Мојот прв сингл

23.08.2018 01:11
Мојот прв сингл

Тежок и мастен мрак падна врз чаршафот
на кој твоите мустаќи ’рчат
тенки, ретки и сивкасти, каква ти е и поезијата:
книгата стои на масата и од неа испарува
застојаниот коњак на твојата можеби нежна
но потресно невозбудлива душа. Гледавме
како твојата поезија капе по ламинатот по диктат
се слева по секретерот на генералниот секретар
за генерални секретарски работи на управување
со генерално воспоставеното друштво на писатели.


Гледавме и ќутевме, зашто те чека напорен ден ти треба сон
ти треба дно, ти треба мрсното дно од кафеаната во Јабланица
во која утре ќе читаш поезија со колегата Јапонец и ќе биде тоа
интернационален излив на маст на под. Вие идете по манифестации
ние кои не се манифестираме ја чистиме вашата маст од нашите ламинати
Fairy super strong, ја разбива и најтврдокорната маснотија велат мијачите
на гигантските тепсии од кои се слева вашиот џигер вашиот џигер господине поету
ги памти вашите најдобри креативни денови онака како што мозокот никогаш нема.
Не ве кривам што се срамите не ве кривам што драмите не ве кривам
што се труете што руете со поглед во мојата коса ко под неа да се крие
алиен кој ќе ви го искорне јазикот и со него поетскиот пој: не ве кривам!


Елегантно пополнетиот, нослест режисер го киднапираше послужавникот со канапејчиња
на терасата на театарот во Подгорица и го стисна, вресна послужавникот, чкрипна послужавникот
под неговите прсти дур ја ослободуваше другата рака за да ја стисне раката на неподобната
критичарка и да ја издтка својата навреденост во драматичен, ненадеен, магичен
праскот на трошки кои ѝ паѓаа врз шишките како вештачки снег
залудно спремен за Олимпијадата. Носот ви е црвен ко мини патлиџанџе
и очите веќе не ви ги собира на лицето, но вие упорно џвакате и вашиот дигестивен тракт
спремен е и здрав и во моментите на културни непријатности во моментите во кои
ги стискате шаките и се колнете, со секој сладок залак, дека ќе го уништите секој живот
во лутите непријатели на вашата пивтиеста, стресена, бледа режија без тонус.

Господине филмски режисер, сладок ви е филмот!
Нè има најмалку петстотини (и морате да нè поднесувате!) кои мислиме дека филмот ви е сладок,
гладок, краток, таман да нема ни подлизување ни атак, господине филмски режисер
вашиот филм е едно сериозно пралинé полно со квалитетен ликер!
Мрка ви е таа џејмсдиновска особеност, може да се каже појавност, или дури
да речеме презентност! Па не ли би го проширил добриот глас, русокосиот, долгокосиот поет кој веќе 20 години не е млад ви ги шепоти во мажественото уво јадовите
кои му ги нанесле критичарите, по што некој лудак се сетил да ги постави на сцена
тие престрашни тинејџерски сонгови пишувани за никого. Курт Кобејнот на нашата поезија
мораше да го продолжи животот вртејќи ги многуте свои глави од критичарот кога ќе го сретнеше на улица –
улицата би требало да се мете од златниот прав на неговата тага и темперамент – ене го сега,
сред парламент – се дере дека општеството не е праведно!


Професоре, луѓето на рок концерт не се стадо овци професоре луѓето
на стадион на рок концерт се луѓето кои сакавме да бидеме додека ги слушавме
вашите беспричинско осумчасовни предавања, и не, луѓето кои стојат на ватиканскиот
плоштад и го поздравуваат папата не се индивидуалци туку католици – кои како рокерите
ги сакаат стварите LIVE AND RAW! Фрлете ги роговите професоре, редно е, зарем заспал во вас
бунтовникот кој пцовисува од тага зашто не бил соучесник во шеесет и осмата?
Друже писателе, јас ќе седам овде, слободна, насмеана, и горка ко кантарион
ќе чекам да го задавиш својот уредник, својот приредувач, својот прибавувач,
својот прославен изнудувач – тоа што излегло на хартија која мириса на запад
со корици кои не се плагијат туку (ве молам!) варијација на тема! да немаш дилема!
не е роман.


Седокос господине уредник јави ми се кога ќе успееш во животот! Call me maybe! Кога некој ќе ти го прочита текстот без да се дезинтегрира без да се декомпонира без да се самозапали
тогаш јави ми се двајцата ќе бидеме мали и несреќни: ти и понатаму ќе бидеш тој кој сакал
на мое место некое квалитетно некое куровито некое слоевито машко
што не се срами од своето пишување циркус да прави: да шутира да луфтира да пцуе да биде
фанки да биде панки да биде простонародно духовит херој каков што самиот никогаш не си бил.
Јас два музеја изедов вечерва, ги проголтав во здив како епски џин и ги варам
како ретко скапо сирење долго чувано и мувлосано во подрум.


Додека плачете по музеите живи луѓе гнијат и живата магија на животот која радо и бесрамно
ја викате уметност се претвора во ваши дигестивни испарувања.
Нема да ви напишам уште сто песни, господине уредник.
Нема да ја уважам вашата reading list-а, професоре.
Ова не е песна.
Ова не е земја.
Јас не сум овде.
Вие не сте вистина.

За Авторката и за песната

Дијала Хаcанбеговиќ (Dijala Hasanbegović) е новинарка, поетеса и книжевна критичарка од Босна и Херцеговина. Работела за неделникот Dani како книжевна и театарска критичарка, како новинарка на порталот Radio Sarajevo, и како колумнистка на порталот Diskriminacija.ba. Објавувала есеи, поезија и критика за различни книжевни списанија.
Песните ѝ се преведувани на англиски, полски и норвешки, и објавувани во меѓународни журнали како што се The American Poetry Review, Asymptote и H.O.W. Учествувала во неколку меѓународни книжевни колаборации.

Во 2017 ѝ излезе првата поетска збирка, мошне забележителна, под наслов „Neće biti djece za rat“, во изданиа на IK Vrijeme, Зеница.
Живее во Сараево и во моментов пишува колумни за Urban magazin.

Во интервју за порталот Новости Дијала Хаcанбеговиќ зборува и за песната „Мојот прв сингл“:

Новости: Со песната ‘Moj prvi singl’ се пресметувате со самонаречената интелектуална елита. Колкава е одговорноста на тие луѓе за калта во која се наоѓаме?

Хаcанбеговиќ: Тоа е своевидна генерациска пресметка. Пресметка со патријархалните фигури кои воспоставиле некакви видови книжевни стандарди, уметнички, филмски и други. Таа песна е, онака, бесна. Колку ни наштетиле? Онолку колку што сме им дозволиле. Да се жалиш дека постојат некои луѓе кои сите ги изманипулирале, кои се читаат само себеси, се промовираат само себеси, а постојат и фино им е, нема смисла да се жалиш на тоа. Без оглед колку некој се труди да те замолчи, а јас бев замолчувана, доаѓа моментот кога добиваш шанса да прозбориш и тогаш треба да прозбориш и нешто да промениш.

Превод: Борислав Јарчевски

Слики: Вася Ложкин