Секмет, лавоглавата божица на војната, на жестоки бури, чума и оздравување од болештини, размислува за пустината во метрополитенскиот музеј за уметност

22.08.2018 15:26

Тој беше од оние мажи
кои ни мува не би отепале.
Многу муви се сега живи,
а тој веќе не е.
Не ми беше претпоставен.
Тој претпочиташе полни амбари, а јас битка.
Мојот рев значеше колеж.
Но еве сме тука заедно
во истиот музеј.
Тоа не ме загрижува, иако, неуморните
толпи од зјапнати деца
што учат лекција за мулти-
културно поништување, sic transit
итн.

Го гледам храмот кај што се родив,
или изграден таму кај што имав моќ.
Ја гледам пустината потаму,
каде врелите конусни гробови, што
од далечина личат, искрено, на шапка за глупаци,
ми ги кријат шегите: исушеното месо
и коски, дрвените бродови
во кои мртвите едрат бесконечно
и бесцелно.

Што очекувате од богови
со животински глави?
Иако, кога ќе си помислам, тие што
беа изработени подоцна, целосно човечки,
не беа нешто поарни.
Сакај ме и дај ми богатства,
уништи ги моите непријатели.

Изгледа само за тоа се работи.
Ох, да: И избави ме од смртта.
За возврат ни даваат крв
и леб, цвеќе и молитва,
и озборување.

Можеби има нешто во сево ова
што сум го пропуштила. Но ако барате
несебична љубов,
сте дошле кај погрешна божица.

Само си седам таму кај што ме поставиле,
од камен и неостварливи желби:
дека божеството што убива од ќеф
треба и да лечи,
дека во средиштето од твојот кошмар,
последниот, љубезен лав
ќе дојде со завои во муцката
и со меко тело на жена
и ќе те излиже начисто од треска,
ќе ти ја вознесе душата нежно фатена за тилот
и ќе те милува во темнината и рајот.

Превод: Зоран Анчевски

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото