Фестивалот АКТО со тема „Општество во изградба“

22.08.2018 02:18
Фестивалот АКТО со тема „Општество во изградба“

13. по ред АКТО Фестивал за современи уметности, годинава ќе се одржи од 23 до 25 август во Битола, со фокус на темата „Општество во изградба“, во организација на Факултетот за работи што не се учат и во соработка со повеќе организации меѓу кои и граѓанската платформа „Мрдни со прст“.

АКТО Агора, АКТО за заедницата, АКТО Уметничка програма, АКТО Музика и АКТО Воз се петте програмски целини на фестивалот. Куратори на Фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски. Зад АКТО Агора крај нив застана Биљана Тануровска – Ќулавковски, а музичката програма ја потпишуваат Виолета Качакова и Мирко Попов.

Организаторите најавија дека по подолго време, во рамки на фестивалот, ќе биде активиран возот на релација Битола-Скопје-Битола, кој ќе застанува на сите железнички станици на оваа релација за да ги донесе заинтересираните на фестивалот.

„По 11 години живеење во еден систем кој ги погази демократските вредности во општеството, сметавме дека потребно е повторно и од ново, преку културата да се потсетиме на вредностите на кои треба да се гради општеството, а тоа се солидарност, заедништво… Уметничките дела на најновото издание специјално се продуцирани за фестивалот кој ќе биде отворен со соларна кујна, проект на Никола Узуновски, ќе има акто-расадник и други актвности кои прв пат ќе бидат изведени на фестивалот во Битола“, вели Филип Јовановски, куратор на фестивалот.

„Програмата кураторски обединета од Ивана Васева и Филип Јовановски, значи заедница која секоја година ја обновуваме во АКТО, ние прекаријатните и самостојни културни работници, ние и нашиот прогресивен глас. „Општество во изградба“ значи моментум на поинакви идеи и некоја друга насока наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го предвид наследството на силната социјална компонента на уметноста. „Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО, кои се курирани, да го вратиме полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието. АКТО да биде простор каде ќе се создава заедно, каде сите ќе бидат вклучени и ќе се создава активна култура!“, наведуваат организаторите. 

Меѓу учесниците на фестивалот најавени се и Бодан Арсовски, Мирослав Грчев, Тошо Филиповски, Филип Тасевски Фиц, Мирко Попов и Виолета Качакова, потоа Биљана Тануровска – Ќулавковски, министерот за култура Асаф Адеми и градоначалничката Наташа Петровска, Роберт Алаѓозовски – националниот советник за култура, академик Катица Ќулавкова, Ристо Солунчев, а од регионот присутни ќе бидат Јанез Јанша од Словенија – еден од тројцата уметници што си го сменија името и Владан Јеремиќ и Ирена Радле од Србија.

„Соларна кујна“ на Никола Узуновски е проектот со кој во четврток, во 11 часот ќе биде отворено 13.издание на АКТО во Битола.

„Печат на годинешното издание ќе даде „Растечкиот споменик“ на Катарина Поповиќ. Ќе го отвориме фестивалот со нејзиниот АКТО расадник, ќе има 96 растенија и секој од Битола ќе може да дојде и да си земе“, истакна Ивана Васева куратор на фестивалот.

Повеќе за програмата видете овде.

Фестивалот годинава се реализира со директна поддршка на платформата „Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.

АКТО е поддржан и од Министерство за култура, Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, Град Битола, Проектот на УСАИД за граѓанско учество (ЦЕП), додека партнери на фестивалот се: Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, НУ Центар за култура – Битола, НУ Завод и Музеј Битола и НУ Народен театар Битола, Македонски железници, Мезе бар Јагода, Кафе Радост, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Хелсиншки комитет за човекови права и Клуб Епицентар.

 

ОкоБоли главаВицФото