Денешна Европа би можела да учи од Југославија

20.08.2018 01:39
Денешна Европа би можела да учи од Југославија

Павлијон Југославија, Венцеслав Рихтер, 1958

Интервју со Мароје Мардуљаш, критичар, писател и уредник на неколку книги од кои најмногу одекна проектот „Недовршени модернизации; Помеѓу утопијата и прагматизмот“, на кој работеше заедно со колегата Владимир Кулиќ. Мардуљаш работи на Архитектонскиот факултет во Загреб.

Штотуку се вративте од Њујорк, каде во Музејот на модерната уметност (МоМА) беше отворена изложбата „Кон конкретна утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“, во чие создавање учествувавте. Зошто е избран токму тој период, заклучно со 1980 годината кога умре Јосип Броз Тито?

Датумот се совпаѓа со моќната инаугурација на постмодерните тенденции, со познатото и реакционерно прво Биенале на архитектурата во Венеција. Зборуваме за периодот кој главниот куратор Мартино Стиерли и ко-кураторот Владимир Кулиќ го оценија како врв на модернизмот и југословенскиот социјалистички проект, кој тогаш навлегува во криза. Таа е евидентна во општествено-политичкиот домен, а осумдесеттите се и период на економска криза кога заостануваат инвестициите. Кризата добро ја илустрира фактот дека последните големи новозагребски населби, Дугава во целост, Слобоштина до половина, се завршени околу 1980 година така што рамката има логика. Од друга страна, ми се чини дека се работи и за своевиден политички маневар на музеите, како да сакале да го избегнат поимот „социјализам“ во насловот, иако тој за време на конципирањето бил присутен за да исчезне пред отворањето. Значи, сакале да се истакне непроблематичниот полет на модернизмот, а не целата социјалистичка држава со своите контингенции и контрадикции. Затоа изложбата не зборува за кризата, за „излезот“ од модернизацискиот замав. Земено е времето на постоење каков-таков утописки хоризонт, не и неговиот банкрот.

Архитектурата и утопијата

Во осумдесеттите филозофот Ернст Блох ја пишува и кај нас преведената книга „Простување од утопијата?“, каде прашалникот зборува за несогласувањето со банкротот.

Утопијата постојано е присутна во архитектонскиот дискурс и може да значи сешто. На пример, во 2002 беше одржана влијателната изложба за „новиот параметрицизам“ во Грац, која зборува за „латентната утопија“ на неолиберализмот. Архитектурата е таква. Таа е испреплетена со системите што доаѓаат и заминуваат.

Визионерски проект на архитектот Јанко Константинов

Играта на зборови од насловот на њујоршката изложба, која ја читаме како „бетонска“, но и „конкретна“ утопија алудира токму на поимот на споменатиот германски филозоф Блох, кој го разликува позитивното утописко од негативното утопистичко. Социологот Огнен Чалдаревиќ го доведе во прашање и изразот „социјалистички модернизам“, зашто смета дека тоа е интернационален стил. Но МоМА сместува сè во оптиката на Студената војна, биполарниот свет, Југославија како „нешто помеѓу“, без да се обиде да ја разбере сингуларноста на нашето искуство?

Во изложбите на архитектурата и уметноста воопшто, а особено во институциите како МоМА, која ѝ се обраќа на најшироката публика, поедноставувањата се неизбежни, тие се како правила на жанрот. Кога ги пишувавме текстовите за каталогот, добивме мошне јасни упатства, а подоцна и редакторски коментари дека мора да бидеме едноставни и во широките потези да ја зафатиме проблематиката, зашто публиката на МоМА не знае ништо за нашиот контекст. Вториот извор на поедноставувања е тоа што изложбата не се конституира околу строга теорија, туку околу метатеоретските претпоставки практични за конструирање на наративот. Потребна е приказна за себе, со почеток и крај, логичен редослед. Затоа се служиме со вакви игри на зборови како во насловот, кои алудираат на обид за реализирање на општествената утопија во југословенскиот самоуправен социјализам од една страна, а од друга страна доминацијата на модернистичката, „бруталистичка“ архитектура обележана со бетон. И едното и другото се редуктивни, но можат да ја ориентираат публиката. За нас одовде, истражувачите кои и претходно сме се занимавале со таа проблематика, оваа изложба не донесува некои особено нови критички согледувања. Но, таа не ни се обраќа нам, туку на глобалната публика заинтересирана за архитектурата и за контекстот што ја изнедрил таа архитектура. Новост е изложувањето на исклучителен архивски материјал што со години макотрпно го собиравме.

Национална и универзитетска библиотека, Приштина – архитект Андрија Мутњаковиќ, 1982

Становите во самоуправниот социјализам

Изложбата има четири делови: „Модернизацијата“, „Глобалните мрежи“, „Секојдневниот живот“ и „Идентитетите“. Како се замислени?

Кустосите така ги избраа тематските групи кои ја одредија архитектурата на Југославија во тоа време. „Модернизацијата“ се однесува на клучната улога на архитектурата и урбанизмот во севкупната трансформација на општеството, во пребразбата на земјата од предоминантно рурална во урбана и во обидот за еманципација на граѓаните преку урбана експанзија. Историјата на нашите градови секако е урбана, но се работи за нови квантитети и квалитети. Градот служи, барем теоретски, и како инструмент за создавање на пролетаријатот, а тој е нужен за социјалистичката револуција. Освен големите екстензии како Нов Белград и Нов Загреб, и историските амбиенти како Сплит и Задар тогаш добиваат и нови слоеви, важни и за нивните идентитетски одредници. На пример, денес е невозможно да се зборува за Задар исклучиво како за римски или средновековен град, туку за него легитимно е да се зборува како за модерен град со оглед на мошне успешната реконструкција после Втората светска војна.

Тука се и „глобалните мрежи“, според позицијата на Југославија во Движењето на неврзаните и неговото глобално политичко значење. Неврзаните тука се спомнати како вид алтернативна глобализација, а тоа денес се совпаѓа во актуелниот интерес за постколонијалните студии и извозот на архитектонските и урбанистичките од Првиот и Вториот во Третиот свет. Овдешните проектантски и градежни фирми значајно учествуваа во урбаните трансформации на земјите од Третиот свет. Дали тие биле идентитетски чувствителни, дали доволно ги разбирале контекстите на Африка или Азија во кои дејствувале, тоа е отворено, критичко прашање. Во тој пакет кустосите го пикнаа и нашиот туризам, како глобална инфраструктура наменета за туристите, привремените граѓани главно од Западот и помалку од Истокот. Големите луксузни хотели биле сосема неочекувано поле на експерименти, а клучно е тоа што урбаната трансформација, и покрај максималистичките амбиции, сепак посветувала големо внимание на она што денес го нарекуваме одржливост.

„Секојдневниот живот“ вклучува многу различни мерила на архитектонското дејствување. Од дизајнот на мебелот и електрониката, кога имавме мошне силна индустрија која денес во голем дел не постои, преку прашањата за станови и право на стан, па до урбанизмот, кој треба да се смести во одреден стан во рамки на самоуправниот социјализам. Тука се клучните механизми на управување со изградената околина, прашањата на кој начин се алоцираат становите, кој го финансира градењето. Исто така, концептот на станбената населба, на пример некоја во Нов Загреб, ја следи логиката на основната единица во самоуправниот социјализам, а тоа било нивото на месните заедници, каде граѓаните можеле да партиципираат во непосредната демократија. Тоа никогаш не заживеало докрај, но урбанизмот е преземен од мејнстримот на глобалниот механизам, логиката на „населбите“, која била иста насекаде во светот но кај нас имала и самоуправна рамка.

Споменик на битката за Сутјеска, Миодраг Живковиќ, 1965-1971

Најпосле, во темата „Идентитети“ се наоѓа хипотезата дека во Југославија мултикултурализмот бил поттикнуван системски. Секоја од републиките, освен Црна Гора, имала своја архитектонска школа, која афирмирала свој сопствен пристап. Тоа се сфаќа како потпирање на локалниот контекст и наследството, кое не мора да биде етничко. Добар пример е ситуацијата во БиХ и делото на Јурај Неидхарт и неговите соработници. Во БиХ постои доминантен слој на фасцинантна отоманска архитектура и таа се апсорбира и вградува во новиот израз кој истовремено е и локален и модерен. Тука запира критиката на отоманското како империјално, иако таа била доминантна во интерпретацијата на историјата и таа архитектура се препознава и признава како вреден културен ресурс. Слично е и со медитеранскиот модернизам на јадранското крајбрежје, постои плурализам на модернизмот и идентитетот, од што денешна Европа би можела нешто да научи. Дел од приказната за идентитетите се и спомениците од антифашистичката борба и револуцијата. Спомениците се своевиден контрапункт, панјугословенски модалитет или проткајувачка транс-национална типологија. Тие не биле замислени како места кои по завршувањето ќе бидат напуштени од колективите и ќе им бидат препуштени на поединечни посети. Тоа биле места за организирање различни колективни ритуали, а често биле и едукациски центри. Петрова гора не е само фасцинантен мега-споменик на Бакиќ, туку била и партизанска болница, во која се одело за да се запознаеме со минатото.

Ваша е темата „Помеѓу утопијата и прагматизмот“ и во неа тврдите дека кај нас речиси и да немало вистински авангардни проекти. Дали, спротивно на духот на денешната „обнова“ можеме да зборуваме за конзервативизам во модернизмот, кој ја одбива авангардноста?

На просторот на поранешна Југославија освен Венцеслав Рихтер, впрочем немало утописки замисли. Повеќето архитектонски проекти биле мошне прагматични. После Втората светска војна не само во Југославија, туку и на други места, се случувало модернизмот да биде апсорбиран во матицата и тоа не само на Запад, туку по смртта на Сталин и на Исток. Во двата контексти би можеле да зборуваме за „индустријализиран модернизам“, кој можеме да го наречеме така затоа што клучна амбиција била задоволување на непосредните потреби, зад што стои јасна општествена агенда. Во Југославија е важно да се зборува за настојувањето на архитектите создавањето на изградената околина која оди кон инструменталната модернизација да ја вратат назад, кон вредносната модернизација, да се изразам веберовски. Во тоа југословенските архитекти биле многу успешни заради своето моќно структурно влијание на развојот на изградената околина. Да ја додадеме и самата идеолошка база на „културните слободи“ во Југославија која можела да биде поткрепа во борбата за, на пример, поквалитетен распоред на станот. Дали можете да го замислите тоа денес? И тоа е она што е особено интересно во нашиот експеримент.

Споменик на востанието на народот од Банија и Кордун, Петрова гора, Војин Бакиќ, 1979-1981

Денес Рихтер најмногу се споменува заради неговиот павилјон за изложбата ЕКСПО 58 во Брисел. Но помалку се знае дека тој е и автор на радикално авангардистичкиот проект „Синтурбанизам“, како утописка антикапиталистичка архитектура која е соодветна за социјалистичкиот човек.

Единствениот проект за кој самиот Рихтер пишува дека има амбиција да го прифати развојот на самоуправното општество е неговиот „Синтурбанизам“. Според мене, него можете да го читате и утописки и дистописки. Зашто, ако замислите дека основата на концептот е пирамидална мегаструктура која треба да собере осум до десет илјади луѓе и да ги опфаќа сите функции на градот во една градба, не сте најсигурни дали тоа би бил среќен начин на развој. Неговата аргументација е прагматична: во модерните градови времето се губи во сообраќајот, па ако се пикнеме во еден комплекс, вклучително со политичкиот живот (на врвот од пирамидата се предвидени големи сали за политички настани и директна демократија), дека ќе постои нова блискост и поинакви врски помеѓу поединците во колективите, тогаш тоа е идеалистички обид случувањата кои Рихтер ги гледа околу себе да се материјализираат и во еден поинаков вид на град.

Мислам дека кај него можеби е уште поважно што интензивно пишувал критички текстови, меѓу кои е клучниот „Асистенција и ангажираност“, единствениот текст на некој архитект објавен во списанието Праксис. Во него тој прави фундаментална разлика, дали архитектите само му асистираат на општеството кое доаѓа со готови развојни стратегии, на кои тие само им даваат форма. Или архитектите се општествено ангажирани поединци кои учествуваат активно, заедно со сите други акции во создавањето визии за ново општество. Не постои централизирана концепција, туку општествениот развој се одвива преку колективна полемика. Неговиот теоретски општествен придонес остана непрепознаен, занемарен, отфрлен како туѓо тело. Ако некаде постоел потенцијал да се случи нешто што би можеле да го наречеме самоуправна архитектура, тогаш тоа би било тука во „архитектурата на преговорите“. Кај толку различни архитекти како Рихтер и Владимир Турина се јавува слична фрустрација, зашто уште во шеесеттите согледале дека нештата не одат во идеален правец. Според Турина модернистичките идеали веќе пропаднале, а ова што се создава во Нов Загреб не биле баш конкретни утопии кои ги сонувале пионерите како него.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Книжевност / Култура
Графички Дизајн / Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото