Пеперутка од пепел

17.08.2018 01:32
Пеперутка од пепел

„Пеперутка од пепел“ е најнова, петта, поетска книга на Сузана В. Спасовска. Рецензентот на книгата, Владимир Мартиновски, истакнува дека поетското писмо на Спасовска е неразделно од митското, мистичното и сакралното и дека митопоетскиот супстрат се препознава не само во секоја песна, туку и во обликувањето на суптилно осмислените десет поетски циклуси: „Всушност, во секој циклус има по неколку антологиски стожерни песни кои ја откриваат митско-мистичната тематска оска кон која гравитираат и останатите песни.“

Мартиновски вели: „Во контекст на митско-книжевниот топос на метаморфозата, во најновата поетска книга на Сузана В. Спасовска нѐ дочекува една извонредна минијатура на оваа вечна тема: песната ’Преобразби‘ е елиптичен поетски рекапитулар на човековиот живот низ призма на врските со природните елементи.

...Оттука, пред нас е книга која не само што говори за преобразбата туку и врз неа се темели: далечните митски палимпсестни пластови и ’јагленски митски горива‘ во песните од ’Пеперутка од пепел‘ на Сузана В. Спасовска се претворени во раскошна збирка од поетски дијаманти.“

Во продолжение пренесуваме десет песни од книгата.

 

ВИНАТА НА ЕВА

Нема да чувствувам вина
оти сум била Евина
Евина следбеничка
Евина наследничка
онаа што во градината
од сè умеела вино да стори
но кога од градината заминала
ги напуштила сите дрвја,
сите овошки
сите билки
и кога еден ден со Адама
првата винова лоза ја насадила
првите лозови насади
мислејќи на крвавата голтка од првото вино
се сетила на своето рајско потекло
на змијата што го чувала домот нејзин
се сетила на своето дрво
на она што го знаела прво
на својата крвна линија
за тоа од каде е и што е
за тоа што е црно, а што бело
та со својот љубен Адам
го почнала своето родово стебло

 

 ЛИЛИТ И НЕЈЗИНИТЕ ДЕЦА

Откако ќе се родат
тие постојано ја бараат Онаа
што ги родила
и ги напуштила
за да ја почувствуваат својата слобода
уште од мали години.
Со тој немир во себе
тие одат по светот
гледајќи ја неговата заробеност
неговиот тих стремеж за слобода
па собирајќи го сиот тој трепет
во своите души
тргнуваат кон големите мориња
за да ја најдат Онаа
што за слободата знае
за да ги предводи
а таа откако на едно место
ќе ги собере своите деца
расталкани по светот
во своето неосквернето светилиште
на Големата љубов ги подучува
на Светиот извор
што се отсликува во водата околу неа
и се прелева во нивните очи
за да се вратат онаму од каде што тргнале
со ѕвезди во очите
и да го ѕвездосаат светот

 

БЕСМРТНИОТ АДАМ

Каква е таа прелага
дека бог може да умре
дека бог е мртов
зар живи ние ќе бевме
мртов ако беше тој

смртноста во нас лежи
за секој ден одново да умираме
за некој ден одново да се родиме

нашето бесконечно умирање
и нашето бесконечно раѓање
зар тоа не говори
и за нашата бесмртност
за бесмртноста на Големиот небесен човек
оти секој од нас е дел од него
дел од Големиот Адам
кој одново и одново ја преживува сопствената смрт
за да се сети дека е одново жив и бесмртен


КОПНЕЖ ПО МОРЕТО

Онаа што еднаш дамна стапнала на брегот
сфатила дека воденото живеалиште
веќе не е нејзиниот дом

Нејзините очи, единственото море на копното,
тргнале да ги бараат оние
чии очи го паметат морето

Она што некогаш беше нивниот единствен дом

А тие што го носат морето во своите очи
знаат дека и пустините еднаш биле море
но небесниот оган
од што толку жедувал
наситка немал од солената вода

Сите морски жители на суво што останале
немале друго
освен копнени да станат
и да ја бараат онаа што еднаш дамна
на копното стапна
за да им каже како копнежот за морето
да го одржат

 

ОСАМЕНИОТ СВИРАЧ

Стои тој насред водите
Одамна нив никој не ги благословува
а само тие ја чуваат тајната
за кристалните светови

Морнарите оддалеку го гледаат
и мислат дека она што го држи во рацете
е за да ги заплашува
додека тој го чека
космичкиот ветер
да удри по струните
и да ја засвири музиката
на која танцуваат сирените

И тие се неми
Одамна не се појавуваат на хоризонтот
за да ги заслепат
морнарите со својата убавина

Сите се во исчекување
на космичкиот ветер
што ќе ја донесе
хармонијата на небесните светови


ВРЕЛА ЉУБОВ

Огнениот змеј
е заљубен во водената самовила
Тој во нејзините очи е загледан
Би сакал целиот во нив да се види
без да ја изгори
без да ја исуши

Неговата љубов по неа е врела
и ја пие во секоја нејзина капка
а таа потем кога тој од неа ќе се оддалечи
го моли Небото да се смилува над неа
и да ѝ ги наполни очите со солзи
за да може по него да плаче


ТАЈНАТА НА ТКАЈАЧКАТА

Какви ли сè мисли таа мисли
додека ја ткае заумната арабеска
што ја насликал главниот килимџија
а која таа само ја пресликува ткаејќи

Ги мисли ли неговите мисли
Ги сонува ли неговите облици
Со неговиот ум ли се стопува
За едно да бидат

Мисли ли на него
додека тој шета по сферите
и ја создава најубавата арабеска
во која таа може
средиштето на светот да го најде

Какви ли сè мисли таа мисли
додека ја ткае заумната арабеска
во која е впишан неговиот лет кон небесата

 

ЗАВЕТ

Можеби не требаше да молчам
Зар оној што севезден пее
во тишина знае да бдее
Особено адска
И зар постои таква
кога душите севезден со шепот зборат
кога севезден сами со себе спорат
за тоа што требало а не направиле
што направиле а не требало

Можеби не требаше да молчам
ама силата ми се зеде
Од радост онемев
кога него го видов
како за мене моли
кај адските власти

Што можев друго освен занемена да бидам
да молчам за да го слушам неговото забрзано дишење
кон излезот
онаму каде што веќе еднаш играв
на неговите песни
и трчав во смеа
од неговата љубов

Што можев друго да сторам освен да молчам
оти да пеам сила немав
како и тој што немаше
од голема среќа
дека по него одам

Можеби не требаше да молчам
Можеби требаше посилно да трчам
побрзо да стигнеме до излезот
та да не му падне на ум мислата
за прекршување на забраната

Можеби требаше да се молам во себе
да има верба во мене дека го следам
дека сум му зад петиците
дека сум му неговата верна сенка
неговата верна љубов

Можеби не требаше да молчам
а како кога бев
заветена на молчење


ОБНОВА НА ДЕЛФИ

Многумина сакале да го присвојат Делфи
да го освојат
кон себе да го наклонат
во нивна корист
да пророкува
за да можеле да ги убедат другите
дека вистината е на нивна страна
А сиротиот Делфи
секогаш кога постоел обид
за извртување на вистината
пропаѓал како Атлантида
како одамна загубениот остров на Аполон
и секогаш одново се раѓал
се возобновувал
кога чистиот дух
ќе се спуштел на избраниот свештеник
и неговата сибила
и заедно ќе го разгореле
одамна изгаснатото
свето огниште.

 

НАШЕТО ТЕЛО

Нашето тело е нашата мапа
Низ животот
Таа ги содржи

Сите точки на нашиот свет
Нашето тело е универзална карта
Сѐ на неа има
Сѐ што постои
На неа може да се најде

Нашето тело е прецртана слика
На небесата
Секој дел од него е едно соѕвездие

Нашето тело –
Една мала верзија на универзумот

 

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила четири стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), а „Смртно писмо“ е објавена и како е-книга.

Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија „Пурпурни извори“, во издание на Струшките вечери на поезијата. Пишувала и објавувала книжевно-теориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.

Слики: Daniel Segrove

ОкоБоли главаВицФото