Дваесет и вториот век

22.08.2018 02:47
Дваесет и вториот век

Паметните наши деца
Веќе ги спасија
Земјата од луѓето
Мртвите од живите
Верата од религиите
Го вратија вкусот на храната
Ја одвоија правдата
Од вистината
А вистината од точноста
Исто така, а тоа е
Подеднакво важно,
Засекогаш ја одвоија
Љубовта од обврската
И уживањето во неа
Од размножувањето
Секое девојче на ромобил
Секое момче и неговиот пес
Ги ставија пред државата и нацијата


Најдоа
‒ Тоа и не беше проблем –
Начин
Сите да имаат покрив
Над глава
Сите да јадат
Овошје и зеленчук
И да имаат право на
Добри болници
Најдоброто што
Можеме
Да го направиме за себе
Велат тие деца
Кои, еве, баш сега се раѓаат
Е да ги згрижиме
Особено мрзливите
Особено глупавите
Особено слабите
А најмногу неспособните
За што инаку служат нашиот талент
И знаење
Нашата страст за работа
Снагата и вештината


Мудрите наши деца
Како да не се наши
Ги отворија границите
И повторно дојде
Шашавото време
На отклучените врати
Им осигураа на сите
Часови за книги
И вечери за кино
Малку пари за
Патувања
Ги прекроија сите
Императиви во
Не осудувај
И не биди кретен
Го направија тоа
Без диктатура
(Ако се земе
Предвид
Дека образованието
Не е диктатура)
Нивните затвори
Се налик на училишта
Она што не го може науката
Го може поезијата


Кои процеси
Доведоа до тоа
И дали падна повеќе крв отколку
Што секојдневно паѓа
За светот конечно
Да стане нормално место
За животот конечно да стане
Вреден за живеење
‒ Нема да дознаеме
Оти нема да го видиме
Дваесет и вториот век


Ние само успеваме
Да учиме од тие деца
Кои уште не се родиле
Успеваме да посадиме
Лимон на плоштад
И да гледаме како расте
Без оглед на последиците
Да му се каже на странецот
Добредојде
Да се заборават непријателите
И да се остари
Меѓу пријатели
Ние уште и ќе стигнеме
Да прочитаме стотина книги
Педесет пати да запееме
И иако изгледа безнадежно
Да гласаме
Секогаш за левичарите
Ние можеби уште и ќе стигнеме
Да се сретнеме
И да се бакнеме пред светот
Што мислиш
Ако сето ова го направиме
Ќе дојде ли побрзо тој
Дваесет и втор век

Превод: Ивана Галапчева

Слики: Esther Pearl Watson

 

 

 


 

ОкоБоли главаВицФото