Search Porn

23.08.2018 15:56
Search Porn

Пак гледам во саатот. Четириесет минути ме делат од вечерата. Убаво сум дотеран. Елегантно, во сиво. Можеби ќе си ја сменам кошулата. Тој би сакал да ме види во дречливи тонови. Како и да е, имам портокалови врвки. Седам пред компјутер и го слушам океанот. Фотографиите од море во слајдшоу треба да го засилат чувството. Не помага. Ќе издркам уште еднаш за да се смирам. Не оди баш најдобро, не успевам да најдам соодветно видео. Звуците на бакнување се здодевни, воздивнувањето пластично, големи курови светат како мечеви. Всушност, не ми треба вечерва борба. Над тоа сум.

Отворам нов прозорец. Внесувам Google inside, па си го пишувам името и презимето во search. Се појавувам на графиконот во тиркизен правоаголник. Дваесет и две илјади пати ме барале. Не верувам дека сам себе сум се побарал повеќе од илјада пати. Повторно гледам во саатот, па во графиконот. Задоволен сум со статистиките. Сакам да се споредам. Го барам Жуно Дијаз. Тој е во жолта позадина. И те како ме шие статистички. Од прилика педесеткратно. Мислам нови зборови. Внесувам God. Мене и Жуно нè снемува во клик на маусот. Портокаловиот Бог нè прекрива на платформата. За ниеден од нас нема милост. Мислите ми се забрзуваат и се дуплираат. Џастин Бибер го победува Бога. Пречесниот зазема само третина од правоаголникот на Џастин, кој има милијарда прегледи. Размислувам за надминување, за нешто над Бога и Бибер. Не е лесно. Внесувам PORN и сè исчезнува. Џастин Бибер и Бог се како тенки конци на графиконот. Тенки иглички за умртвување на забниот нерв. А синкастиот PORN стои стамено. Како кур во уста. Како планета која никогаш нема да се распарчи. Го слушам океанот од минимизираниот прозорец и зјапам во PORN. Погледот ми забегува накај часовникот во десниот агол од екранот. Дваесет минути до вечерата. Викам такси, не ја менувам кошулата, се сопнувам на прагот додека излегувам.

Чекам пред врата. Пробувам да се опуштам. Барам во каква позиција да го наместам телото за да изгледам доволно кул кога ќе се поздравам. Ѕвонам и додека ѕвонам сè ми се спушта во курот и колената. Понервозен сум од кога било. Таа ја отвара вратата и вели дека се вика Нивес. „Јас сум...“ „Арсение, знам“, ме пресече. Чекам да ме викне да влезам, но тоа не се случува. Стои со замрзната насмевка, како керамичка фигура. Додека размислувам како се лизга и крши на билион парчиња, тој ѝ се појавува зад грб и вели: „Што не влезеш, што стоиш тука како некоја евтина керамичка фигура“. На врв јазик ми е: „Само Нивес да се потргне“, и додека гласот бавно ми излегува, Нивес брзо се тргнува на страна, па кажувам купче неартикулирани зборови кои ги засмејуваат. „Мило ми е што сум ви смешен.“ „Мило ни е што дојде“, рече таа.

Во претсобјето ужасно смрди на мокри чорапи. Нивес вели дека октоподот е речиси готов, дека се готви веќе четири часа. Во кривулестиот ходник ме опкружуваат книги, се провлекувам до дневната соба. Ништо не може да ја намали реата на полузготвениот октопод. Ни истрел во глава, ни мирисот на барут потоа. Чиниите се поставени, со уредно подреден метал за чорбата, салатата и главното јадење. Нивес пушта нечија ноктурна и затишува по кеиф. Пијам сиво пино и се обидувам да не ги слушам срањата кои излегуваат од разбрборената уста на Филип. Нивес весело трчка околу масата, па околу Филип, од време на време го бакнува во коса, тој константно е насмеан, во очите не му гледам здодевност. Изгледа поглупаво од кога било. Нивес седнува покрај него и вели дека октоподот ќе биде таман. Таа и Филип се сакаат како кога планети ќе се судрат, продолжува да зборува. Филип го потврдува судирот со сочен бакнеж, краток, но нејзините раце кои му ја држат главата прават бакнежот да се чини подолг, и подолг, најдолг. Филип со дискретен поглед ме опоменува да не зјапам цело време.

Го спуштам погледот и кога повторно го кревам, раздвоени се, само што си ја голтаат разменетата плунка. Вадам USB од сакото и му кажувам на Филип повторно да го прочита расказот Транспарентни животни, кој особено не го сака во книгата. Во мојата книга. Вели дека ќе разговараме за тоа по вечерата. Не сум сигурен дали имаме за што да зборуваме до тогаш. Нивес ми ја допира косата. Посакувам да ја загризам виљушката. Забите страшно ме заболуваат од помислата. Ми доаѓа да се молам октоподот побрзо да се зготви. Имбециливе сигурно не го изгмечиле како што треба. Можеле да завршат работа со пилешко.

Се препотувам и се задржувам на разговорот за расказот. Филип сфаќа дека имам сериозен проблем и вели дека нема да ја печати книгата ако не биде како што тој сака. Сметам дека тоа е најважниот расказ, би ги жртвувал другите четири. Не го менува изразот на лицето. Погледот му е длабок, очите бистри како зимско небо. Сега не изгледа глупаво. Забележувам дека Нивес му ја стега дланката. Во знак на непотребна поддршка, претпоставувам. Тврдоглав е колку три континенти. Не го знае тоа глупачата. Филип и понатаму смета дека Транспарентни животни треба целосно да се изостави. Некое време молчиме. Мислам дека со тишината ќе ги намалиме недоразбирањата. Ако е тоа така, јас ќе бидам тој кој попуштил. Нивес оди во кујната. Наведувам факти за да види дека сум се трудел да им излезам во пресрет на неговите приговори во врска со расказите Метеори, Пред умирање, и Транскрипција, иако неволно. Се сложувам да испуштам некои спорни реченици во Транспарентни животни, но ужас е да го изоставам целиот расказ. „Отсекогаш сум ги сметал светот и луѓето за ужасни“, вели Филип. Додека не ја запознал Нивес и новите бои. „Нè предаде“, му одговарам. Се насмевнува и вели дека не сме истерале повеќе од една пролетна авантура. Ме боде стомакот.

Се налевам со вино и го прашувам дали сега сака жени. Вели дека никогаш не сакал мажи, само некогаш му доаѓа да го зашиба во некој газ. Се чувствувам евтино, како сувенир од кратко патување. Нивес влегува и констатира дека паѓа снег. Фактот ја прави еуфорична, се клешти како хиена додека го спомнува речиси зготвениот октопод. Му седнува од страна и му го брца јазикот во душникот. Филип се гуши и ужива. Гледам кон прозорецот, со поглед се обидувам да ја пробијам завесата и да ги ѕирнам снегулките, додека слушам одвратно мласкање. Се враќам на разговорот за книгата. Филип брише лиги од зачешланата брада и отпива голтка вино. Вели дека нема книга, а нема ни да има. Така одлучил, ама немал храброст да ми соопшти. Барам објаснување. „Нема случки, нема доживувања, ги нема твоите карактерни црти, нема дејство, нема ниту твои ниту чии било ситуации, нема нагласување на драматичното во одредени моменти, нема анегдота, метафора, ни симболи, нема ограничување, нема збиеност, нема насоченост кон крајот. Ја нема твојата глупава порнографија! Така што – нема книга! Нема! Твојата книга не постои. Јас сум Бог на плишена правоаголна столица кој ти моча во уста од вториот кат. Книжевниците и мекотелите живеат на приземје и очекуваат нешто големо од животот. Пипалата никогаш не се лепат на светликави сакоа.“ Хаотично ја скенирам просторијата. Многу агли не ми се јасни, ниту целосно видливи. Нивес мисли дека октоподот е готов. Носот нагло ми прокрвавува. Со дланка го спасувам чаршавот од флеки. Таа донесува марамчиња. Свечено ги фрлам накај Филип, кој пробува да фати една со заби. Излегувам надвор без да се поздравам бидејќи дишам на уста. Нивес ми е зад врат. Нејзиниот глас ме следи кон еден дел од ходникот. Потоа исчезнува.

Стојам во тишина. Крупни снегулки паѓаат под уличното осветлување. Ладно ми е. Го свивам телото и се надвивам над сенката. Црните капки крв убаво се распоредени по белината. Гладен сум. Нешто од мирисот ми се задржало во облеката и косата. Носот веќе не ми крвави. Радо би се соблекол и би стоел во снегот, додека не ме затрупа цел. Потоа наутро, како снежна прашина, би скитал по улиците и би исчезнал. Не сум сигурен каде. Можеби би се обидел да се кренам кон небото. Или да исчезнам во компјутерскиот звук на океанот.


Превод: Борислав Јарчевски
Слики: Bo Bartlett

Стефан Бошковиќ ќе биде еден од гостите на скопскиот книжевен фестивал Друга приказна (6-9 септември во МСУ).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото