Печурки

23.08.2018 10:05

 

I

Во ова влажно годишно доба,
со магла врз езерото и грмежливи
попладниња во далечината

тие се провираат низ земјата
ноќум,
како меури, како ситни
светли балончиња
и се полнат со вода;
звук под звукот, палци од гумени
ракавици нежно превртени наопаку.

Во утрата, купчињата лисја се
изѕвездени со брадавици,
со ладникави бели жабри,
кожести пурпурни мозоци,
сонца ко тупаници што тлеат со боја на жарчиња,
отровни месечини, бледожолти.


II

Од каде ли доаѓаат?

Со секое невреме што патува
над глава, доаѓа уште едно невреме
кое се движи под земја.
Се среќаваат во блесокот на ровјата.

Под нозете има облак од коренчиња,
паднати влакна или клопче лабави нишки
што се дуе низ почвата.

Тоа им се цветовите, прсти
што џбараат по темнината на небото,
на овие изненади
што пукаат и го запрашуваат воздухот со спори.


III

Се хранат во сенка, врз гнило лисје
што се претвора во вода,
врз трупци што бавно се топат,
врз ќутуци. Понекогаш
светат во темнината. Имаат вкус
на скапано месо или на каранфилчиња
или на барена шницла или на помодрени
усни или на нов снег.


IV

Не ги барам
само за храна
туку и заради барањето и затоа
што мирисаат на смрт и на восочна
кожа на новороденче,
месо в земја в месо.

Еве една ракатка
сенка што ти ја донесов:
овој гнилеж, оваа надеж, овој
залак земја, оваа поезија.

Превод: Зоран Анчевски

 

ОкоБоли главаВицФото