Херој

17.08.2018 16:59
Херој

 

– Ама мачко, пич, чекај, само уше два збора! Е, не ми затварај, па не заслужуем. Пич! Ногата ми ја стискаш со вратата. Ај само пет минути да збориме, знам дека си сама дома!

Кој јадник сум ја. Трет пат неделава, не е ни чудо шо ѝ се гадам. Еве у очите ѝ глеам дека и сеа ми се плаши. Ма не се плаши, ја сум, истиот оној твој Дамо, еј... Не можам да ја остаам на раат. Не можам да живеам без нејзе. Одувек сум бил луд по жени. Ја ко ќе се заљубам, шо да ти кажам, апсолутно сум романтичен. Не ми е мене срам. Купуем ружи, правам вечера: свеќи, вино, ма све. Пишуем песни. Таков сум. Ама, не за финта.

 


– Нивесче, сфатив, си одам сеа, ама памти ми го зборот: гајле ми е ако си се оладила, важно ми е да знаеш дека те сакам и заувек ќе те чекам.

– Не ме чекај, плиз, само откачи ми се, човече! – ене ја, вика внатре. – Ќе викам полиција, Дамо, жими мајка.

– Бејбе!

– Цркни манијаку, нема више со фино со тебе. Дајбоже да цркнеш ако не ме остаиш на раат!

– Добро е, добро е... Еве, сеа задњи пут ме глеаш.

– Не те глеам, цела среќа.

– Нивес, ја ќе се убијам. Знам дека не ти е гајле, ама одам сеа и готово... Нивес?

Не се јавува. Нивес не ме сака. Ме боли стомак. Боли – ме мрзи.

Комшиката отвори врата, ѕирна во ходникот и брзо кидна. Уживајте, сите уживајте и смејте ми се зад тоа вратата. Смејурија сум зашо имам муда да сакам, ја се борам за љубов! До последен здив. Љубовта ми е све и, ако треба, ќе умрам за љубов!

 


Шо сум ја без Нивес?

 


Ја знам ја неа одувек. Од средно. Коа идев кај другар ми Зујо, увек у ходникот имаше едни мали женски кондури. Секоја година кондурите растеа.

Зујо и ја, набрзинка ја проаѓавме царината на старците, па кај него у соба: стрипчиња, плочи, Еротика, цигари, шит.

Па надвор; едно здраво накај кујната до госпожа мама и у живот! На биљар, флипери, у диско.

После, една година, безимената газдарица на малите кондурки, шо више и не беа баш мали, стана Нивес.

Ама пред тоа, во кусото преодно раздобје, беше створ од купатило.

Членовите на семејството беа на работ на нервите:

– Не може чоек ни да се измоча од неа, што кој кур праи у веце по цел ден? А ја знам шо праеше. Си се дивеше. На своето ганц нов тело. Се плискаше, се мачкаше со оние кремчиња, се шминкаше, по малку, стариот да не полуди. Ја чешлаше косата. Ги ставаше оние богови, чешлиња. Пробуваше парфеми, кармини, лакови. Голема работа е да се биде јака женска. Работно место ти е читавиот нов свет, а централа – купатилото, бањата.

 

И така ја еден обичен ден, во неуспешен обид за отворање на вратата од спорната просторија, налетав коначно на створот од купатилото, на газдарицата на кондурките шо раснеа у ходникот. Се закикоте, и онака, само у бањарка, кидна у соба.

– Лудача у пубертет! – гледа Зујо мрачно у сестра му.

А ја ко у песната „osta inkantan, jer je ne smin slidit“. Само фрлив некој безвезе коментар прикладен за вакви ситуации.

 


Прошлата зима многу учевме за испити кај Зујо.


Прво ја освајав кујната и госпожа мама. Знаев дека Нивес кад тад ќе огладни, ќе ожедни. После се раскрави, ќе седнеше на маса и гризеше кришка леб со пекмез и ме глеаше со зелените очи и... го гризеше тоа лебот со пекмез, а цицките само ѝ растеа. Па ко ќе тргнеше низ врата, ми идеше да ѝ речам на госпожа мама кај ја пушта сама со такви цицки, нормална ли е она?! Онака со земен памет и со мрак на очи, срцето мислев ќе ми искочи. И препоните ме болеа. И ми беше срам. Ама против срамот доста успешно се борев.

 

Од она сончево попладне прошлата пролет коа конечно успеав да се пробијам низ родителската и братската заседа до сопчето на Нивес, за мене не постои нишо осим неа. Ја ја дишев Нивес. И ја живеев Нивес и по цели денои ја љубев Нивес. Тајно, ради нејзините. Стално се надав дека и тоа со време ќе се смени. Не би имал нишо против да останам со Нивес до крајот на животот. Макар да не смеам друга женска да поглеам. Би можел ја, нема проблем. Таков сум. Ја сакам.

 

И не можам да поверуем дека она више не осеќа исто. Мојата агонија почна пред месец дена. Од тогаш не знам кај сум, не јадам, не спијам, ноќе ко лудак се врткам околу нејзината зграда, а дење лежам у кревет и плачам. Лузер, обичен губитник, пичкица, ете шо сум ја.

До денес мислев, ќе ја вратам: ко на филм или у роман. Она ќе ја увиди величината на мојата љубов и па ќе ме засака, уште појше.

И еве сеа, стојам ко посран пред по којзнае кој пут треснатата врата од која тужно ме глеа свети Анте залепен за благослов на станот.

И одеднаш ми се виде, не знам ни сам, дека светецот на налепницата ги дига веѓите и мршавиот показалец и ми вика:

– О, младичу, пушти ја таа девојка на мир, другаде побарај ја својата среќа! Ваистина: веќе сосем ми се смачи да го гледам твоето патетично лице пред овие порти, ајд да те нема више!

Ги протрљав очите. Свети Анте галеше некое јагне и више не ми обраќаше внимание.



Све ми се собра у грло ко ченгел шо ќе ме задави. Бар да ме задави.

Барем некоја рака да ме здрви, да ме здроби.

Се спуштам по скалите и ми се чини се множат, ко да се поише од обично и никад нема да искочам од зграда.

На улица живо пиле. Све е некако језиво тихо. Вртам низ маало, го знам ко добро утро, тотално изгубен. Еве поред зградава поминуем више трет пат. И бутките се затворени. Не ни знаев дека е недела. А недела ли е?

Скроз пукнав. Ко ѕвечка. Сум изгубил појма за време и простор.

 


Е да ме ебеш не знам како стигнав до раскрсницава! А нигде нема аута. У сред раскрсницата некои вреќи.

Одеднаш, кујзнае од каде, од небо ли, од земја ли, да го ебам – почна да пука! Тибам, шо е ова сеа? Скроз ли се чакнав или некој пука у мене!?

Зад она вреќине некои шизици у униформа, се дерат:

– Бегај бе, ебате беља! Мани се, да не сакаш да те убијат?

– Ха, ха – не ми се веруе, шо е па сеа ова. – Сакам бе! Се вртам таму од кај шо се слушна пукањето и викнав:

– Убијтеее меее! Нејќу да живеам, немам зошо да живеам! Пукајтеее!

Ги раширив рацете ко споменик на народен херој.

– Пукајтеее, маме ви ебам! Шо ќе ми е живот без љубов?Шо ќе правам на светов без љубов?!

И богами распичија.

Еден од дечките зад вреќине ѕирна:

– Ма ја го знам овој! Дамир Перишин, од мое школо. Дамо, тиебамсве, нормален ли си?! Ќе погинеш. Не е ова заебанција: почна војна!

Скроз се скршив. Почнала војна. Клекнав на патот и пак викнав:

– Нек ме убијат! Ил вие убијте ме! Нејќу да живеам. Не можам да живеам без неа...

И тибам, тука се расплакав. Двајца шизици у униформа се домкнаа до мене, ме фатија под раце и ме одмкнаа до она вреќите. Не се бунев. Лежев у заклон и гледав у плавото, плавото небо.

 

Превод: Игор Исаковски

Слики: Marion Fayolle

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Живот
Култура
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото