Дописни љубови

22.08.2018 17:29
Дописни љубови

Угледната српска писателка Радмила Лазиќ е гостинка на книжевниот фестивал Друга приказна.

Од нејзината книга „Идентитети“ во фестивалската едиција „Друга приказна“ пренесуваме пет кратки раскази.


Дописни љубови

Тогаш да заминев за Илок кај жилавиот дечко со кој се допишував, сега ќе бев жилава снајка со жилав внук во скутот и ќе кршев ореви за жилава торта.

Лутана зима да отидев на зимување, на Јахорина, со тогашниот дечко од Сараево, можеби ќе научев да скијам или ќе скршев нога, или, пак, ќе се омажев - во што и нема некоја голема разлика. Бидејќи таму не стигнав, никогаш и не научив да скијам, мажачката ја избегнав, како и снајперскиот куршум и гранатите.

Тогаш да не ме измамеше дечкото од Скопје, ни јас него немаше да го изневерам, та ќе си живеевме како угледен уметнички пар во балканско-постјусловенската касаба. Додека едно утре не ќе се разбудевме како шаховски фигури, разместени меѓу грандиозни антички споменици, ние - децата на комунизмот.

Оној дечко од југот на Србија тогаш да седнеше во автобус и да дојдеше во Белград, наместо што ги даде последните пари за тостер (и тоа среде санкции и хиперинфлација), денес ќе зборував со врањански дијалект, ќе седев во двор и ќе печев пиперки кои тој во вреќи непрестајно ќе ги носеше од пазар.

Да не избија демонстрациите во Белград 1968-та, мојот тогашен дечко, студент од Ваљево, немаше трчајќи пред полицијата да ја изгуби чевлата ниту колешката од факултет ќе му купеше чевли ниту со неа ќе се оженеше а мене ќе ми пишуваше писма. Сега наместо нејзе јас ќе носев црнина, и можно е меѓу зборовите да не ќе ги барав изгубените бисери.

Недостигање

Би сакала некому да му напишам писмо. Оној кому би сакала да му напишам писмо е мртов. Оној кому би можела да му пишувам далечен ми е. Оној што ми е близок не очекува писмо од мене. Оној кој го очекува незнаен ми е.

Туѓинка за знајниот и знајна за туѓинецот, кому да му пишувам писмо?

Копнеам да напишам писмо. Мора да постои некој кој по моето писмо исто така копнее, како што постои оној кој не копнее по него.

Кој си од нив? И воопшто, ти недостасува ли нежност?


Љубов

Љубовта главно седи, поретко чучи. Некогаш се протега па го зазема целиот живот. Некогаш богами и за’ркува. Што никако не е добро. Оти е знак за досада. Кога ќе се рашета, онака сама за себе, види што ќе правиш, ја фатила нервоза, нешто ќе се изроди. Љубовта може да клисне, а може и да отклинка или да одѕенѕа како патка, никој ништо да не забележи. Сакањето може и да осакати. Затоа кон љубовта не треба да се устремува ‒ оти застрелува. Ако дојде нека дојде пеш и од никаде. Кога си заминува, широко ѝ поле.

Изнуда

Знам дека секогаш питачам за сите.
Кети Акер

Изнудувам: насмевки, прегратки, фалби и благодарници, трепет на око со трепет на око. Баш како просјакон на излезот од теразискиот премин, без една нога, со темни наочари, што со часови седи на бетонот чекајќи ситнишот од туѓите раце да падне во неговата кутија.

Никој не знае дали е просјакот слеп или се преправа дека е слеп. Или само не сака да види кој уфрла пари во неговата кутија. Без нога е, тоа сите го гледаат.

Без љубов јас сум како без една нога. Можно е и самата да не ја гледам туѓата рака, туѓото давање, оти мижам. Или сум слепа за љубов?


Градот на класиците

Чекав трамвај кога наиде еден класик гризејќи кифла.

Ме запраша што правам толку рано на трамвајска станица. Сакав да му речам: штотуку излегов од креветот на еден класик. Тоа, се разбира, не му го кажав. Само се смешкав преместувајќи се од нога на нога, поточно од штикла на штикла, оти тогаш носев чевли со штикли. А како инаку би завела класик?!

Повторно ме запраша, откаде јас тука? Се смешкав и ги наведнував рамениците. Пак повтори нешто слично. Ми дојде да ја симнам чевлата и да го мавнам со штикла по тинтарата. Што па тој има да прашува една девојка откаде таа сабајле не трамвајска станица. Веќе гледав како крвта му се слева низ округлото, лигаво лице, но наиде трамвај и го спаси од пролевање крв. Боже, како класиците умеат да бидат неучтиви.


Избор и превод: П. В.
Слики: Ana Teresa Fernandez

За авторката
Радмила Лазиќ (1949, Крушевац) - 30 години работела во областа на медицината истовремено пишувајќи поезија. Од 1974 година објавила петнаесетина збирки поезија, една збирка есеи, и две антологии. Во 1993 со коавторките Билјана Јовановиќ, Маруша Кресе и Рада Ивековиќ во Германија ја објави книгата ,,Briefe von Frauen über Krieg und Nationalismus“, која подоцна излезе и во Србија. Нејзините песни се застапени во бројни антологии и се преведени на англиски (oд американскиот поет Чарлс Симиќ), на германски, македонски и норвешки јазик. За својата поезија е добитник на многубројни награди. Заедно со Лилјана Ѓуриќ, Дубравка Ѓуриќ и Светлана Слапшак го основаше првото списание за женска книжевност и култура во Србија, ,,ПроФемина“. Од 1960 година живее во Белград.

ОкоБоли главаВицФото