Политика на гнев

18.08.2018 00:03
Политика на гнев

Единственото изненадување во врска со популистичкиот бран кој ги поплавува развиените демократии е што доцни. Уште пред 20 години беше јасно дека неподготвеноста на мејнстрим политичарите да понудат лек за неизвесноста и нееднаквоста на нашето хиперглобализирано време ќе отвори простор за демагозите склони на лесни решенија. Тогаш ги имавме Рос Перо и Патрик Бјукенан, а сега Доналд Трамп, Марине Ле Пен и останатите слични на нив.

Иако историјата никогаш не се повторува целосно, нејзините поуки се употребливи. Да се потсетиме дека првиот период на глобализацијата, кој достигна врв во деценијата на Првата светска војна произведе уште посериозна политичка реакција. Историски резимирано, тоа го покажа мојот колега од Харвард, Џефри Фриден. Како што вели тој, на врвот од златниот стандард, главните политички актери ги запоставиле социјалните реформи и националниот идентитет и приоритет им дале на меѓународните економски врски. Во периодот меѓу војните се појавиле два погубни одговори на таквата состојба: Социјалистите и комунисите бараа социјална реформа, а фашистите потврда на националниот идентитет. Двете насоки од глобализација водеа во економско затворање (и нешто многу полошо).

Денешната реакција нема да отиде толку далеку. Колку и да се тешки, пореметувањата предизвикани од големата рецесија и од кризата на еврото бледнеат во споредба со Големата депресија. Развиените демократии изградиле и всушност (наспроти неодамнешните потешкотии), широки мрежи на социјална сигурност во вид на осигурување во случај на невработеност, пензии и семејни додатоци.

Светската економија почива на институции кои функционираат на мешународно ниво, како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската трговска организација, организации какви што немало пред Првата светска војна. И на крајот, екстремистичките политички движења како што се фашизмот и комунизмот главно се дискредитирани.

Сепак, тензиите помеѓу хиперглобализираната економија и силите на општествена кохезија се реални и политичките елити скапо ќе го платат игнорирањето на тој факт. Како што кажав во својата книга од 1997 година „Дали глобализацијата отиде предалеку?“, интернационализацијата на пазарот на стоки, услуги и капитал им одговара на космополитските, професионални, квалификувани елити и ги одделува од остатокот на општеството.

Овој процес продлабочи два вида политички јаз: идентитетски (поврзан со националната, етничка или верска припадност) и доходовен (во врска со припаѓањето на одредена општествена класа). Така популистите станаа привлечни. Оние во десницата, како Трамп во прв план ја ставаат политиката на идентитетот. Оние во левицата како Берни Сандерс ги истакнуваат зголемените разлики помеѓу богатите и сиромашните.

И во едниот и во другиот случај постои лесно препознатлив „друг“ на кој може да се насочи гневот на луѓето. Едвај составувате крај со крај? Се разбира, Кинезите ја грабаат работата. Ве вознемирува криминалот? Мексикансците и другите имигранти ги пренеле своите гангстерски пресметки во нашата земја. Тероризам? Муслиманите, кој друг. Политичка корупција? Што друго да се очекува кога големите банкиго подмачкуваат нашиот политички систем? За разлика од мејнстрим политичарите, на популистите им е лесно да ги именуваат виновниците за сето она што ги обеспокојува и им пречи на луѓето.

Се разбира, политичарите на власт се компромитирани со простиот факт што се на власт. Покрај тоа, ги парализира нивниот главен наратив кој рефлектира беспомошност и неподготвеност за се преземе нешто. За стангирањето н аплатите и порастот на нееднаквоста тие ги обвинуваат технолошките сили кои се надвор од контрола, а глобализацијата и нејзините правила ја претставуваат како дел на нужен процес. Лекот што го нудат – инвестирањето во образование и вештини – не носи брзи плодови.

Денешната состојба на светската економија е производ на експлицитни одлуки на нашите избрани влади. Тие отстапија од Општиот договор за тарифи и трговија (GATT) и го направиле многу поамбициозниот и поаресивен WTO. А наскоро ќе одлучуваат дали да се ратификуваат идните мегатрговски договори како што се Транспацичкото партнерство и Трансатлантското партнерство и инвестициското партнерство.

Нашите влади ги укинаа регулативите во областа на финансиите и ја поддржаа прекуграничната мобилност на капиталот. Тие одбија да ги променат таквите политики, наспроти големата глобална финансиска криза. Како што нè потсетува Антони Аткинсон во својата извонредна книга за нееднаквоста, дури и технолошките промени не се имуни на влијанието на власта: креаторите на пполитиката навистина можат да влијат врз нив, во смисла на поголема или помала вработеност и еднаквост.

Популизмот е привлечен затоа што му дава глас на гневот на исклучените. Популистите нудат голем наратив и конкретни, иако погрешни и често опасни решенија. Мејнстрим политичарите нема да го вратат своето влијание сè додека не понудат сериозни решенија и не обезбедат простор за надеж. Не смеат и понатаму да се кријат зад технологијата или незапирливата глобализација; мора да бидат храбри и да преземат крупни реформи на домашната и глобалната економија.

Една лекција на историјата е онаа за опасностите од неконтролираната глобализација, втората е за прилагодливоста на капитализмот. New deal, држава на благосостојбата и контролираната глобализација (во режимот на Бретон Вудс) на пазарно ориентираните економии им дадоа нова животна сила и го произведоа повоениот процут.

Тие достигнувања не се резултат на ситни промени и дотерувања, туку на радикален инстиуционален инженеринг. Умерени политичари, фаќајте белешки на часовите по историја!

Извор: Social Europe

 

ОкоБоли главаВицФото