Вилма Ѓерек, мачена од страсти, ја повикува љубовта и ја очекува смртта

09.08.2018 14:11
Вилма Ѓерек, мачена од страсти, ја повикува љубовта и ја очекува смртта

расказ noir

Точно во 21.15 од излезот на бројот шест во Поштенска улица излезе Вилма Ѓерек (39). Ја видоа во црна наметка за дожд цврсто стегната со појас и во чизмички од темнозелена кожа. Околу зглобот на десната дланка ѝ беше обесен чадор со дршка од темно дрво. Мирисаше на новиот Issey Miyake. Карминот ѝ беше темно црвен. Чекореше брзо како од нешто да бега или како некаде да доцни. Или и едното и другото. При одот ја зафрлаше косата.

Продавачот на пуканки во театарскиот премин тврди дека госпоѓата имала многу црвени очи и дека во трафиката преку улица купила цигари и пакетче хартиени шамичиња.



После нешто повеќе од половина час, забележена е како излегува од такси и влегува во барот Алоха во траектното пристаниште. Во ложите немаше место, па седна на шанкот. Местото смрдеше на влага и пепелници. Келнерот, ислужен, со очи на тажен пес, стави пред нејзе дупла вотка со многу мраз и чиниче со неизлупени кикирики. Повторно почна да врне и мокрите луѓе во локалот внесуваа мириси од накиснатата улица. Ги набљудуваше нивните одрази во огледалото, помеѓу шишињата... и чекаше.

Вилма не заоѓаше на вакви места, ама вечерва ѝ требаше љубов и таа беше дојдена по неа. Беше млад, барем десет години помлад од нејзе и тоа ја пресече, на миг. Отпи голтка од студениот алкохол и извади цигара. Младичот лупеше кикирики и ги пикаше в уста:

– Sorry, госпоѓо, би ти запалил, ама не пушам, ебате.

Висок тип, со крупни дланки и широка челуст. Не е некој убавец, ни кавалер, а сосема сигурно е и без скршена пара. Би можел да има дваесет и шест години, дваесет и осум? Здрави заби, бели, правилни.

Мина со јазикот преку секачите, горните, да ги избрише евентуалните траги од кармин, некаков стекнат рефлекс, го погледна преку кренатата чаша и се насмевна:

– Една дупла вотка и за господинот...

– Жорж, сите така ме викаат.

– За господинот Жорж – го одмери со постмевлива насмевка и префрли нога преку нога на високото барско столче, така што шлицот од здолништето откри бело месо во тенка црна чорапа.

Жорж во голтка ја искапи својата вотка и прекрши на половина кикирики од кој, на негово задоволство, испаднаа дури три зрна.

– Остави го тоа – го фати за раката – имам нешто подобро за нас, рече и стана.

По половина минута стана и тој и, намигнувајќи му на уморниот и рамнодушен келнер, тргна кон женското веце. Вилма штракна со клучот, а типот жестоко ја грабна за рамениците.

– Чекај, не овде... – го оттурна и од чантата извади огледалце врз кое внимателно истури малку бел прав, кој, треперејќи, внимателно го распореди во линии. Тоа беше сè што ѝ беше останало од бившиот љубовник, неколку грама задоволство. Завитка банкнота, илјада куни, нова, шушкава, во цевче и добро повлече, остатокот го истри во непцата.

– Не дувај во тоа, Жорж, не е тоа говедска супа! – му ги подаде огледалцето и банкнотата. Тој шмркна, а таа му го пикна показалецот во устата и му нанесе трошки бела пудра. Другата му ја завлече меѓу нозете и го заскокотка, нежно.

– У е-ба-те, која добра роба – зајачка типот.

– Немој само да ми паднеш, ми требаш – рече Вилма и излезе од тоалетот.

Неговиот стан, една соба со чајна кујна, висеше над пристаништето. Во ноќта светеа големите бродови кои заминуваат на далечни патувања. Од нив никој никогаш не мавта, никој не стои на клунот и затоа среќата на тие нестварни патници му станува уште постварна на оној кој останува на брегот следејќи како испловува чудесниот товар светлина. Дождот сопре и небото над темното море малку се разретчи.

Жорж лежеше гол и мирен со главата врз Вилминиот бок, а таа, потпрена на перниците, ја набљудуваше ноќта во траектното пристаниште.

На радио пееше Били Холидеј. Не, нема потажен инструмент од страсната, распукана труба на Бак Клејтон. Се слушаше и крцкањето на плочата, можеби уште понекогаш пуштаат плочи или само ѝ се причини, можеби тоа е само прерано остарениот глас на Лејди Деј, кој така крцка... А потоа најавија дека утредента утрото ќе биде ведро, сончево, што беше многу чудно да се чуе во тој миг, како на пример во некој филм во кој целото дејствие се случува ноќе и сите многу пијат и бендот свири блуз.

Одеднаш стана и отшета кон вецето, гола и босонога, тетеравејќи се полека, дамски, со малото чантиче во раката.

Жорж сакаше да ѝ каже да побрза, дека е пак спремен за нејзе, нејзиниот голем дечко, дека ја сака и чека и такво нешто слатко, ама беше прилично пијан и премногу пос- пан за да каже што било.

Во точно 00.23 се слушна истрел.


***

Владимире, јас сега се убив и чекам да дојде некаков лифтбој и да ме поведе долу во пеколот. Таму ќе се сретнеме, мој мил убавецу. Ќе имаш и што да чуеш, кукло. Стигнувам, па да ти раскажам.

Оној ден кога излета од патот и загина, мислев дека ќе умрам. А потоа се случи нешто што мојата смрт ја одложи на неколку дена.

Пред погребот ми ги донесоа твоите работи, меѓу нив и мобилниот. Знаеш дека никогаш не сум ти чепкала низ работите, ама чувствував дека тоа апаратче, ако го вклучам и го направам живо, ќе ми врати дел од тебе. И верувај ми, драги, баш така беше! Погодуваш... Или не?!

Имаше неколку неодговорени повици од ист непознат број. Телефонот веројатно ѕвонел покрај тебе кога веќе си лежел мртов. Се јавив и, погодуваш?

Беше многу вознемирена, таа... личност. Без здив рече:

– Љубов, конечно, веќе полудев од грижа!

Го прекинав повикот. Без збор. Мобилниот упорно ѕвонеше сè додека не го исклучив.

Мал курвин сине.

Морам да забележам дека после седум заеднички години ми остави опак тестамент: твојата љубовница да ја известам за твојата смрт.

Можеш тоа да го толкуваш како сакаш, Владимире мил, ама не ѝ се јавив за веста за твојата смрт да ѝ ја соопштам по телефон. Можеби некакво човечко, женско, какво веќе сочувство надвладеа, а можеби едноставно сакам да видам како нејзиното лице се грчи пред мене, зашто не е сигурна смее ли да плаче. И оној мал сребрен пиштол кој ти ми го подари, се сеќаваш, зашто божем се плашеше поради моите ноќни прошетки, и него го зедов. Вечерва некој ќе умре.

Планирав можеби и да ја убијам, ама, не плаши се, ете, не ја убив. Да си жив, таква помисла не би ми била ни на крај памет. Ти ме остави сама, без себе, без можност да те мразам, без можност да те оплакувам.

Само ноќта која не престанува, знаеш, како во оние филмови во кои сите многу пијат и постојано свири блуз и некој умира веќе на почетокот.

Те интересира таа?

Кога стигнав во нејзиниот стан на Поштенска број 6, како што претходно ми објасни кога сепак ѝ се јавив и реков дека мораме да се најдеме, имаше на лицето некаква козметичка маска. Хахаха, дали е тоа смешно или морбидно? И така, стоеше пред мене, јас бев на вратата, и врескаше, се превитка и врескаше. Сигурно те сакала. Дали повеќе од мене? Не е важно. Зошто би пукала во жена која со козме- тичка маска на лицето вреска на подот по цркнатиот љубовник?! Веќе ја бев убила. Како што и ти ме уби мене.

Сега, еве, лежам овде, застрелана, врз белите плочки од некоја бања или чекалница, некој ќе ме собере и ќе ме одведе, однесе, само се надевам дека тоа ќе биде брзо, зашто веќе ми станува студено.


***

– Вилма?! Госпоѓо, еј госпоѓо... Мамето дрогирано! Еден висок младич во бела наметка стоеше над нејзе.

– О, месје лифтбој!

– Ебате, жено, мислев дека скроз си се рокнала.

– Мртва сум?

– Не си, госпоѓо, ама јас би можел да бидам кога газдата ќе види како си му го средила вецето. Не ми е јасно за кој кур си пукала во огледалото!?

Жорж ја крена од подот полн срчи и ја однесе на кревет. Вилма гласно липаше на перницата, тој ѝ ги миеше исечениците од падот врз парченцата стакло.

– Ѓаол да ме носи ако ги разбирам жениве... – промрче момчето поминувајќи со крпче врз нејзиното голо тело кое трепереше од плач. А потоа осети дека му се дига и му беше некако незгодно пред самиот себе.

Долу во пристаништето се слушаше песна на пијани морнари. Жорж ги навлече завесите и ѝ рече на Вилма:

– Спиј.

Превод: Игор Исаковски
Цртежи: Marcel van Eeden
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

ОкоБоли главаВицФото