1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Мајските демонстрации против намалувањето на работничките права во Париз кое се обидува да го спроведе претседателот на Франција, Емануел Макрон, победата на популизмот во Италија, Унгарија и Полска, продорот на десницата во Австрија, Франција и Германија, победата на Доналд Трамп во Америка, мигрантската криза во Европската унија. Дали овие појави имаат некои заеднички длабочински причини?
Еден од одговорите гласи: имотната нееднаквост, која се зголемува од деведесеттите години до денес, го расипа „социјалниот лифт“, што е етички неприфатливо и општествено неодржливо, покажува истражувањето кое е објавено во јуни 2018 (A Broken Social Elevator? How to Promote Social Mobility) од страна на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Истражувањето опфаќа 35 земји во кои се проучувала општествената подвижност (поместување нагоре или надолу на поединците, семејствата или групите во општествената хиерархија, мерено со споредување на општествено-економската положба, статусот на занимањата, образованието и приходите на родителите и нивните возрасни деца, кое се опишува и со изразот општествена мобилност.)
Извештајот на ОЕЦД покажува дека за девет години околу 60 проценти од припадниците на слојот „најниски 20 проценти“ останале заглавени на дното на општествената скала, додека 70 проценти од припадниците на слојот „највисоки 10 проценти) го задржале својот статус на врвот. Со други зборови: оние од дното на скалата останале „прилепени за подот“, а најбогатите „прилепени за плафонот“. Ѕидот што ги разделува богатите од сиромашните станувал сè подебел и на луѓето им било сè потешко да го прескокнат во текот на животниот век. Тоа не е оној вид невидлив ѕид кој во филмот на Луис Буњуел „Ангелот на уништувањето“ ја спречува групата бружуи да излезат од кругот во кој се движат. Овој ѕид чува нечиј привилегиран статус.
Растечкото раслојување
Просечниот расположлив приход на „највисоките 10 проценти“ сега е околу девет и пол пати повисок од приходот на најсиромашните 10 проценти, а пред 25 години бил седумпати поголем. Оние 10 проценти од врвот на скалата имаат половина од вкупното богатство, додека „долните 40 проценти“ располагаат само со 3 проценти.
За дете од просечно сиромашно семејство да достигне просечен приход, во некои економии во развој би му биле потребни девет генерации или повеќе, во САД и Британија шест генерации, во 35 земји членки на ОЕЦД ќе му бидат потребни најмалку пет генерации или 150 години, а во Норвешка, Финска, Данска и Канада – три.
Шансите за меѓугенерациска социјална подвижност врз основа на приходи, работа или образование се подобри во земји во кои нееднаквоста е мала, а послаби во земји во кои нееднаквоста на приходите е голема.
Социолозите тој феномен го опишуваат со изразот „кривата на Големиот Гетсби“, кој е аналогија на трагичната судбина на Џеј Гетсби, роден Гец, јунакот од истоимениот роман на Скот Фицџералд (и филмот со Роберт Редфорд), кој и покрај своето богатство залудно се труди да ја добие наклонетоста на жените од високото друштво на Лонг Ајленд.
Тој израз првпат го спомена професорот од Принстон Алан Кругер во дискусијата за тоа дали американската економија е фер, а потоа го презема претседателот на САД, Барак Обама во извештајот на Конгресот.
Фактот дека „Кривата на Гетсби“ покажува дека во САД постои голема нееднаквост која ќе трае долго, економистот Пол Кругман во „Њујорк Тајмс“ го нарече мошне „просветлувачки и вознемирувачки“.
Влијанието на материјалната положба на родителите врз општествената подвижност на потомците сепак не е исклучиво американски феномен. На пример, во Еквадор и Перу е повисока отколку во САД, а во Пакистан и Непал е слично како во Америка.
Неодамнешните анализи за општествената подвижност во градовите во некогаш егалитарната Кина укажуваат дека богатството на родителите во голем процент и таму ја одредува положбата на децата. Слична е ситуацијата и во Индија, иако таму образованието кое се шири на голем дел од населението, донекаде го коригира тој патерналистички протекционизам.
Психоанализа на американскиот сон
Додека повеќето луѓе сè уште веруваат дека за успех многу се важни доброто образование и напорната работа, сè поголем број луѓе сфаќаат дека за напредок во животот многу се важни богатите или високообразовани родители. Така размислуваат 36 проценти од луѓето во земјите на ОЕЦД (повеќе од половина испитаници во Чиле, Германија, Полска и Шпанија, но само 20 проценти или помалку во нордиските земји и Јапонија). Во 1992 година такво мислење имале помал број луѓе – 31 процент. Истражувачите таквата перцепција ја нарекуваат криза на мериторноста која, меѓу другото, го нарушува митот за таканаречениот американски сон, на кој се темели либералната идеологија.
Во својот преглед на истражувањето на социјалната подвижност на непрофитната организација Брукингс институшн потсетува дека Европејците, како францускиот политички теоретичар Алекси де Токвил, биле воодушевени од економската динамичност и социјалната подвижност на американското општество во првата половина од 19 век, дека тогаш ослободувањето од ограничувањата на аристократското општество привлекло многумина да го преминат океанот и да одат во Новиот свет. И денес имигрантите ја продолжуваат потрагата за одамна ветениот американски сон.
Анкетите покажуваат дека многу Американци веруваат дека можностите за напредување на економските скали во САД се подобри отколку во другите земји, меѓутоа во истражувањето на Брукингс се поставува прашањето дали широко прифатената претпоставка за поголемата економска подвижност во САД навистина е поткрепена со факти.
Професорот по социологија на Универзитетот во Отава, Мајлс Корак, автор на истражувањето „Сиромашните деца стануваат сиромашни возрасни“ и „Подвижност, за кого?“, ги категоризира САД и Велика Британија како земји со ниска стапка на општествена подвижност и предвидува дека во САД предностите и недостатоците од влијанието на приходите на родителите на статусот на децата во следната генерација ќе се зголеми за околу четвртина.
Тој во своите истражувања од 2006 година ја пресметувал и таканаречената „стапка на флексибилност на меѓугенерациските заработки“ (која на „кривата на Големиот Гетсби“ покажува колку еден долар кој го заработил нечиј татко влијае на неговиот социјален статус): САД и Велика Британија имаат стапки од 0,50, Франција 0,41, Германија 0,32, Шведска 0,27, Канада, Финска, Норвешка и Данска – помалку од 0,20.
Некои од земјите, особено нордиските земји Финска, Норвешка или Данска, го коригираат железното правило на Големиот Гетсби така што имаат пониска нееднаквост и поголема социјална подвижност.
Во Кореја, Австрија, Шпанија и Холандија, како и во Соединетите Држави, се штити статус квото во корист на богатите: „заковани“ се приходите на оние на врвот, но и приходите на оние на дното од социјалната скала.
Малку повидлив премин кон групите со најголеми заработки е забалежан во некогаш егалитарните источни држави Полска и Чешка, а забележен е во Ирска, Австрија, Данска, Шпанија и Португалија, иако тој донекаде е отежнат.
Унгарија, Франција, Германија и Австрија комбинираат пониска нееднаквост и поповолна социјална подвижност на граѓаните со пониски заработки, но нивниот подем го ограничуваат на пониските средни слоеви.
Слични со нив според општествената подвижност се Канада и Нов Зеланд, а до одредена мера и Шпанија и Австралија, а во групата земји во развој Индонезија, Јужна Африка па, заради промената на економската структира од аграрна во индустриска, до одредена мера и патерналистичкиот Бразил.
Во Холандија, Финска, Словенија и Шпанија приходите останале непроменети и на „подовите“ и на „плафоните“.
Предност од три години
Припадниците на слојот богати ефикасно им ги пренесуваат на своите деца сопствените привилегии преку вложувања во различни форми капитал – човечки, општествен, културен и финансиски – преку стилот на говорот, вештините, новите знаења кои ги зголемуваат нивните шанси, им обезбедуваат социјални контакти и поволно место за живот. Според пишувањето на британскиот печат, 27 пати е поверојатно дека детето кое живее во најнеразвиеното подрачје во Англија ќе посетува неадекватно училиште отколку дете од елитните подрачја.
Во државните училишта најуспешните сиромашни деца ги поминуваат просечните деца од побогатите семејства во успехот помеѓу петтата и шеснаесеттата година, вели извештајот на ОЕЦД.
Резултатите на децата од родители со понизок социјално-економски статус на ПИСА тестовите по математика се за околу една петина пониски отколку кај децата од високообразовани родители, што според некои е еквивалентно на три години дополнително школување.
Околу шест пати помалку е веројатно дека на Оксфорд или Кембриџ ќе отидат младите од сиромашно отколку од богато семејство. Само 4 проценти доктори, 6 проценти адвокати и 11 проценти од новинарите во Британија потекнуваат од работничката класа. Околу 71 процент ов виши британски судии, 43 проценти од новинарските колумнисти, 33 проценти од пратениците и 22 проценти од поп ѕвездите оделе во приватни училишта. Тоа можат да си го дозволат само седум проценти од британското население.
Пад на социјалната скала
Припадниците на средната класа, чиј статус бил основа за стабилност на државата на благосостојбата имале малку повеќе можности од припадниците на другите слоеви за напредување кон повисоките слоеви.
Меѓутоа, тие во кризата биле изложени и на поголеми ризици од пад на социјалната скала – понекогаш до самото дно – и се соочувале со невработеност или недостаток од финансиски средства потребни за одржување минимален животен стандард. Едно од седум домаќинства од средната класа во земјите од ОЕЦД во набљудуваниот четиригодишен период се спуштило на нивото на оние 20 проценти домаќинства со најмали заработки. Таква судбина доживеал секој петти припадник на оној дел од средната класа кој имал пониски приходи. А, од тоа гето тешко излегува и следната генерација.
Некои податоци зборуваат дека во земјите од ОЕЦД подобрувањето на јавното образование донекаде ги зголемувало шансите на сиромашните за социјален подем. Меѓутоа, како што покажуваат извештаите на ОЕЦД, за потомците од ниските слоеви школските врати се сè позатворени, а ѕидовите потесни, особено во државите со поголеми социјални разлики.
Социјалниот подем на потомците од родители со ниско образование бил реалност за многу луѓе родени помеѓу 1955 и 1975 година, но тој канал на социјална промоција за оние кои биле родени по 1975 година бил мошне стеснет. Повисок образовен статус од своите родители стекнале 42 проценти од оние кои денес имаат од 55 до 64 години, а само околу 34 проценти од оние од 25 до 34 години.
Во земјите од ОЕЦД децата чии родители не завршиле средно училиште имаат само 15 проценти шанси да стигнат до универзитет, во споредба со 60 проценти шанси на оние што ги имаат нивните врсници од кои барем еден родител имал универзитетско образование.
Околу 43 проценти од децата на помалку образованите родители ги напуштаат средните или основните училишта, а само 7 проценти од децата од родители со високо образование.
Фотографии: Johnny Miler
Извор: Време