За Косово, малините и геј парадата

10.08.2018 02:13
За Косово, малините и геј парадата

Можеби ви се чини дека нешто сум помешала во насловот, сум го споила неспоивото, сум помешала „баби и жаби“? Прво, тоа не го поврзав јас туку министерот за полиција Ивица Дачиќ. Второ, тоа не се некои небулози. Напротив! Тоа е суштината на српската политика. И тоа веќе два века.

Деновиве министерот изјави: „Во ситуација кога може да се случи агресија на северот од Косово, само уште ни треба протест на одгледувачите на малини и геј парада“. Во тие зборови се наоѓа клучот на сите политички идеи во Србија, во нив е рецептот за владеење и сржта на сите проблеми. Со други зборови, таа реченица значи: немојте сега со економски прашања, а особено не со човековите права, кога на Косово се случува драма. Епа „Косово“ служи токму и за тоа. Тоа е мантра која овозможува постојано сè да се држи во замрзната состојба, како „прашање на сите прашања“ да го попречува поставувањето на кое било друго прашање, да ги кочи сите други текови и, пред сè, да го оневозможува развојот на Србија.

И така од 19 век. Од моментот кога кон средината на тој век била формулирана националната политика било јасно дека таа е тешко остварлива. За да се тргне на запад во Босна, прво требало да се победи Османското царство, а подоцна Австро-Унгарското. За да се тргне исто така кон посакуваниот југ, на Косово и Македонија, повторно требало да се победат Османското царство и низа соседни, исти такви амбициозни национални програми. Требало да се придобие и поддршката барем на некои од големите сили. И, природно, не одело. Се потрошиле децении на тие обиди. Се воделе неколку војни. Сите пари оделе за остварување на националните цели, секој развој бил закочен. И секогаш била присутна истата реченица: „Лесно ќе ни биде со демократија, пруги, патишта, школство, здравство, квалитет на животот, животен стандард... Само прво да го решиме прашањето на сите прашања, да повлечеме јасни граници на нашата земја...“.

Но, границите до денес не се јасно и дефинитивно повлечени. Поточно, српската политика никогаш не се помирила со границите во кои се наоѓала земјата. Дури ни тогаш кога биле „максимални“. И сите прашања останувале отворени. И сите политички генерации непогрешливо ја разбирале користа од таквата политика. Ќе се постави неостварлива цел и тогаш сè станува можно: постојано се одржува напнатоста во општеството и се обезбедуваат изборни победи, зашто само вие можете да доведете до остварување на „недосонуваниот сон“; постојано се заменуваат тезите и прашањата кои се на дневен ред и сè што е непријатно се совпаѓа со она што е прогласено за главно; се опструира развојот на демократијата, зашто „токму сега ни се најпотребни соборноста и потчинетоста само на една мисла“; се кочи економскиот развој зашто сите, инаку мали, средства одат во дупката на пропаднатата политика; без економски развој останувате нетрансформирано, предмодерно општество; во предмодерното општество лесно се владее авторитарно. Ако сепак дојде до криза на власта, ќе ги потсетите неблагодарниците дека „не е момент“ и дека сте баш на работ да го решите „Она“.

Сето тоа го знаеле и на почетокот на дваесеттиот век. Весникот на владејачката Народна радикална партија, за барањата на опозицијата за поголема слобода на печатот во 1905 година, пишувал: „На Србија повеќе од кога било ѝ треба еднодушност за да може да се најде на висина на сериозните закани кои се на прагот, а „назависните“ српски весници се трудат да ја попречат на нејзиниот пат“. Со тоа недвосмислено, како и Дачиќ, весникот заговарал иста политичка суштина и без дилеми покажувал дека постојаното плашење на населението со некакви катаклизми и војни што ќе се случат, како и со постојаното одржување зголемена температура, пред сè јасно служи за една цел: намалување на слободата на граѓаните на Србија и зацврстување на власта.

Тогаш ни опозицијата не била наивна и неа сè ѝ било јасно. Има еден брилијантен текст во социјалдеморатскиот Работнички весник, кој на пародичен начин сведочи дека политичарите и граѓаните во Србија пред цел еден век ја „сфатиле“ таквата „политичка филозофија“. И не само социјалдемократите од 1912 година, туку тие се повикуваат на Јован Јовановиќ Змај, кој тоа го разбрал во некоја претходна „политичка драма“. Насловот на текстот бил „На пролет“, а клучниот заклучок е во следните реченици: „Некаде Змај во една песна ги прогнозирал извиците на нашите патриоти: На пролет! со кои тие од година во година им ветувале дека напролет ќе го почнат делото за обединување и ослободување на српството. И сега веќе почнуваат да се испуштаат мрачни гласови: дека пролетта ни носи бура, судбоносни настани. И додека на еден особено прилагоден, мистериозен начин, господата трубат за опасноста која може да настапи напролет и го збунуваат народот не кажувајќи каква е опасноста, тие истовремено се подготвуваат за пролетни избори, кои треба да ги спроведат под една креирана мачна психолошка состојба за гласачите и со извештачената парола: „Одбрана на татковината“.

Значи, ништо ново. И Србија нема да се промени сè додека не се промениот таквиот редослед на нештата, додека не дојде до коперникански пресврт токму во односот помеѓу Косово, малините и геј парадата. Ако државата сфати дека геј парадата е важна, тоа би значело дека таа сфатила дека нејзина задача, на прво место, е заштитата на правата на секој поединец. Најпосле, тоа е и во нејзин интерес. Би создала чувство на сигурност кај своите граѓани кои би ѝ овозможиле да биде многу посилна отколку што инаку е во очите на оние кои не ѝ веруваат на ниту еден збор. Тоа би значело и дека почнала да ги почитува законите и да станува правна држава, што би било почеток на крајот на нашата, исто така речиси два векови долга, традиција на партиска држава. Тоа би бил знак дека државата почнува да размислува плурално и дека не го малтретира она што не личи на неа, а тоа ќе ѝ ја придобие поддршката на оние делови од општеството што не ѝ се наклонети и ќе ја направи помоќна. Тоа би било сигнал дека државата најпосле сфатила дека малцинството е клуч за демократијата, дека тоа е подеднакво важен дел од системот како и мнозинството, дека правата на мнозинството се сомнителни ако не се ограничени со правата на малцинството и дека, најпосле, во иднина, малцинството може да стане мнозинство. Со таквото признавање се предупредува уште една наша тажна традиција, традицијата на пресврт, револуција и крвави пресметки. Така државата би сфатила дека и таа е тука заради своите граѓани и дека треба да се менува себеси, а не нив. Значи, тоа би била една сосема поинаква држава.

Кога малините би биле важни во нашата држава, тоа би бил знак дека приоритетите најпосле се промениле. Така ќе се испрати сигнал дека развојот е ставен на некое поважно место на имагинарната скала на цели. Тогаш би можело и да се знае како ќе се тргне кон тој развој, на што ќе му се даде предност, во каков однос ќе бидат земјоделството и индустријата, како ќе се дојде до капитал, каква ќе биде политиката на инвестициите. Во сиромашна земја во која речиси секое производство е застанато, а земјоделството изумира, би било од егзистенцијално значење да се размислува како сето тоа да се придвижи. Со сите разлики, на почетокот од 20 век Данска имала речиси исти, слаби економски резултати како Србија. Тогаш се повлекла линија и се заклучило дека Данска има нешто од што треба да тргне – млекото. Можеби во Србија треба да се почне од малините? Но тоа би барало план за развој, стратегија за економски раст, сериозна економска програма и соодветна фискална и кредитна политика. Значи, кога малините би биле важни, тоа би била една сосема поинаква држава.

Е, кога би се ценеле човековите права и малините, верувам дека и за Косово би имало некакво решение. Во најмала рака решение кои нема да создаде нови колони бегалци.

Извор: https://pescanik.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото