Некој бил тука (извадок од роман)

10.08.2018 16:53
Николина Андова Шопова  Некој бил тука (извадок од роман)

Забележав бели тенки папучи што ѕиркаа под креветот на спалната, ги извлеков со ножниот палец и видов дека на внатрешната мека страна со мали, извезени, вдлабнати букви, ракописно пишува: Treat yourself, Spa and Welness Centre. Полека ги сместив стапалата во нив и петиците ми останаа надвор; сепак, ги влечкав низ станот зашто и таа ги носела на гола кожа.

Во плакарчето со расклатена вратичка, кое стоеше до влезната врата, имаше само чизми, ниски сиви, и некоку пара високи во различни бои, од кои црните беа со синџирче. На долната полица имаше крпи за чистење, стари потемнети виледи и маички со партиски амблеми и слогани, избледени и износени.

Пробуричкав и меѓу крпите најдов развлечени танга гаќички, дизајнирани на предната страна со нешто што сребреникаво светкаше и личеше на крлушки од риба или на стари лимени ќерамиди по пороен дожд. Мирисаа на средство за чистење или, пак, го впиле мирисот од останатите крпи – се прашував што би бришела со такво мало, тенко и неупотребливо парталче. Еднаш ја видов Ирина како го брише венецијанерот со својата „армија на тажни гаќички“ како што понекогаш ги нарекуваше. Имаше цела фиока преполна со гаќички, речиси во сите бои, шарени и свиленкави, што повеќе не ги носеше и ги претвори во крпчиња за чистење. Неколку дена по средбата со Емил, откако за првпат по долго време со смеење се навративме на нашите почетоци, ја видов како ги облекува црните гаќички со тантела наместо ластик што ѝ ги подарив неколку месеци по породувањето со Натали. Мислев дека и нив ги претворила во крпа, и се изнанадив кога застана пред мене за повторно да ја видам во нив, и кога го спуштив погледот, како да се премисли, збунето ја облече пижамата и засрамено седна пред компјутерот. Мислам дека ја чув таа ноќ како плаче, но не ја прашав што ѝ е, бидејќи тоа, како и секогаш, се подразбираше. Можеби и Сопственичката го чуваше овој пар поради сентименталнни причини, па решила да ги пикне меѓу крпите наместо во корпата за ѓубре. Ги доближив до устата, среќен што конечно ќе го задоволам непцето со вкусот што го посакував. Ја подигнав главата како да јадам шпагети и го докачив врвчето со јазикот. Ја изџвакав врвката и ги протрив образите со сребрените крлушки, кои грубо гребеа по моето лице. Знаев дека ќе ми останат црвени траги и уживав во својата проклето чувствителна кожа, која ме печеше и сѐ повеќе и повеќе се вжаруваше.




Горниот извадок е дел од романот Некој бил тука од Николина Андова Шопова. Романот деновиве се појави во скопските книжарници. Во средиштето на приказната е татко кој се соочува со загубата на својата ќерка. Дали може да помогне бегството во нечиј туѓ стан? Мирисањето женски долен веш? Триењето на образите од рапав ѕид? Турпијата во кожа?

Некој бил тука е психолошки убедлив и вознемирувачки длабок роман; го лови моментот кога болката станува лудило и смрт. Овде ќе сретнете мртви риби со ококорени очи, во ќеса, спремни за чистење, безглави кокошки што летаат, турпија во прашина, отров во плико... - смртта демне на сите страни во романов! Обеспокојувачка драма раскажана на зачудувачки поетичен и смирен начин“ вели Никола Гелевски, уредник на изданието, за најновиот роман во едицијата Магма на книгоиздателството Темплум.

Ова е прв роман на Андова Шопова, која досега објавувала поезија, хаику и раскази. Во 2013 ја објави првата поетска книга Влезот е од другата страна;Поврзи ги точкитe, втората стихозбирка, излезе во 2015 година; двете во издание на Темплум.