток дека нешто се менува во начинот на кој се зборува за деведесеттите. Се забележува дека сè повеќе се говори за бомбардирањето на НАТО, дека тој дел од војната надвладеа над сето она што се случуваше претходно. Тоа има само делумна врска со негативната слика што се прави за Западот и за самиот НАТО пакт, што е во јасна врска со зајакнувањето на руското влијание. Но, ми се чини дека многу повеќе тоа е во врска со еден нов наратив за војните во деведесеттите години. Тука сега почнува да доминира сликата на Србите како недолжни жртви. Во тоа совршено се вклопува одбележувањето на „Олуја“, но без поставување прашања како Книн беше српски и како од таму, како и од цела Краина, Хрватите беа прогонети во претходните фази на војната? Веќе 20 години се вртиме во круг и не сакаме ништо да промениме. Тогаш е логично што нема придвижување. Во ниедна насока.

Решавајќи го прашањето на Косово, претседателот на Србија зборува за северот како да е фактички дел од Србија. Неодамна рече дека се плаши од тоа што косовските Албанци планираат да го окупираат, дека следува нова „олуја“. Како ги толкувате овие тврдења?

Од прогласувањето на победа врз НАТО на Милошевиќ па до ваквите изјави се работи за неверојатна фантазија иако од елементарно искуство сите знаат дека, на пример како за почеток, не можете ни да отидете во Косово. Но политичарите на власт немаат проблем да изговараат такви глупости кога општеството речиси на ништо веќе не реагира. Значи, ние имаме некој завет на молчење. Како и натаму да е на сила она од словенечката војна – тие демек се отцепуваат, а ние демек не им даваме. Па ние 27 години живееме во таа „демек“ состојба! Тоа е нашиот најголем пораз.

Се зборува дека се бара компромисно решение. Каков компромис може да се претпостави? Поделбата на Косово е исклучена како опција, или наслутувате дека е можен таков исход, во смисла сверот да добие одлики како Република Српска во БиХ? Дали тоа што го посакува српската власт навистина би било во интерес на граѓаните на Србија?

Тоа е само некој облик на оваа замрзнатост за која сите зборуваат. Па, да го замрзнеме северот, па наводно чекаме не знам што...Русите? Па тоа е трета светска војна, на која, значи, ние ѝ се радуваме како онојпат кога беше погодена кинеската амбасада, па сите радосно раскажуваа дека повторно заради нас ќе избие трета светска војна. Што да се каже на тоа? А во сето тоа не е замрзнато Косово, туку Србија. Косово си отиде по својот пат, додека нашите стратези и натаму фрлаат коцкички и пластични фигурчиња.

А притоа, освен луѓето што сериозно се одвоени од стварноста, сосема сум сигурна дека речиси никој не може да поверува во сето тоа. Па тогаш што е тоа? Не е дури ни самозалажување зашто и на елитите и на народот им е јасно дека од тоа нема ништо. Потполна јаловост, затоа што и не знаете што да правите...Погледајте го примерот на Македонија и Грција...Дали е можно дека четвртина век тие зборувале за две-три варијанти на името? Тоа звучи комплетно лудо. Но, заради тоа сè стоеше. И потоа одеднаш имате двајца нормални луѓе кои се договорија. А изгубени се 25 години. А тоа се наши 25 години, ваши и мои.
Тоа е како некоја маѓепсаност – фрлате години, децении, луѓе, мозоци, стручњаци...сето тоа заради некоја неодржлива фиксација? Со други зборови, не живеете во сегашноста, туку во минатото, која треба да се осветли и во иднината во која божем, тоа ќе се случи. Трагично е кога едно општество самото ќе се стави во таква позиција.

Исто така, косовскиот писател и филозоф Шкељзен Малиќи зборува дека Србија е подготвена да го даде Косово, а за возврат очекува РС. Колку реално ви звучи ова? Дали српската власт е подготвена и на нови конфликти за исполнување на таква цел, со поддршка на Русија?

Српската власт нема што да му понуди на своето општество. Не можат уште долго да мавтаат со „неверојатните успеси“ зашто некој сепак ќе ја согледа реалната состојба. А бидејќи расте националистичкиот дискурс – тоа значи дека тие не отстапуваат и ја држат таа постојана тензија. Мене ништо не ми звучи реално, но не ми звучеше ниту во 1991 година. А не ѝ звучеше ниту на онаа раја што седеше по саревските кафулиња додека единиците на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ ги запоседнаа врвовите околу градот и започнаа со опсадата. Кому би му паднало на памет такво нешто? Но, затоа што нам тоа не ни паѓа на памет, не значи дека тоа не постои како опција. Всушност, за тоа треба отворено да се зборува. Штом некој кажува, а кажува секој ден и тоа од високи позиции, дека границите се привремени, тоа значи дека постои ревизионистичка програма и од неа не се отстапува.

Како се напредува во наводното решавање на косовскиот проблем, евидентно е дека сè помалку се зборува за она што се случуваше во Косово во деведесеттите години и за одговорноста на Србија. Како тоа неосознавање на вистината ќе се одрази врз наводно посакуваниот резултат – нормализација на односите на двете држави и нивните граѓани?

Никако. Но, никој не ни сака нормализација. Кому е грижа за тоа? На политичките елити? Чувај боже, па тие живеат од конфликтот. Интелектуалните, црковните елити? Ни најмалку – значајни делови на тие елити живеат од таа омраза, без тоа, тие како и нивното дело би биле минорни. Тнр. стопански елити? Па мнозинството од нив, тнр. прв милион го заработиле во војата. „Нoрмализацијата“ е напорна, тешка, таа нема многу обожаватели.

Моментално околу косовското прашање се одвива уште еден паралелен процес и тоа во опозицискиот свет. Се здружуваат, преговараат за тоа Вук Јеремиќ, Бошко Обрадиќ, ДСС и Драган Ѓилас, заземајќи став дека никако не би требало да се потпишува правно обврзувачки договор со Приштина. Како гледате на таквата општествено – шплитичка ситуација, преоптоварена со националистички пристап?

Тоа не е прв пат. Тоа го имавме и во деведесеттите години. Најголем дел од опозицијата тогаш програмски трчкаше до Милошевиќ и викаше дека тие подобро би ја воделе војната. Тоа потекна од тоа што на крајот на осумдесеттите години Милошевиќ всушност ја зеде националистичката програма од интелектуалната елита, чиишто претставници подоцна направија опозициски партии. Тоа беше тој нерешлив јазол затоа што власта ја спороведуваше опозициската програма. Затоа не можевме да излеземе од тоа повеќе од деценија, бидејќи зошто луѓето би гласале за епигони? Ова сега е речиси идентично, опозицијата ја критикува десната власт од уште „по-десни“ позиции и нуди уште поголемо ништо. Е, па тогаш навистина – ништо.

Сегашност без иднина.

Неодамна на една трибина за ревизија на историјата изјавивте дека како општество останавме замрзнати во времето на Слободан Милошевиќ. Во таа смисла, каква иднина предвидувате?

Не знам да ја предвидувам иднината, но се обидувам да разберам каква ни е сегашноста според моделот што доминира. На пример, ако ги анализирате учебниците по историја, главно во нив наоѓате идентично толкување на причините и текот на војните во деведесеттите какви што имавме и додека траејаа тие војни. Ако ни по сè што се случи не можете ни најмалку да се придвижите во своето гледање на себе и сопственотот минато, тогаш не ни можете да зачекорите во иднината.

Слика: Предраг Кораксиќ Коракс

Извор: Danas

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото