1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 09:55
Членството во НАТО е стратешка определба на Македонија уште од осамостојувањето. Грчкото вето кое се должеше на нерешениот спор за името беше пресудно за неуспешниот обид за интеграција на Македонија во НАТО на Букурешкиот самит во 2008 година. Три години подоцна, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба во која се обврзува да не се противи на приемот на Македонија во меѓународните организации под привремената референца. Економските последици од спорот започнаа со ембаргото во 1994-1995 година, кое за двете години ја чинеше македонската економија околу 14 отсто од БДП, но продолжија и низ долгите години на политичка и економска нестабилност која меѓудругото беше предизвикана и од спорот за името.
Пораст на буџетските трошоци на Македонија како членка на НАТО
Македонија во јули 2018 година доби официјална покана за отпочнување преговори за членство во Aлијансата под услов да ја имплементира Преспанската спогодба за спорот за името. Имплементацијата на оваа спогодба, пред сè, зависи од граѓаните на Македонија кои во септември преку гласање на референдум ќе се изјаснат во врска со промената на името како услов за влез во ЕУ и НАТО. Деценијата помеѓу Букурешкиот самит и скорешниот самит на НАТО во Брисел беше период на шпекулации во јавноста за придобивките и недостатоците од членството во НАТО, за тоа колку земјата ќе треба да издвојува од својот буџет за финансирање на активностите на НАТО и дали потенцијалните придобивки би биле доволни за очекуваното зголемување на буџетските расходи за одбрана да биде оправдано од економски аспект.
Финансирањето на НАТО се одвива на два начина - преку директно финансирање на буџетот на НАТО и индиректно финансирање преку националните буџети за одбрана.
Буџетот на НАТО се состои од следните посебни буџети:
Воен буџет на НАТО – буџет за потребите на воениот персонал во седиштето на НАТО во Брисел кој во 2017 година изнесувал 1,4 милијарди долари;
Граѓански буџет на НАТО – буџет за потребите на администрацијата во седиштето на НАТО во Брисел кој во 2017 година изнесувал 252 милиони долари;
НАТО инвестициска програма за безбедност – инвестиции во безбедносни системи на наднационално ниво, за кои во 2018 година е поставен плафон од 700 милиони долари.
Овие буџети заедно изнесуваат околу 2,3 милијарди долари, а се финансираат од страна на сите земји членки според претходно договорени удели. Уделите се определуваат според формула која го зема во предвид бруто националниот приход како објективен параметар за фер распрелба на трошоците. Според договорените удели кои важат до крајот на 2019 година (слика 1), најголем удел во финансирањето има САД со 22 отсто од НАТО буџетот, а најнизок Црна Гора со 0,02 отсто. Албанија, која според својот бруто национален приход е споредлива со Македонија, во НАТО буџетите придонесува со удел од 0,08 проценти, што значи дека сличен износ би можеле да очекуваме да се определи и за Македонија кога би станала полноправна членка на НАТО. Овој процент одговара на околу 1,8 милиони долари дополнителни трошоци за Македонија на годишно ниво или околу 0.7 отсто од актуелниот буџет за одбрана.
Од друга страна, индиректното финансирање на НАТО ги опфаќа националните буџети за одбрана на сите земји членки кои во 2017 година според некои проценки заедно изнесуваат 921 милијарда долари. Во 2014 година, земјите се согласија дека секоја членка годишно треба да остварува буџет за одбрана од 2 отсто од БДП на земјата, најдоцна до 2024 година. Меѓутоа, треба да се напомене дека ова е повеќе насока отколку правило. Така, во 2017 година (Слика 2), од вкупно 29 земји членки, само 5 го исполнуваат овој таргет и тоа: САД (3,6 отсто од БДП), Грција (2,3 отсто од БДП), Естонија (2,1 отсто од БДП), Велика Британија (2,1 отсто од БДП) и Полска (2 отсто од БДП).
И покрај фактот дека мал број земји се водат според овој официјален таргет, во 2008 година Македонија дури го надмина, кога за буџетот за одбрана бea наменети 2,17 отсто од БДП. Во годините што следат после неуспехот во Букурешт, Македонија почна да одделува сè помалку средства за одбрана, за во 2016 година расходите да достигнат околу 0,9 проценти од БДП. За споредба, Исланд која е НАТО членка, но има мала армија троши 0,1 отсто од својот БДП на одбрана. Оваа година во Македонија може да се забележи повторна тренденција на раст на буџетот за одбрана и тоа за 16 проценти во однос на 2017 година.
Доколку Македонија стане полноправна членка на НАТО, можеме да очекуваме постепено зголемување на националниот буџет за одбрана во текот на следните шест години (околу 0,2 отсто годишно до 2024 година) како повторно би достигнале 2 отсто од БДП.
Растечки тренд на СДИ во повеќе земји членки на НАТО
Иако примарниот мотив за членство во НАТО е од одбранбен и политички карактер, постојат и економски аспекти од влезот во НАТО кои треба да се проценат преку утврдување дали потенцијалните економски придобивки ги надминуваат очекуваните дополнителни буџетски трошоци. Една од често споменуваните тези е дека влезот во НАТО придонесува за раст на странските директни инвестиции како последица на зголемената политичка стабилност.
Според студија од 2016 година која го мери „ефектот на НАТО“ според податоците од неколку земји членки (Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Албанија и Словенија), влезот во Алијансата е проследен со бројни краткорочни и долгорочни позитивни ефекти како што се: зголемување на БДП од околу 1,5 пати, зголемување на странските директни инвестиции за приближно 3 пати, речиси трикратно намалување на невработеноста, зголемување на очекуваното траење на животот во просек за 5 години и подобрување на регионалната интеграција. Во случајот на Естонија, по влезот во НАТО странските инвестиции се зголемиле повеќе од тројно, односно од 965,8 милиони на 3,1 милијарди долари.
Според податоците на Светска Банка, Црна Гора во годината кога стана членка на НАТО (2017 год.) бележи зголемување на нето влезните странски директни инвестиции за 141 процент во однос на претходната 2016 година. Бугарија пак, која стана членка на НАТО во 2004 година, во првите три години после влезот во Алијансата забележа зголемување на нето влезните странски директни инвестиции од 351 отсто, а Романија во првите 4 години после влезот во НАТО има раст на странските директни инвестиции од 112 отсто. Спротивно на тоа, Хрватска и Албанија после влезот во НАТО во 2009 година имаат пад на странските директни инвестиции, што меѓудругото се должи и на глобалната економска криза кога инвестициите и трговијата на светско ниво се преполовуваат.
Корелација или каузалност?
И покрај горенаведеното, не треба да се избрзува со интерпретацијата на овие статистички податоци. Според латвискиот политички аналитичар Вилписаускас, мерењето на „НАТО ефектот“ е тешко бидејќи многу варијабли може да играат улога во зголемувањето на економската активност во земјите, освен фактот дека тие станале членки на НАТО, иако и неговите истражувања покажуваат корелација помеѓу влезот во НАТО и повисоки нивоа на странски директни инвестиции во Балтичките земји, а со тоа и повисок економски раст. Аналитичарите не смеат да направат изедначување помеѓу она што значи корелација на двете појави и каузалност меѓу членството во НАТО и зголемувањето на странските директни инвестиции.
Потребна е внимателност при носењето на овие заклучоци, бидејќи повеќето земји кои влегле во НАТО воедно поминале низ период на транзиција од централно-планирани во пазарни економии и низа долгорочни структурни економски реформи. Освен тоа, многу од земјите се истовремено членки на Европската унија и тешко е да се разграничи дали и до кој степен растот на странските инвестиции се должи на членството во НАТО или на членството во Европската унија.
Извор: Respublica