Хрониките на Арслан Новинарски

16.08.2018 16:20
Хрониките на Арслан Новинарски

 

„Хрониките на Арслан Новинарски“ е нова книга во едицијата Магма на книгоиздателството Темплум. Во предговорот на книгата Шопов вели:

Tекстовите застапени во книгава се објавени во периодот 2012-2018 на интернет порталот Окно во рубриката Пара вести, период во кој и самиот бев дел од уредништвото на овој медиум. Во книгава е вклучена околу една четвртина од вкупниот број текстови кои ги објавив под псевдонимот Арслан Новинарски, во обид да бидам хроничар на перверзната стварност што ја живееме. Понекогаш, беше премногу лесно да се исмева и пародира глупоста. Но, многупати тоа беше речиси невозможно - сатиричарот е доведен во ќорсокак кога стварноста е пародија. Можно ли е да се пародира пародијата?! Свесен дека ефектот од моите текстови можеби е еднаков на оној кога му удирате чврга на слон, на крајот, сепак сум среќен што во време кога многумина сметаа дека е попаметно да се молчи, и го правеа токму тоа, имав слободен простор да ги објавувам пара вестите. А имав и колеги за кои молкот едноставно не беше опција.

Според рецензентот на книгата, Владимир Јанковски, „’Хрониките на Арслан Новинарски’ се духовит сеизмограф на нашето време. Овие текстови во годините што следуваат ќе можат да се читаат како еден вид исчашена алтернативна историја на она што ни се случуваше изминативе десетина години. Алтернативна историја, која додека ја читаме ќе нѐ засмејува, но често во таа насмевка ќе има и горчлива нишка. Ама таква беше и нашата стварност.“

Во продолжение пренесуваме три пара вести од книгата.

 

Полицајци не ја испушиле запленетата марихуана

СКОПЈЕ, 25 ЈАНУАРИ 2013

Министерката за внатрешни работи, Сирма Војвода, соопшти дека против четворица припадници на специјалната единца Бета ќе бидат поведени дисциплински постапки, затоа што внатрешната контрола на МВР открила дека не ја испушиле марихуаната што ја заплениле од двајца малолетници во градскиот парк во Скопје.

„Практиката на уништување на марихуаната со пушење официјално е воведена пред неколку месеци затоа што се покажа како најевтина. Полицајците кои нема да постапат во согласност со ова правило ќе бидат соодветно казнети“, изјави Војвода. Екипата на Пара вести разговараше со претставник на единицата Бета кој сакаше да остане анонимен.

„Припадниците на Бета беспоштедно и напорно работат на уништување на марихуаната, но не може да постигнеме да уништиме сè. Полицајците постојано се на терен и немаат време да ја испушат целата запленета марихуана. Бараме толеранција и поголема поддршка од МВР. И дисковите од Боб Марли кои ни служат за мотивација моравме да си ги купиме сами“, рече нашиот соговорник.

Засега, од МВР немаат коментар за идејата на Синдикатот да се формира единица со име „Бонг“, која ќе работи само на уништување на марихуаната.

 

Лебарките протестираат против лошите услови во студентските домови

СКОПЈЕ, 24 АПРИЛ 2013

Лебарките сместени во студентските домови решија конечно да го кренат гласот поради катастрофалните услови за живот во студентските објекти. Во рамки на настанот „Лебарска пролет“ тие организираа протест пред зградата на Министерството за образование. Неочекуванo големиот број на лебарки-демонстранти беше позитивно изненадување за сите, но загрижува тоа што нивниот број беше многу поголем отколку бројот на студенти на кои било студентски протести.

„И ние имаме право на достоинствен живот. Студиите на студентите не се комплетни без нас. Нашите заслуги се речиси еднакви на оние на универзитетските професори“, изјави Грицка Лебаркоска, предводник на побунетите лебарки.

Таа додава дека не се проблем само неваросаните соби, прозорците кои не се затвораат, покривите што прокиснуваат и искршениот инвентар. Осиромашувањето на студентската популација и намалувањето на куповната моќ на студентите дополнително ја влошува положбата на лебарките, кои се хранат од остатоците од студентските оброци.

 

Исечена новогодишната елка на скопскиот плоштад!

СКОПЈЕ, 14 ДЕКЕМВРИ 2015

Новогодишната елка која пред два дена беше поставена на скопскиот плоштад „Македонија“ синоќа околу полноќ беше исечена. Градските власти објаснуваат дека на нејзино место треба да биде поставена бронзена новогодишна палма, која подобро ќе се вклопи во амбиентот на главниот град. Идејното решение за статуата- палма е на Коце Трајановски, кој лично, со моторна пила, свечено ја засече првата гранка од новогодишното стебло.

„Китењето палми е стара македонска традиција која датира уште од времето на Аминта Трети. Со поставувањето на бронзената палма се навраќаме кон нашите корени и ја негуваме македонската култура“, изјави Коце Трајановски за Пара вести. Тој додаде дека првиот лампион на новогодишната палма ќе го закачат специјалните гости од кралството Хунза, кои ќе бидат дел од новогодишната семакедонска забава на плоштадот, заедно со субвенционираните македонски естрадни ѕвезди.

„Во мојот дом исто така нема да украсуваме елка, зашто постои опасност дека ќе ја исечам, исто како и минатите години. Лампионите ги редиме на дорски столб“, откри градоначалникот Трајановски ексклузивно за Пара вести.

Цртежи: Владимир Лукаш

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото