Жени научници во кампања за разбивање на родовите стереотипи

11.08.2018 02:16
Жени научници во кампања за разбивање на родовите стереотипи

Две жени научници покренаа кампања преку која сакаат во секое јавно училиште во Велика Британија да достават примерок од книга која ги побива прифатените научни „факти“ за жените.

Идејата доаѓа од физичарката Џес Вејд и хемичарката Клер Мареј кои прибираат средства преку краудфандинг кампања за набавка на книгата „Инфериорни: Како науката погреши со жените и новата наука која ја пишува приказната одново“ (Inferior: How Science Got Women Wrong and the New Science That’s Rewriting the Story) на писателката Анџела Саини.

Тие се надеваат дека ќе соберат 15.000 финти со цел што повеќе млади девојки и жени да се охрабрат во едуцирањето за структуралните бариери со кои се соочуваат и како да ги надминат.

„Читањето на оваа книга ги измени нашите животи и целосно го промени начинот на кој мислиме за различностите. Постојат голем број на кампањи за вклучување на девојчињата во науката, но и покрај тоа што се потрошени многу пари, не постојат докази дека тие кампањи функционираат“, вели Вејд.

„Сепак оваа книга е вистинско освежување, наместо да кажува колку трпиме неправеден однос бидејќи сме жени, таа е напишана од инженер кој проучува од каде потекнува таа пристрасност и како таа ја има окупирано нашата социјална свесност“, додава таа.

И покрај големите средства вложени во привлекување на жените во науката, нема многу напор околу тоа тие да се задржат во тоа поле, објаснува Вејд.

„Всушност за да се подобрат бројките потребни се добри учители, водење во кариерата кое ќе ви покажува што да учите и колку можете да очекувате да заработувате и структурно работно искуство, а не само гледање на досадни видеа“.

Научниците посочуваат дека младите жени сочинуваат само една петина од најдобрите студенти по физика, четвртина од средношколците и една десетина од професорите по физика.

„Ова не е само поради можностите. Девојките се подобри од момчињата на матурските тестирања. Не е ниту во прашање ентузијазмот. Се работи за светот во кој живееме во кој на децата им се кажува дека девојките и момчињата се добри во различни работи. Среќаваме многу девојки на кои, и покрај тоа што се брилијантни, им недостасува самодоверба и не се сигурни во нивниот потенцијал да бидат научници“, објаснуваат во пораката на кампањата за краудфандинг.

Книгата „Инфериорни“ ги проучува причините за стереотипите, потенцирајќи дека дури во 1948 година жените можеле да дипломираат на Универзитетот во Кембриџ (мажите тоа го можеле од 1209 година), а дури од 1946 година можеле да станат членови на Кралското друштво за развој на знаењето за природата (каде мажите членуваат од 1600 година). Писателката Саини пишува и за предрасудите на некои од најголемите умови во историјата, како на пример Чарлс Дарвин, кој тврдел дека жените секогаш ќе бидат помалку интелигентни од мажите.

Писателката ветила дека ќе ја потпише секоја книга која ќе ја набават преку кампањата, додека издавачот се согласил да го дуплира износот кој ќе биде прибран низ кампањата и да ја организира дистрибуцијата на книгата.

„Сакаме луѓето да сфатат од каде дошле овие глупави стереотипи и да ги побиваат секојдневно“, вели Вејд.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото