Зошто „Не низ Водно”

20.08.2018 01:41
Зошто “Не низ Водно”

Борбата за Водно сè уште не сме ја загубиле, овде сме и ќе продолжиме да се бориме, порачуваат активистите од иницијативата „Го сакам Водно“.

Борбата за Водно сè уште не сме ја загубиле, овде сме и ќе продолжиме да се бориме, порачаа активистите од иницијативата „Го сакам Водно“, кои синоќа (недела, 19 август) се собраа на врвот на планината. Ги повикаа скопјани да им се придружат и самите да се уверат каква шума ќе биде уништена ако Владата не се откаже од идејата гасоводот за Тетово и Гостивар да минува по сртот на планината.

Во продолжение во целост го пренесуваме нивниот одговор на аргументите на владата за изградба на гасовод.

Недвојбени факти како одговор на официјалниот став на Владата (изнесен на 29.7.2018) во врска со изградбата на гасоводот низ Водно

Во официјалниот став на Владата (изнесен на 29.7.2018) се наведува дека:

- Гасоводот низ Водно е еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.

Градење во заштитено подрачје,

- каде живеат ендемични, ретки и загрозени видови од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта и ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои имаат статус на меѓународна заштита;

- заштитено подрачје каде што е присутна 1/3 од флората на цела Македонија, каде биолошката разновидност според Рио-Конвенцијата за биодиверзитет државата има обврска да ја штити;

- градење низ ерозивно подрачје со енормно сечење на вегетацијата, отстранување на хумусната површина, нарушување на природната состојба на тлото, деструкција на карпите на помали фракции и нивно поместување, појава на ерозија и свлечишта, нарушување на движењето на докажаните површински и подземни води, затнување на одводните канали, деструкција на воспоставените хабитати на флора и фауна и сл.;

- а со режим на заштита кој забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон,

не може под ниту едни услови да се нарече еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.

- МЕР АД Скопје, изработил предлог на нова траса, со кој трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса. Нема градежни активности во моментов (29.7.2018) на Водно. Во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата.

Изработен предлог и конечна одобрена измена на трасата со издадено одобрение за градење се две сосема различни работи. За да се работи на терен, како што се работело помеѓу 25 и 27 јули, изменетата траса требало да е одобрена со издадено одобрение за градење, но не била и се работело на старата траса.

Постои ширина на траса додека се работи на поставување на гасоводот и ширина на траса која останува после изградбата на гасоводот. Првата не може да е под 20-25 метри за нормално и безбедно работење. Втората, според сите стандарди не смее да е помала од 15 до 20 метри и тој појас мора да остане чист и на него не смеат да се садат дрва. Дополнително, ширината на трасата нема да може да се намали по цела нејзина должина, туку само каде е можно, ако воопшто, според тоа како стандардите налагаат, а и според она што гледаме на терен.

Делови со густа дрвна маса ќе се исечат и со новата изменета траса и тоа во потег од околу 2 до 2.5 километри.

Срамнувањето на околу 200 метри од сртот со багери е градежна активност која се одвивала на старата траса во ширина на старите 25 метри.

- Во наредниот период планирани се активности во деловите каде не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина.

Деловите каде не е предвидена измена на трасата се деловите на качување на трасата по Водно низ Сопиште и Горно Соње и спуштање на гасоводот низ Грчец и Шишево, низ ерозивни подрачја и густа шума. Се работи за терен со пад од 41% и неизбежен ризик од појава на свлечишта и ерозија, со опасност по жителите во тој регион.

Противречно е да се каже дека има делови во парк шумата Водно каде нема загрозување на животната средина. Такви делови нема.

- Како компензација ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка.

Екосистемот на подрачјето каде што ќе се работи , со сите негови елементи и жители, ќе биде неповратно оштетен и тој биодиверзитет ќе биде уништен. Подрачјето е заштитено со причина и тоа треба да остане такво како што е без дополнителни интервенции во него. Апсурдноста на формирање на нови заштитени подрачја, со уништување на постојно заштитено подрачје, не може да е поголема. Се руши едно за да се формира ново?

Од друга страна, формирање на нови заштитени подрачја на Водно не е можно, зошто тоа е опфатено со сегашната парк шума Водно.

- Јужната страна на Водно ќе се пошуми.

Пошумување на јужната страна стои во плански документи за Водно со децении, не е ништо ново. Во реалноста, јужната страна е тешка за пошумување, дури некои сметаат дека не е можно да се пошуми, па затоа стои вака оголена. За да се пошуми јужната страна потребна е експертиза, макотрпна работа, континуиран надзор на терен и употреба на најнови сознанија за успешно пошумување на соголени планински предели.

Декларативно изјавување на Владата “ќе се пошуми” нема да промени ништо, како што не променило во изминативе децении.

Според Владата, нова траса надвор од Водно не е возможна, поради:

- губење време за реализација на гасоводот

Гасоводната делница каде Водно е спорниот дел (околу 11 км одат низ Водно), е долга 78 км, плус 11 км кракот кон Тетово. Реализирани се помеѓу 23-25%, според сегашниот директор на МЕР, Бајрам Реџепи. Според претходниот директор на МЕР, Благојче Котески, треба да се решаваат имотно-правни односи во должина од 35 км.

Зошто да не се работи на нова траса надвор од Водно, кога веќе се губи време поради нерешени имотно-правни односи и незавршена експропријација и не се реализирани 75-77% од оваа делница?

- правни проблеми со експропријација на земјиште

Правни проблеми со експропријација веќе има. Зошто не се оправдани за нова траса, која ќе го води гасоводот надвор од заштитеното подрачје на Водно, а се оправдани за километри и километри од сегашнава траса?

- губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати

Заемот до 90 милиони евра, според Законот за задолжување по тој заем, од 6.11.2015, е наменет за изградба на две магистрални гасоводни делници, 36 км од Штип до Неготино, потоа 92 км од Неготино до Битола и 76 км од Скопје преку Тетово до Гостивар. Според законот, во случај кога планот за повлекување на средствата ќе отстапува од динамиката на реализација на проектот, средствата ќе се користат за буџетска поддршка. Како што се користеле.

Заемот се повлекува во седум транши, со рок на отплата од 7 години, со грејс период од три. Грејс периодот истекува кон крајот на оваа година, после отпочнуваат камати.

Според неофицијални извори, зошто Договорот за заем не ни е даден на увид, иако го побаравме, првата транша од 10 милиони евра можела да се користи после 2 недели од склучување на Договорот за заем, втората од 10 милиони евра после 6 месеци, следните четири транши од 15 милиони евра на секои 6 месеци, за последната, седмата транша од 10 милиони евра да се користи после три години од склучување на договорот. Останати се само 10 милиони евра од заемот за повлекување на есен.

Сегашната реализација на Неготино–Битола и Скопје–Тетово–Гостивар е во рамките на 23-25 отсто. Неизградени остануваат 75-77%, 69-71 км од Неготино–Битола и 57-59 км од Скопје–Тетово–Гостивар (без кракот кон Тетово).

Губење на заемот, односно преостанатите 10 милиони евра, ќе биде поради неизградени делници за кои е наменет, а тоа се две магистрални делници од вкупно 204 километри.

Како Водно, од околу 11 км потег, падна жртва на 90 милиони евра заем, даден пред нецели три години, со преостанати 10 милиони евра за повлекување, за 204 км магистрален гасовод, од кои 126-130 км се сѐ уште неизградени?!

За 10 милиони евра, Владата можела наместо Водно да ги жртвува 10,5 милиони евра што ги подели Фондот за иновации или да жртвуваа 1/10 од очекуваниот прилив од 100 милиони евра од производството на медицински канабис. Листата е долга.

Недозволиво е Владата да жртвува заштитено подрачје кое и онака е нарушено со сите претходни “од јавен интерес” Владини проекти и неконтролирана урбанизација, само затоа што така е најлесно, а да не ја даде целосната слика што навистина се изградило со заемот, колку останало неизградено, парите каде се потрошиле и зошто е сега дојдено до 10 милиони евра и Водно.

- сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод

Ако сериозно одложување не се неизградените 126-130 км гасовод, од кои 57-59 км од делницата 5 која минува низ Водно (без кракот кон Тетово), како може сериозно одложување да биде потегот на Водно да се премести на север од Скопје? Нерешени имотно-правни односи и незавршена експропријација поради кои се одложува реализацијата веќе има.

Во однос на еколошкиот предзнак: со ставање на еколошки предзнак на гасоводот, не се оправдува уништувањето на заштитеното подрачје парк шума Водно. Градење во заштитено подрачје, како парк шума Водно, е спротивно на сите еколошки принципи.

- поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина

Употреба на ваков аргумент е крајно манипулативно. Домаќинствата, како главен корисник на огревните дрва за греење, не може да преминат на користење на гас. Потегот низ Водно и целата траса да се завршат утре, ништо нема да смени за овие домаќинства. Дрвата и понатаму ќе се сечат за огрев и понатаму ќе се загадува воздухот.

Гасоводот кој се гради е магистрален. Тоа е како изградба на магистрален автопат. Луѓето од своите домови не излегуваат на магистрален автопат. Потребни се улички и улици, булевари, за да се поврзат на крај со магистралниот автопат. Исто и за гасоводот. Потребни се цевки низ сите населени места за да може на крај домаќинството кое се грее на дрва, ако сака, да може да се приклучи. Тоа е предуслов. Тоа се секундарните и терцијарните мрежи на гасовод кои ги нема низ градовите и населените места долж трасата и не се знае кога ќе ги има.

Дополнително, ако сте влегле во куќа на некој што се грее на дрва, ќе видите дека користат печка, во најголем број на случаи. Да замислиме, ете, во 2030 година донесен е гасоводот до нивните улици, има гасоводна мрежа. За да преминат на гас, ќе мора прво да се приклучат до гасоводната цевка, да купат котел, да копаат низ куќата за да постават цевки, радијатори или друго, за да може да се греат на гас. Ако сакаат да го користат за готвење, ќе мора нов шпорет да купат и повторно да копаат и поставуваат цевки. Сето тоа чини поприлично за наши услови. Главното прашање ќе биде како овие домаќинства ќе инвестираат во преадаптација на домовите, опрема и приклучок за да може да преминат на гас?

Манипулацијата дека ќе продолжат да се сечат дрва, ако се одложи изградбата на гасоводот и се оди по нова траса надвор од Водно, треба да престане. Дрва ќе се сечат за огрев и со изграден магистрален гасовод, сѐ додека не се овозможи премин на тие домаќинства кон чиста енергија, што не е возможно скоро.

Целата постапка на изградба на гасоводот е полна со нерегуларности.

Во одобрението за градење, нема документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје. Во студијата за оцената на влијание на проектот врз животната средина, не е разработено влијанието на проектот во заштитеното подрачје парк шума Водно, не се земени предвид ерозивните подрачја, студијата е стара, изработена во 2011 година, од кога се случени големи промени, изведени објекти и инфраструктура, кои не се земени предвид, еден од наведените соработници во студијата, биологот проф. Мицевски, изјавува дека ќе преземе правни чекори против изработувачот на студијата Технолаб, зошто не бил вклучен во изработката на студијата, ниту пак контактиран. На јавните расправи во врска со оваа студија, немало присуство на граѓани, немало дискусија, се одвивале крајно нетранспарентно. МЕР АД-Скопје распишал тендер за изградба на гасоводот месеци пред да бидат воопшто овластени од Владата за негова изградба, итн.

Во предконструктивна фаза, не е извршен мониторинг во парк-шума Водно на клучни природни живеалишта и биодиверзитетот кои може да бидат афектирани од проектот, по трасата на движење на гасоводот.

Во фаза на изградба, предвидените мерки за намалување на негативните влијанија врз животната средина не се применуваат, не е обезбедена супервизија од експерт еколог или биолог за какви било градежни активности во заштитеното подрачје парк-шума Водно, се врши отстранување на грмушки и дрвја во периодот на гнездење на птиците (од 1- ви март до 30-ти септември), не се преземаат мерки за спречување на истекувања на гориво и масла, итн.

Воедно, Министерството за животна средина го разгледува барањето за отпочнување постапка за утврдување на потребата од повторно спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина и во наредниот период ќе извести за резултатот од анализите.

За крај, сакаме да укажеме дека обидите, зеленото прашање гасоводот да не оди низ Водно, да се претвори во меѓуетничко прашање на Македонци против Албанци, од страна на функционери, се обиди кои поттикнуваат омраза на етничка основа и се сериозно кривично дело. Ние ги осудуваме и ги сметаме за недозволиви и крајно опасни.

Ние ја продолжуваме нашата борба на сите нивоа и со сите средства.

Гасоводот може и мора да најде друг пат низ кој ќе минува, но не низ Водно.

Граѓанска иницијатива „Го Сакам Водно"

 

ОкоБоли главаВицФото