Историја на Другите: Заборавените жени на Баухаус

16.08.2018 00:34
Историја на Другите: Заборавените жени на Баухаус

Кога Валтер Гропиус ја основал Школата за дизајн Баухаус во Вајмар, Германија, во 1919 година, тој навел дека училиштето ќе биде отворено за „секој човек со добар углед, без оглед на возраста или полот". Тој дури објаснил дека треба да „нема разлики меѓу поубавиот пол и посилниот пол" (ова секако е изјава за подигнување веѓа - но тоа било во 1919 година, па ќе оставиме да помине). Ќе претпоставиме дека тој ова го мислел со добри намери, бидејќи, да бидеме фер, тоа било време кога жените не можеле да се школуваат во јавното образование во многу сфери, а уметноста била една од нив.

Главната цел на училиштето Баухаус била да создаде јадро на интердисциплинарна иновација, која, едноставно кажано ги комбинирала занаетите и дизајнот. Наместо да го искористи традиционалниот модел на односи меѓу наставниците и учениците, школата Баухаус го поттикнувала моделот на заедница како основа за учење. Дел од оваа идеологија била и интеграцијата на женските уметници во заедницата.

Така, практично, на жените им било дозволено да студираат во училиштето, но обемот на дисциплини во кои тие биле охрабрувани да учествуваат бил ограничен. Гропиус „славно“ верувал дека машките и женските мозоци функционираат поинаку. Конкретно дека мажите имаат капацитет да размислуваат во три димензии, но не и жените. Затоа, многу од женските уметници од движењето Баухаус биле заглавени во уметнички пракси кои вообичаено се сметаат за „женска работа" - текстил и ткаење. Од друга страна, мажите биле охрабрувани да бидат архитекти, скулптори и сликари.

Значи, навистина не е за изненадување дека иако дел од движењето Баухаус биле голем број жени, главни дела што се паметат во историјата на уметноста се оние на Јозеф Алберс, Марсел Бруер, Василиј Кандински и Пол Кле, во основа: мажи.

Без намера да ја дискредитираме работата на овие споменати уметници, но предизвикува еден вид разочарување тоа што кога зборуваме за ова големо движење во современата уметност, жените во основа се исклучени од наративот (или ако се споменати - тие се напишани како сопруги или соработнички на големите уметници).

Во изминатата деценија, (само околу 90 години подоцна), сè повеќе се открива дека овие жени не биле само придружнички на големите умови, туку дека некои од нив се формативни уметници на движењето Баухаус.
Во чест на овие одамна заборавени уметници, ви претставуваме осум жени од движењето Баухаус, чие влијание оставило траен печат врз современата уметност.

Гунта Столцл (GUNTA STOLZL)

Пред да ја посетува Школата Баухаус во 1919 година, Гунта Столцл (1897-1983) студирала историја на уметност, декоративно сликарство, сликарство на стакло и керамика во „Kunstgewerbeschule“ (Школа за применета уметност) во Минхен. За време на Првата светска војна таа ги напуштила студиите за да служи како медицинска сестра на Црвениот крст од 1916 до 1918 година.

Таа имала само 22 години кога влегла во Баухаус во Вајмар. Нејзиниот главен фокус било ткаењето. Гунта Столцл стана позната по своите сложени, диво шарени дизајни (за нејзината работа се вели дека го типизирала стилот Баухаус).
Таа често соработувала со Марсел Бруер, правејќи ткаенини и покривки за неговите дизајни на мебел.

Столцл била една од ретките жени што предавала во школата и пет таа го водела одделот за ткаење (од 1926 до 1931 година). За време на нејзиното раководење, одделот за ткаење на Баухаус стана еден од најуспешните на училиштето.

Во 1931 година, Столцл се преселила во Цирих, Швајцарија и основала сопствена фабрика за рачно ткаење „S-P-H-Stoffe“, заедно со двајца колеги од Баухаус, Гертруда Преисверк (Gertrud Preiswerk) и Хајнрих-Ото Хурлиман (Heinrich-Otto Hürlimann) . Таа ја водеше својата успешна и популарна компанија сè до 1967 година.

Ани Алберс (ANNI ALBERS)

Ани Алберс (1899-1994) првично сакала да изгради кариера како сликарка. Меѓутоа, кога пристигнала во Баухаус во 1922 година, открила дека има талент и вештина за работа со разбојот и била фасцинирана од огромните можности за геометриска апстракција на медиумот.
Алберс стана позната по нејзините правоаголни, обликувани во вид на мрежа, дизајни со остри агли - за кои таа открила дека се постабилни од сликарската четка. Конечно, движењето Баухаус беше време на „големи истражувања во различни насоки", како што истакна Алберс во интервју од 1968 година, и работењето со инхерентно структуриран медиум ѝ помогнало во нејзините истражувања.

Во 1925 година се омажила со Јозеф Алберс, колега апстракционист, а во 1930 година, Алберс дипломирала во Баухаус, создавајќи завеса од светлина што ја рефлектира светлината и го апсорбира звукот, таа била направена од памук и целофан. Откако Столцл го напуштила училиштето во 1931 година, Алберс стапила на чело на ткаечката работилница. Во 1933 година, кога националсоцијалистите дошле на власт во Германија, Ани и Јозеф избегале во САД, каде што Јозеф добил работа како предавач на „Black Mountain“ колеџот .

Во 1939 година, Ани била назначена за професор на колеџот. Подоцна во нејзиниот живот, Алберс многу патувала во Јужна Америка и Мексико и била фасцинирана од нивните традиционални дизајни на текстил. Во 1949 година, таа била првата жена уметник што создава на текстил која имала самостојна изложба во МОМА во Њујорк, а во 1965 година ја објави својата позната книга „За ткаењето".

Маријане Бранд (MARIANNE BRANDT)

Делата на индустрискиот дизајн на Маријане Бранд (1893-1983) беа дел од најпрепознатливите дела што произлегоа од движењето Баухаус. Вообичаено, на жените не им било дозволено да студираат во одделот за индустриски дизајн, особено не во металургијата, но во 1924 година, на Ласло Мохоли-Наѓ толку бил толку понесен од делата на уметницата што ѝ дозволил да се префрли во работилницата за метал.

Во 1926 година, таа ги дизајнирала првите светлечки тела за зградата Десау Баухаус, а во 1928 година го заменила Мохоли-Наѓ на местото директор на работилница за метал.

Денес, предметите на Бранд се сметаат за едни од најзначајите дела на Десау Баухаус. Во 1929 година, таа се стекнала со диплома и станала директорка за дизајн на металуршката компанија Руппелверк (Ruppelwerk Metallwarenfabrik GmbH).

Делата на Бранд се наоѓаат во постојани колекции на Метрополитен музејот, Британскиот музеј и МОМА во Њујорк.

Бенита Кох – Оте (BENITA KOCH-OTTE)

Бенита Кох-Оте (1892-1976) и Гунта Столцл биле многу блиски пријателки и двете фасцинирани од истражувањето на апстракцијата со користење на текстилот.

Тие биле оценети како најталентирани студенти во работилницата за ткаење, а денес се сметаат за највлијателни модерни уметници ткајачи од Германија.

Од 1925 до 1933 година, Кох-Отте била директорка на Одделот за ткаење во градот Хале, Државно-општинско училиште за применети уметности во Бург Гибихенштајн.

Во 1929 година, Кох-Оте се омажила со Хајнрих Кох, директор на Одделот за фотографија во Баухаус. Откако нацистите дошле на власт во Германија, Бенита и Хајнрих се преселиле во Прага. Кога нејзиниот сопруг ненадејно починал, таа се вратила во Германија и станала директорка на фабрика за ткаени производи, која и денес сè уште работи.

Оти Бергер (OTTI BERGER)

Хрватската дизајнерка Оти Бергер (1898-1944) се смета за една од концептуално најзначајните уметници ткајачи на движењето Баухаус. Пред да почне да студира во училиштето Баухаус, таа учела на Кралската академија за уметност и уметнички занаети во Загреб во 1926 година.
Во 1927 година се запишала на текстилната работилница, каде дипломирала во 1930 година. Кога Гунта Селцл ја напуштила школата Баухаус, Бергер привремено ја извршувала функцијата директор пред Алберс ја преземе оваа функција.

Поради тоа што никогаш не ѝ била дадена постојана позиција, таа одлучила да отвори свое текстилно ателје во Берлин, но кога нацистите дошле на власт, таа повеќе не можела да работи.

Оти Бергер била поканета од Ласло Мохоли-Наги да замине во „Њу Баухаус“ во Чикаго, но не можела да добие виза. Во 1944 година, Бергер била депортиран во Аушвиц заедно со своето семејство, каде што била убиена.

Гертруда Арнт (GERTRUD ARNDT)

Гертруд Арнт (1903-2000) се пријавила во училиштето Баухаус во надеж дека ќе студира архитектура. Меѓутоа, кога пристигнала во 1923 година, откако се воодушевила од изложбата на Баухаус во Вајмар, истата година, дознала дека на жените не им било дозволено да студираат архитектура. Се запишала на Одделот за ткаење како и повеќето жени во Баухаус.

Во 1927 година ги завршила студите во Баухаус, но по дипломирањето, никогаш повеќе не се занимавала со текстил. Наместо тоа ја открила својата љубов кон фотографијата што самата ја изучувала. Во тоа време, таа била во брак со колегиот студент на Баухаус Алфред Арнт, кој требало да продолжи како директор во училиштето. Во тој период, Гертруда ја направи серијата автопортрети, кои ги нарече „Маска портрети", чија што уметничка вредност била препознаена дури во 1980-тите години. Денес, нејзините дела се споредуваат со Клод Кахан (Claude Cahun) и Марта Астфалк-Виц (Marta Astfalck-Vietz).

Алма Сидхоф - Бушер (ALMA SIEDHOFF-BUSCHER)

Алма Сидхоф-Бушер (1899-1944) ги започнува студиите во Баухаус во Одделот за ткаење, но се префрлила на одделот за дрво - скулптура (таа беше една од ретките жени што успеала да го стори тоа). Нејзин примарен фокус бил детскиот мебел и играчки, особено книгите за боење, куклите и украсите со исечоци.

Во 1923 година, таа дизајнирала мебел за детската соба во прототипот Ам Хорн куќа, како дел од големата изложба на Баухаус. „Малата игра за градење на бродови", детската играчка во 22 делови,обоени во основни бои од кои може да се конструира во брод и која истовремено го поттикнува креативниот развој сè уште се произведува до денес.

Животот на уметницата трагично завршил во бомбашки напад на градот Букшлег во 1944 година, но нејзините влијателни дизајни и понатаму живеат.

Маргарет Хејман (MARGARETE HEYMANN)

Маргарет Хејман (1899-1990) ги започнала студиите во училиштето Баухаус Вајмар, кога имала 21 година. Таа била упорна во барањето да ѝ се дозволи да студира во работилницата за керамика и го убедила Волтер Гропиус да ѝ го овозможи тоа. По една година го напуштила училиштето, бидејќи била фрустрирана од администрацијата, која ја примила во работилницата само на пробна основа (нејзиниот учител, Герхард Маркс, изјавил нпред одборот дека сметал дека „веројатно е талентирана, но не е соодветна за работилницата"). Сепак, по напуштањето на училиштето Баухаус, Хејман продолжила да експериментира со керамиката, создавајќи кујнски прибор насликан со препознатливите конструктивистички облици.

Таа водела курс за керамика за деца на Колеџот за применети уметности во Келн и работела во продавница за керамика во Фрехен. Во 1926 година, таа и нејзиниот сопруг Густав Лоебенштајн основале работилница која ја нарекле Хаел-Веркштатен, а нејзините дизајни брзо станале популарни низ целиот свет. Но, само две години подоцна Густав загинал во сообраќајна несреќа и во 1933 година, Хејман била принудена да ја затвори својата работилница поради финансиски и политички притисоци.

Остатокот од животот таа го поминала во Велика Британија, создавајќи керамика и предавајќи сикање на „Camberwell School of Arts and Crafts“.

И покрај тоа што во Школата поминала само една година, дизајните на Хајман сè уште се сметаат за едни од најзначајните дела на движењето Баухаус.

Извор: Art space

 

Слични содржини

Наука / Уметност / Историја
Култура / Уметност / Теорија / Историја
Живот / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото