02 Коалиција за чист воздух: Бараме акција сега, а не оправдувања во зима

14.08.2018 01:44
02 Коалиција за чист воздух: Бараме акција сега, а не оправдувања во зима

На неколку месеци пред периодот на екстремно загадување во Скопје, сведоци сме на необјасниво високи вредности во одделни општини, исто како и минатите години, реагираат од О2 Коалицијата за чист воздух.

Според здружените активисти и еко-организации, особено практично за надлежните институции е што со месеци, различни мерни станици, во различни периоди се исклучени од наводно технички причини. Моментално, велат од иницијативата, податоци за PM2.5 во Карпош нема од 10 август, иако мерната станица не работеше од 29 мај до 11 јуни поради редовен сервис и калибрација.

„Вакви исклучувања по потреба не смее да се случуваат иако со сигурност знаеме дека се правени во минатото за да не се крева паника меѓу граѓаните. Дополнителен факт за игнорирање на опасностите од аеро загадувањето е што фрекфенцијата на луѓе во главниот град во летните месеци е намалена, исто како и интересот за следење на состојбите со загадениот воздух, поради стереотипите дека загадувањата се карактеристични само за зимските месеци“, соопштува иницијативата.

Потенцираат дека се забележани пиковите на загадување и веќе добро препознатливите и одомаќени летни мириси, смрдеа на запалена пластика, гума и други хемикалии, па од надлежните министерства, инспекторати и општини бараат јасни и прецизни одговори кои се загадувачите на Скопје и какви мерки се преземени против нив.

„Приказните за несоодветното греење на домаќинствата и уделот на возила кои учествуваат во загадувањето во овој момент се далеку од соодветни, бидејќи зборуваме за стандардни летни месеци, со температури над 30 степени и намалена фрекфенција поради летните одмори – возилата имаат удел низ цела година, но не се одговорни за пиковите и вредностите од 630, 589, 485, 442, 343, 249, 236 μg/m3 … да не ги редиме тие над 100 за PM10 среде лето. Иако озонот во Центар серизно ги надминува границите, главно поради загадувачките супстанци присутни во воздухот, од возилата и други извори, во комбинација со УВ зраците. Кога сме кај пиковите, прашање до Министерството за животна средина, министерот Садула Дураку и заменик министерот Јани Макрадули: Зошто голем број од високите пикови се отстрануваат отпосле од податоците официјално прикажани на страницата и на нивно место нема никаков податок? Кој одлучува кој податок се отстранува и зошто?“, прашуваат еко-активистите.

Тоа што во изминативе летни месеци имавме исклучително поволно време со чести дождови и повремени ветрови и ова лето остана почисто од претходните, велат активистите, значи дека „сега треба да се тешиме и да чекаме повторно некој ‘од горе’ да не спаси?“

„Недозволиво е ова да се случува, посебно што пред изборно имавме ветувања дека токму ова ќе биде најприоритетниот проблем. Ова летно загадување е само доказ дека огромните константни загадувања во зимските месеци се само сублимација од повеќе извори, но токму овој период е клучниот за полесно да се откријат и санкционираат причинителите, пред греењето и температурните инверзии да стапат на сцена.

Што треба да се направи:

1.Институциите да го регистрираат проблемот – тоа секако не значи да ги исклучат мерните станици или одеднаш сензорите да прекинат да работат иако до пред 50 дена беа на долгорочна поправка/надградба/репарирање.

2.Да се сфати сериозноста – тоа што цел ден е 20 μg/m3, а неколку часови е 80 μg/m3 (за PM2.5), па целодневната ќе биде може и во граници не значи дека нема загадување. Напротив, таквите пикови треба да бидат аларм дека некој, некаде прави недозволиво испуштање на штетни честици во воздухот.

3.Да се излезе на терен – но со новоекипирани, ако треба и хонорарни соработници. Тоа не мора да бидат обучени искусни инспектори бидејќи до сега не се уверивме дека искуството е пресудно за откривање на загадувачите. Напротив, после целата неактивност, веруваме дека може има поврзаност помеѓу загадувањето и замижувањето на инспекциите. Доволно е да се има желба за работа и решавање на проблемот. На располагање се имаат дронови, мобилни мерни инструменти, рачни мерачи, итн. Доволно за да се утврди од каде доаѓа загадувањето.

Да не зборуваме за видливите покрај кеј диви населби кои како и секое лето си работат, горат, иако едно од барањата на О2 Коалиција кое го потпишаа сегашните градоначалници на општина Карпош, Стефан Богоев, Златко Марин од Аеродром, Филип Темелковски од Кисела Вода и Борис Георгиевски од Гази Баба беше „Иницирање на итна постапка и силна заложба за отстранување на дивите населби/населени места на територија на општината. Односно, неодложно покренување на итна постапка за згрижување на луѓето во соработка со сите релевантни институции од локалната и централната власт, вклучувајќи го и Министерството за труд и социјална политика.

4.Спроведување на казнени мерки за причинителите – доколку се сакционираат најголем дел од оние што турбо „работат“ во одредени часови, веруваме дека овие средства ќе бидат доволни за нови мобилни мерни станици / мерачи.

Бараме акција сега, а не оправдувања во зима“, стои во соопштението на 02 Коалиција за чист воздух.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Екологија / Уметност
Активизам / Екологија / Настан

ОкоБоли главаВицФото