Балканизмот како реторика на другоста

17.09.2010 12:29
Балканизмот како реторика на другоста

На историјата – која има централно место во легитимизирањето и репродукцијата на општествените односи на Балканот – мора да и’ се пријде на нов начин.

Состојбата во регионот, за која се вели дека произведува повеќе историја отколку што ја троши, може да се надмине единствено ако таа историја добро ја запознаеме. Меѓутоа, не треба претерано да се надеваме ни да очекуваме дека може да се постигне и надминување на разликите, дека ќе се настојува на некоја универзална или барем пошироко прифатена вистина. Имаше многу благородни и корисни иницијативи засновани на ова верување, меѓу кои посебно се истакнува големиот проект на Институтот за проучување на учебниците Георг Екерт од Брауншвајг, работен под покровителство на УНЕСКО. Овој проект постави благородна цел и беа вложени практични напори да се надминат нетолеранцијата и ксенофобијата за на социјализираната личност да и’ се претстават вредностите на демократијата и човековите права. Овој проект поттикна многу настојувања да се подобри квалитетот на учебниците по историја и историографските текстови на Балканот.

Но не треба да се заборави дека таа иницијатива делува во реалниот свет на системите на националните држави, во кој главната цел на нациналното образовање е негувањето на националниот идентитет и лојалноста (иако тоа образование не мора да биде спротивставено на вредностите на толеранцијата). Ќе го илустрирам тоа со краток цитат од проектот за сликата на „другиот“ во балканските учебници. Авторката вели: „Анализата на учебниците по историја покажува дека историчарите имаат многу важна задача. Мора да се вложат напори да се компилираат учебници кои на децата ќе им ги претстават принципите на демократијата и толеранцијата спрема ’другиот’. Тоа не подразбира одрекување од сопствената историја ниту заборавање на личностите и настаните кои станале национални симболи“. Јасно е дека овде постои непремостива епистемолошка тешкотија. Нашата историја и националните симболи станаа она што се токму поради процесот на конструирање на „другиот“. Нив можеме да ги зачуваме само во системот на мислење во кое „другиот“ е асимилиран во експанзивното „јаство“. Од друга страна, нивната деконструкција (која претставува природен следен чекор) го разорува целиот проект на национално образовање и социјализација, со што, всушност, се дава поддршка на жестокото противење на екстремните (и, во крајна линија, на сите) националисти со такви настојувања. Тоа не значи дека ја потценувам огромната вредност на проектот за унапредување на учебниците. Дури и ако се чини дека многуте резултати кои се постигнати по херкуловските напори се само козметички, овој проект претставува огромен напредок во однос на старите ксенофобични стереотипи.

Меѓутоа, мора да ни биде јасно дека овде имаме работа со два посебни вида дискурси кои имаат сопствени правила, а когнитивната цел не е главната цел на инструменталистичкиот пристап. Со вметнувањето на „другиот“ на цивилизиран начин, проектот за унапредување на учебниците сепак ја репродуцира другоста, па дури и ја прави поригидна. Впрочем, по дефиниција, „другиот“ не мора да биде оцрнет; понекогаш му се вохитуваме и го цениме, иако во пракса преовладува дефанзивниот тон. Затоа е неопходно да се пренасочи вниманието од производот на производителите на разлики. Иако учебникот може да биде извонреден краен резултат на договор или соработка, неговата основа ја чини прескриптивниот принцип. Вистински успех би било воведувањето на соодветните но длабоки промени на ниво на елитите кои ги произведуваат разликите. Тоа значи дека дијалошкиот принцип, движењето, самиот процес (а не задолжително крајниот резултат) се она што ја произведува свеста за почитување на другиот и изразување на таа почит во пракса.

Лошата состојба на меѓусебните односи на Балканот не е нешто што се случува под стаклено ѕвоно. Појавата наречена процес на „верижно ориентализирање на другите“ на Балканот, еден одвратен обичај на прикажување на соседот како „поориентален“ од нас, карактеристична е за пошироката состојба на духот која ја именував како „балканизам“. Отвореното понижување кое произлезе од тој дискурс, а кое најсилно го чувствуваат интелектуалците, и понатаму ја влошува атмосферата на обесхрабреност во регионот бидејќи им дава тежина на два спротивставени стремежа: откажувањето од решавање на проблемите и целосно оддалечување од нив, од една страна, и уште поогорчен традиционалистички изолационизам и негување на синдромот на прогонетост, од друга страна. Потребни се крајна ненаметливост и деликатност, за идејата за југоисточноевропската соработка, под паролата дека Балканците мораат конечно да ја земат судбината во своите раце, да не биде сфатена како обид на наметнување мирољубиво однесување во гетото. Пол Валери рече дека историскиот идентитет е растргнат меѓу лудите идеи за величините и делириумот на прогонувањето. Кога го критикуваме Балканот поради делириумот на прогонувањето, не смееме да заборавиме дека таа огорченост е само еден дел од неодвоивата европска дијада. Таа постои во соседството на луди идеи за величини во подобрата половина на Европа, но и поради нив.

Она што јас го дефинирам како балканизам е создавано постепено, за време на отприлика два века. Во 18-от и 19-от век, време кога Балканот беше откриван и истовремено измислуван, се појавија посебни обрасци на перцепција. Тие се искристализираа во специфичен дискурс (во Фукоова смисла) за Балканот дури некаде за време на Балканските војни и Првата светска војна. Следните децении тој доби дополнителни карактеристики, но тие додатоци беа повеќе работа на деталите отколку на суштината. Тој дискурс беше пренесуван во груби црти, а се пренесува и денес речиси непроменет. Тврдев и дека, за разлика од ориентализмот, кој претставува дискурс за импутираната спротивност, балканизмот е дискурс за импутираната амбивалентност. Бидејќи се наоѓаат некаде „помеѓу“, и се во состојба на премин од едно во друго, Балканците можеа едноставно да станат нецелосни други; наместо тоа, тие се конструирани како нецелосно јаство. За тоа постојат две причини: религијата и расата.

Бидејќи географски е неодделлив од Европа, а културно сепак конструиран како „другиот“ во рамките на неа, Балканот можеше лесно да апсорбира многу политички, идеолошки и културни фрустрации создадени од тензиите и противречностите кои се својствени за регионите и општествата вон него. Со текот на времето балканизмот стана згодна замена за емоционалното празнење кое дотогаш го пружаше ориентализмот, со што го ослободи Западот од обвиненијата за расизам, колонијализам, евроцентризам и нетолеранција на христијанството кон исламот. Бидејќи Балканците се наоѓаат во Европа, бели се, повеќето се христијани; според тоа, причината што тие станаа предмет на екстернализација на фрустрациите не можат да бидат расните и верските предрасуди. Како и во случајот со источњаците, на Балканците им беа припишувани негативните карактеристики наспроти кои беше конструирана позитивната и самозадоволна слика на „Европеецот“ и „западњакот“. Бидејќи Истокот и ориентализмот повторно станаа независни семантички вредности, Балканците останаа робови на Европа, антицивилизациски елемент, alter ego, нејзината мрачна страна.

Целата оваа анализа на сликите и претставите не е само академска. Таа има непосредни врски со праксата бидејќи политиката ги инструментализира претставите и истовремено ги обликува. Покрај тоа, тие имаат неповолен ефект на целите на општеството, бидејќи буквално ги интернализираат и репродуцираат локалните елити. Истовремено (а тоа ме доведува и до последната причина за промена на фокусот на студиите на алтеритетите во претходните 20 години), постои феноменот на глобализацијата, појавата на критичната маса на културни хибриди, луѓе кои умеат да го читаат она што се пишува за нив, за групите на кои им припаѓаат или за своите општества. Овие луѓе, по правило интелектуалци од целните општества, умеат да одговорат на она што е напишано или кажано бидејќи се во состојба да учествуваат во доминантниот дискурс и, благодарение на тоа, во положба се да влијаат на тој дискурс, а понекогаш и да го менуваат. Создаден е нов дијалошки принцип во претставувањето на другиот, а тоа наметнува и нова научна етика.

Не може да се каже ни дека реториката на другоста произведува само негативни слики. Иако, во целина гледано, се чини дека вниманието посветено на Балканот е мотивирано од стравот од зараза и потребата тој да се стави во карантин, како и целиот негативен спектар кој оди од разорната, но барем пасивна улога до претенциозните, активистички и казнено настроени ставови, имаше и насотјувања југоисточноевропскиот (балканскиот) регион да се обележи како нешто што заслужува вистинска грижа и разбирање. Но обележувањето не е недолжен чин. Сложените поими (како регионите, нациите, расата, родот итн.) се општествено конструирани системи со означени или неозначени категории. Сложениот поим Европа ги опфаќа и обележаните категории како Југоисточна Европа (Балкан), источна Средна Европа, Источна Европа, и необележани категории како, на пример, северозападна Европа, југозападна Европа, западна Средна Европа. Обележаните категории станаа обележани како различни, а необележаните остануваат моќен стандард во однос на кој останатите мораат да се позиционираат. И токму неозначените категории доминираат и претставуваат посебен центар на општиот поим.

Покажано е дека потребата за дефинирање, како и потребата за дефинирање на себе си, се раѓа од чувството на маргиналност. Иако нема сомнеж дека вниманието е подобро отколку занемарувањето (освен во случаите на крајна стигматизација) и дека, ако не е означен, Балканот нема да биде неозначена туку ќе биде непостоечка категорија, мораме да внимаваме преизразеното внимание да не резултира, дури и во крајно добронамерниот дискурс, со конструирање на Југоисточна Европа како темелно различна и безнадежно маргинална во однос на остатокот од Европа.

Овој текст претставува извадок од книгата „Кревање на минатото во воздух. Огледи за Балканот и Источна Европа“.

Илустрации: Eli Horn

ОкоБоли главаВицФото