Кој од политичарите ќе вработи член од семејството – 3 години робија

11.08.2018 02:57
Кој од политичарите ќе вработи член од семејството – 3 години робија

Францускиот парламент усвои закон за моралноста на политичкиот живот со кој на политичарите им се забранува да вработуваат членови на своите семејства, што е првиот поголем законодавен потфат на претседателот Емануел Макрон.

Законот им забранува на министрите, пратениците и членовите на локалните власти да ги вработуваат венчаните или невенчаните сопружници, родителите и децата под закана од тригодишна казна затвор и 45 000 евра.

Законот го поддржаа 383 пратеници, тројца беа против, а 48 воздржани. Пратениците од владејачкото мнозинство аплаудираа по гласањето за законот.

Министерката за правда на Франција Никол Белубе честиташе, како што рече, за мошне позитивниот сигнал до сограѓаните.

Комунистичкиот пратеник Пјер Даревил прокоментира дека „слонот родил глушец“.

Макрон вети брзо усвојување на овој закон откако претседателската кампања ја доведе во прашање подобноста на некои кандидати.

Претседателскиот кандидат од десницата Франсоа Фијо, кој на почетокот од кампањата беше фаворит за нов шеф на државата доживеа ненадеен пад на популарноста откако изби скандал заради фиктивните работни места во парламентот на неговата сопруга Пенелопе и две од нивните пет деца.

Во екот на кампањата против Фијо беше покренато прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавни средства. Подоцна беше покренато обвинение и против неговата сопруга.

На мета на истрага за измама и малверзации беше и екстремно десничарската партија Национален фронт на Марин Ле Пен.

Законот предвидува и други видови контрола на пратениците, меѓу кои е и забраната до добиваат советодавни активности за да не дојде до конфликт на интереси како и нов систем за контрола на нивните трошоци, а надзорот над сето тоа ќе го врши Министерството за економија за да се избегне прикривање данок и други малверзации.

Пред францускиот парламент следната среда ќе се најде уште еден закон за морализација со кој ќе бидат укинати дополнителните финансиски средства кои пратениците досега можеа да ги пренасочуваат кон заедниците и општеството според своја желба.

Клучни закони

Парламентот треба да разгледа уште два клучни нацрт-закони кои ги вети Макрон за време на кампањата.

Еден од нив се однесува на борбата против тероризмот, а предвидува јакнење на мерките за безбедност во борбата против тероризмот како и јакнење на внатрешната безбедност на земјата за во блиско време да биде укината вонредната состојба воведена во 2015 година по терористичките напади во Франција.

Вториот нацрт-закон се однесува на либерализација на законот за труд заради намалување на невработеноста, пренесуваат агенциите.

Извор: http://www.6yka.com