Југословенската архитектура била во сржта на модерноста

11.08.2018 02:13
Југословенската архитектура била во сржта на модерноста

За архитектурата што се создавала во поранешна Југославија, особено бруталистичката, ме заинтересираа истражувањата на редица стручњаци. И на запад се објавуваат голем број публикации затоа што, едноставно, порасна академскиот интерес за ова, досега слабо познато подрачје, барем во нашиот дел од светот. Се заинтересрав и од социјалните мрежи, каде сè почесто можеме да ги видиме спомениците и архитектурата од ова подрачје.
Верувам дека изложбата претставува нов придонес во истражувањето на недоволно истражените поглавја на историјата на светот поделен со студенеата војна. И едноставно созреа времето за како музеј почнеме да се занимаваме со оваа тема, вели Мартино Стиерли, главен кустос на Одделот за архитектура и дизајн на Музејот на модерна уметност во Њујорк.

Поширока интерпретација

Да потсетиме дека познатиот музеј МоМА ја најави изложбата со насловот „Бетонска утопија: Архитектурата во Југославија 1948 – 1990“ и станува збор за прва ваква опсежна изложба на архитектурата од подрачјето на поранешна Југославија во Америка, иако МоМА повремено се занимаваше со уметноста од овие простори во рамки на поширока интерпретација на уметноста од источна Европа, а Сања Ивековиќ имаше и своја самостојна изложба, ова е прв пат конкретно да се занимава со архитектурата и тоа исклучиво со онаа што била создадена во поранешната држава.

Иван Витиќ: Облакодер во Загреб (1957. - 1962). Цртеж со темпера од архивата на Иван Витиќ во ХАЗУ

Главни соработници

За изложбата веќе пишуваа голем број меѓународни медиуми. Првото поголемо интервју по повод изложбата, Стиерли го даде за хрватскиот „Јутарњи лист“. На почеток е прашањето како ги избирал соработниците. „Главен соработник е Владимир Кулиќ, кој предава архитектура на Универзитетот во Флорида и своите дела ги објавил на англиски јазик, а тука е и цел тим соработници од регионот“, одговара Стиерли.

Изложбата беше отворена на 15 јули, 2018 година и ќе трае до 13 јануари идната година и вклучува цртежи, архитектонски макети, фотографии и филмски инсерти, некои од нив прв пат се прикажуваат во јавност. Како е поделена изложбата?

„Има неколку доминантни теми. Посебно се издвоени четворица архитекти, кои биле не само исклучително квалитетни автори, туку биле и клучни јавни фигури, интелектуалци. Со други зборови, важен ни беше контекстот на овие архитекти, нивното пошироко влијание врз општеството, тие се симбол на силни фигури. Еден од нив е Вјенцислав Рихтер. Тој бил многу иновативен во обликувањето, што особено го покажува неговиот павилјон со кој во 1958 година, Југославија настапила на Светската изложба (EXPO) во Брисел (тој павилјон и денес се наоѓа во овој град, но сега е во функција на католичко училиште), но и неговите проекти од сферата на ситноурбанизмот и утопијата.

Потоа Богдан Богдановиќ, неговиот, би рекол, речиси надреализам, особено во споменичната архитектура. За мене беше и големо откритие она што Јурај Нидхарт (Juraj Neidhardt) , своевремено соработник на Ле Корбизје, го работел во Босна; станува збор за многу специфичен спој на традицијата и модернизмот. Четвртиот е словенечкиот архитект Едвард Равникар, кој го обликувал главниот љубљански плоштад, а бил и политички активен“, објаснува Мартино Стиерли, кој патем, сите презимиња ги изговара со точен акцент. Додава дека и неколку проекти покрај споменатите четворица автори, особено го воодушевиле: „Тоа е хотелскиот комплекс Халудово на Крк и стадионот Пољуд во Сплит на Борис Магаш, како и прекрасната Бела џамија во Високо на Златко Угљен“.

Миодраг Живковиќ: Споменик на Битката на Сутјеска во Тјентиште (1965. - 1971)

Темата споменици

На изложбата се прикажани и „делата на современи уметници кои се занимаваат со темата архитектура и споминици, као Јасмина Цибиќ и Давид Маљковиќ“. Маљковиќ се занимавал и со спомениците, на пример на Војин Бакиќ на Петрова гора. Стиерли го спомнува и Богдан Богдановиќ, кој е автор на дваесетина споменици, меѓу кои е и Камениот цвет во Јасеновац шо самиот автор го опишал како „верба во животот“. Но многу споменици денес се во лоша состојба, како и многу дела на архитектурата што биле создавани во периодот што го обработува изложбата, од комплексот Халудово па натаму. Дали авторите на изложбата се занимавале со состојбата на овие градби и споменици денес? „Да, но тоа е помал дел од изложбата. Нас пред сè, нè интересира какви биле делата создадени во периодот со кој се занимаваме.“

Дали изложбата има посебен дел посветен на спомениците, повеќе од илјада кои се изградени во поранешна Југославија и тоа со специфичен апстрактен јазик, тема што во последно време е прилично интересна за западот?

„Всушност, овие споменици кои симболизирале еден таков заеднички идентитет и почнав да ги следам преку социјалните мрежи, како што спомнав. Не ни наслутував колку ги има. Неколку меѓународни автори кои ги снимаа спомениците,а за изложбата ги снимаше швајцарскиот фотограф Валентин Џек. Да, за нив е посветено посебно поглавје, но акцентот не е на нив, зашто за нив веќе многу се зборуваше и во стручната и во пошироката јавност.“

На прашањето како ќе реагира американската публика на оваа тема, како ќе ја прифати изложбата, колку тоа ја интересира, Стиерли одговара: „Ако зборуваме за пошироката публика, не само за потесната стручна, претпоставуваме дека ова подрачје не е доволно познато.

Но кога ќе дојдат на изложбата, верувам дека уште повеќе ќе се заинтересираат бидејќи квалитетот на архитектурата говори сам за себе. И самата тема на брутализмот во архитектурата во последно време ги полни музеите. А интересно е и прашањето што се случува со спомениците што настанале во некое поранешно време.

„Не знам колку ви е познато, монентално во Америка се расправа за обнова на спомениците од Граѓанската војна, за тоа што значи за уметничката вредност на споменикот кога тој ќе го промени значењето, кога ќе се промени контекстот во кој настанал“. Стиерли натаму повикува и на игра на зборови од насловот на изложбата за архитектурата во Југославија, која на англиски гласи „Concrete Utopia”.
“Concrete во овој случај може да значи и ‘конкретна’ утопија и ‘бетонска’ утопија, зависи како читате. А утопија затоа што социјалистичкиот систем произвел и редица значајни утописки проекти“, вели тој.

Јанко Константинов: Телекомуникациски центар во Скопје, Македонија (1972 - 1981)

Иако тоа во последно време се донекаде се менува, дали западот во архитектурата на овие краеви гледал како на периферна, впрочем како и на уметноста и театарот на овој регион?
Една од клучните тези на изложбата е дека југословенската повоена архитектура не била периферна, туку во самата суштина на модерната архитектура“.

По повод изложбата издаден е и обемен каталог, а во воведот се истакнуваат три теме: Владимир Кулиќ, професор по архитектура на Универзитетот во Флорида, инаку белградски ученик, пишува на темата „братство и единство“, Мароје Мрдуљаш, теоретичар од Хрватска пишува за „самоуправувањето“, а самиот Стиерли за „геополитичката ситуација“. Во времето на студената војна, Југославија го одбрала третиот пат, на неврзаните. Како според него тоа се одразило врз архитектурата?

„Територијата на поранешна Југославија историски е сместена на крстопат помеѓу Истокот и Западот. Во многу строго поделениот светски поредок, таквата позиција водела кон релативна отвореност и кон двете страни. Сигурно е дека сето тоа се одразило и врз архитектурата на периодот кој се простирал од тнр. интернационален стил во градбата на облакодери па до бруталистичката, социјално ангажирана архитектура. Таа била манифест на радикалниот плурализам, хибридноста и идеализмот“.

Повеќе пати сме пишувале за слободата што била допуштена, за Боб Гучоне и зајчиците на „Пентхаус“ кои во седумдесеттите години доаѓале на Халудово. Се точело шампањско, се јадел кавијар, додека Гучоне тврдел дека ја пронашол формулата против студената војна. Со посериозен тон, своевремено, изложбата „Студената модерна војна“ во лондонскиот музеј „Викторија и Алберт“, покажала дека во некогашна Југославија имало повеќе слобода отколку во останатите држави од Источниот блок. Имено, изложбата ја тематизирала и тнр. кујнска дебата што ја воделе Хрушчов и Никсон, а во која на површина испливала свесноста за важноста на архитектурата и дизајнот при прикажувањето на достигнувањата на државите и идеологиите кај двајцата водачи. Споменатата лондонска изложба и низ делата на Пицељ и Рихтер, меѓу останатите ја покажала поголемата уметничка слобода.

Едвард Равникар: Плоштад на револуцијата (Денес Плоштад на Републиката) во Љубљана (1960 - 1974)

Павилјонот на Рихтер

На прашањето до Стиерли дали верува дека баш така било, тој одговара: „Павилјотнот на Рихтер од Брисел, кој го спомнав, ги покажува највисоките можни достели на модернизмот во тоа време. Соцреализмот се појавил непосредно по војната, но многу брзо бил напуштен. Се разбира, јас не сум стручњак за политички прашања. Запознаен сум со говорот на Јосип Броз Тито во кој се пресметува со апстракцијата, па така и со уметничката слобода. Од друга страна, бил свесен за важноста на квалитетниот дизајн во обновата на земјата. Владата ја започнатла брзата модернизација и следел градежен процут за да се забрза порастот на економијата и да се подобри животот на граѓаните на Југославија. Иако социјалистичката држава не зазела официјален став за архитектонските стилови, преку институционалните нарачки на разни нивоа била прифатена модернистичката архитектура.

„Може слободно да се каже дека Југославија била единствената социјалистичка држава во Европа во која модернистичката архитектура била поддржана на тој начим и речиси без прекин и се оттргнала од советското влијание“, вели Стиерли и додава: „Исто така, а тоа ќе го покажеме на нашата изложба, архитектите од Југославија често заминувале да градат во африканските држави со кои земјата негувала политички врски, но и градежни договори.

Натаму, факт е дека и Кензо Танге, еден од најголемите архитекти на епохата, на меѓународно ниво работел на обновоата на Скопје по војната, што Обединетите нации потоа го користеа како пилот – проект за сите повоени обнови на градови настрадани во земјотреси.“

Нови градови

Посебни теми на изложбата се урбанизамот на Нов Загреб и Нов Белград. Конкретно, овие населби со неодамна се сметале само како спални соби, но поновите истражувања, во последните неколку години покажуваат колку станува збор за населби по мерка на човекот. Се толкува дека го оствариле сонот на Ле Корбизје за живот во парк, дека тие места се пожелни за живеење. Значи, што мисли Стиерли за урбанизмот на двата нови делови на овие градови?

„На местата на кои се изградени Нов Загреб и Нов Белград дотогаш немало ништо. Пред сè Нов Белград, а потоа и Нов Загреб се многу храбра рекапитуалција на градот каков што можел да биде во повоениот период.

Стојан Максимовиќ: Сава центар во Белград, Конференциска сала (1979)

Можат лесно да се споредат со Чандигар, што Корбизје го градел во Индија, или со Бразилија каде, мешу останатите работеле Лучио Коста и Оскар Нимаер. Ние на изложбата ги прикажуваме оригиналните планови за овие големи населби. Не се сите изведени, некои од нив се граничеле со утопија.“

Тој ја посетил поранешна Југославија, отишол во некои градови. Го споменува Скопје. Што мисли како Кензо Танге би гледал денес на неговото ново уредување, на новото лице на македонската престолнина – може да се претпостави дека не би бил среќен? „Веројатно се превртува во гробот“, вели Мартино Стиерли.

Извор: Jutarnji list

 

ОкоБоли главаВицФото