Татковина за бесење

23.08.2018 00:48
Татковина за бесење

Во период од само три дена, на почетокот на јуни годинава, самоубиство извршија модната дизајнерка Кејт Спејд (родена 1962 година) и Ентони Бордеин (роден 1956 година), и едниот и другиот се обесија, таа во својот дом во Њујорк, тој во хотелска соба во Франција.

Со оглед на тоа што и двајцата беа познати личности, осбено Бордеин затоа што работеше на радио и телевизија, светските медиуми накратко се распишаа за нивната смрт и воопшто за феноменот на самоубиството обидувајќи се да дознаат зошто толку успешни луѓе, кои според сите критериуми би требало да бидат задоволни со своите животи, своеволно решиле да го прекинат животот. Освен успешноста, Спејд и Бордеин имале уште нешто заедничко: обајцата страдале од депресија и анксиозност, па се наметнува заклучокот дека тие психолошки пореметувања тешко може да се откријат како индикатори за самоубиство.

А бидејќи самоубиството е феномен за кој психијатрите и психолозите и денес не знаат многу, ниту му се посветува внимание и ресурси како на другите појави во медицината, тие сè уште не можат да се согласат дали и во која мера лекувањето на депресијата и анксиозноста може да го превенира самоубиството, меѓу другото и затоа што овој феномен е исклучително тешко да се проучи во научните истражувања.

Поголемиот број клинички истражувања, експлицитно ги исклучуваат субјектите кај кои е утврден ризик од самоубиство, а дури и кога не е така, истражувањата не траат доволно долго за да можат да кажат нешто дефинитивно за обидот за самоубиство.

Освен тоа, дизајнерката Спејд со години се лечела од депресија, но евидентно тоа не било доволно да ја одврати од самоубиство. Таа била една од милион Американци кои, во последните дваесетина години примале терапија со антидепресиви што во тој период експлодираше под влијание на агресивното лобирање на фармацевтските компании. Но, стапката на самоубиства не само што не се намалила, туку континуирано расте. Но, самоубиствата на двајцата познати Американци во јавноста исфли некои прилично фрапантни статистики за кои дотогаш се зборувало исклучиво во стручни кругови, а пред сè за податокот на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), во Америка, во периодот од 1999 година до денес стапката на самоубиства пораснала за дури 25 отсто.

Покрај Алцхајмеровата болест, и предозирањето, самоубиството е единствената причина за смртност која бележи континуиран раст и е една од трите главни причини за смртност кај адолесцентите. Во 2016 година имало 45 000 самоубиства, двојно повеќе отколку жртви на сообраќајни несреќи. Истражувањето на CDC покажало дека дури во 25 американски држави стапката на самоубиства пораснала за повеќе од 30 отсто, а за рекордни 58 отсто во Северна Дакота. Едно друго истражување на истата агенција покажало дека во периодот помеѓу 2007 и 2016 година, смртноста на тинејџерите пораснала за дури 56 отсто, додека стручното списание „Pediatrics“ објави дека во истиот период двојно се зголемил бројот на лекувања на суицидални мисли кај тинејџерите, особено кај девојчињата и особено на почетокот на учебната година.

Според податоците на „CDC“ од 2015 година, најзастапена возрасна група била онаа меѓу 45 и 64 години, во 83 отсто од случаите биле мажи, а три четвртини од нив биле белци. Најзастапени методи за самоубиство се оние со огнено оружје (48,5 отсто), потоа со бесење или давење (28,9 отсто), па труење, односно предозирање со дрога, лекови и алкохол (14,7 отсто). Притоа успешноста е најголема кога се користи огнено оружје, дури 90 отсто, а најмала при обидите за самоубиство направени со хемиски супстанци, само 10 отсто. Кај луѓето кои во 2015 година извршиле самоубиство, а имале психијатриска дијагноза – а такви имало нешто помалку од половина, во 75,2 отсто случаи станувало збор за депресија, а две третини од нив имале „некој вид проблеми или губитоци во меѓучовечките односи“.

А бидејќи се работи за крајно субјективен и индивидуален чин, а самоубиства извршуваат и богатите и славните и оние кои претходно не биле лечени од депресија, научната анализа на овој проблем се чини исклучително тешка, но некои експерти сепак успеале да ја пронајдат причината во социјалните околности кои можат да ја доведат личноста до суицидална состојба. Тоа се чини особено релевантно во ситуација кога рекордниот пораст на стапката на самоубиства станува општествен феномен, односно проблем на јавното здравство.

Во таа смисла значајно е истражувањето кое во 2015 година го спровеле економистите од Универзитетот Принстон, Ан Кејс и Ангус Дитон, а кое се занимавало со растот на смртноста кај средовечните бели Американци во 21-от век., значи кај истата демографска група кај која е забележан најголем пораст на стапката на самоубиства. Иако Кејс и Дитон со смртноста на наведената популација се занимаваат општо, сепак нивното истражување укажува дека во американското општество се случува нешто специфично, целосен пресврт на трендот што владееше низ целиот 20-ти век, во кој смртноста меѓу средовечните бели мажи континуирано опаѓала. Авторите наведуваат дека „тоа движење е единствено за САД и историски и географски и датира од 1950 година“. Не е забележана слична појава во ниту една друга богата држава, конкретно Франција, Германија, Велика Британија, Канада, Австралија и Шведска, држави чии податоци се користеле за да се споредат трендовите.

Нивното истражување покажало дека во периодот од 1978 до 1998 година стапките на смртност на белите Американци на возраст од 45 до 54 години постојано паѓале за просечно два отсто годишно. Кога станува збор за причините на смртноста, најголем раст бележи труењето со дроги или лекови и алкохол, како и самоубиство, при што првата причина од 2006 година станува почеста кај белците отколу кај Афроамериканците и Хиспаноамериканците, кои поране почесто умирале од предозирање.

Авторите на студијата забележале и дека смртноста во оваа демографска група е почеста кај помалку образованите, а економската несигурност само ја скицираат како можен поврзувачки фактор, особено кај генерацијата на бејби бумерите „кои во периодот на средовечност доживеале намалување или успорување на приходите“. За луѓето што моментано се во средно доба од животот, авторите предвидуваат дека, заради намалениот пристап до здравствениот систем, „ќе бидат со полошо здравје отколку денешната генерација на постари луѓе“.

Со причинско- последичните врски помеѓу самоубиството и социјално – економските услови на живот се занимавало и истражувањето за смртноста на децата и тинејџерите на Универзитетот Колумбија. Тамошните научници ги поврзале стапките на растот на самоубиствата и раширеноста на сиромаштијата, во која формално живее 19 отсто на американските деца помлади од 18 години. Економската несигурност, прекарниот труд, студентските кредити, зависноста од опијати и социјалната изолација се надворешните фактори кои создадоа цела една генерација на зависници и кои најмногу придонесуваат за нарушување на менталното здравје, а една од поконкретните врски што ја истакнуваат истражувачите е поврзаноста на стапката на самоубиства со пристапот кон оружје.

Имено, токму државите со најслободен пристап до оружје, како Оклахома и Северна Дакота, се оние со најголем пораст на број на самоубиства, а воочено е и дека стапката е поголема во руралните отколку во урбаните средини, каде е вообичаено поседувањето оружје. Стручњаците напоменуваат дека во основа самоубиството најчесто е импулсивен чин кој би можел да се спречи ако нема пристапност до оружје, затоа што по извесно време импулсот поминува.

Сепак, најголемата одговорност ја има здравствениот систем кој во Америка константно се руинира и на сè поголем број на луѓе оневозможувајќи им го пристапот до здравствена помош. Иако повеќето луѓе што извршуваат самоубиство имаат психијатријски симптоми кои можат да се идентификуваат, голем број од нив не добива никаква професионална помош.

Др. Томас Инсел, поранешен директор на Националниот институт за ментално здравје, вели дека ако половината од тие луѓе посетиле макар и лекар од општа пракса во период од неколку месеци пред самоубиството, можеби би биле спасени, но лекарите воопшто не ги прашуваат за менталното здравје, а би можеле. „Постои мит дека на суицидалните луѓе не треба да им се спомнува самоубиството за да не се потсетуваат на тоа, вели Инсел, „но вистината е токму спротивното, повеќето луѓе чувствуваат олеснување кога може да разговараат за тоа“.

Инсел вели дека е срамотно тоа што „за разлика од проблемите како што се убиствата или безбедноста во сообраќајот, не постои никој чијашто работа е да ги спречува самоубиствата, ниту пак некој ќе биде отпуштен ако бројката од 45 000 наскоро порасне на 50 000. Такво нешто никогаш не би толерирале во другите подрачја на здравството и медицината“, вели тој.

Системска здравствена заштита достапна за сите е единствениот механизам за помош, кој може да го идентификува и превенира самоубиството, но токму ова е ултимативна мета на неолибералната идеологија заради која здравството во Америка е целосно приватизирано, за разлика од европските држави кои ги анализирале економистите од Принстон, а во кои не е забележан пораст на самоубиствата ниту на општата смртност кај демографската група на средовечни мажи.

Едно од ретките истражувања што воопшто се занимавало со користа од терапевтската интервенција во превенцијата на самоубиството спроведена е во Данска и објавена во списанието „Lancet“ во 2015 година. Истражувачите следеле 5500 луѓе кои се самоповредувале или имале јасни обиди за самоубиство во период помеѓу 1992 до 2010 година. Се покажало дека во текот на тие дваесетина години кај 30 отсто од нив се намалила веројатноста дека повторно ќе се обидат да се убијат. Интересно е што истражувањето ги мерело исклучиво придобивките од психо – социјалната терапија, но не и онаа со лекови, иако фармаколошкиот пристап е доминантен во лечењето на психијатријските болести.

Слики: Lisa Vaccino

Извор: Novosti

 

Слични содржини

Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото