Почина Екрем Хусеин, доајенот на македонскиот балет

23.08.2018 19:33
Почина Екрем Хусеин, доајенот на македонскиот балет

Доајенот на македонскиот балет Екрем Хусеин почина денеска (23 август) по долго боледување. Имаше 75 години.

Ќе остане запаметен по бројни улоги во балетските претстави во неговата над 50-годишна кариера, ствари незаборавни улоги во балетските претстави „Рејмонда“, „Шехерезада“, „Есмералда“ и многу други.

Во 2008 година ја доби наградата „Менада“ на „Танц Фест“ – Скопје за врвни достигнувања во танцот.

„Тој беше балетски феномен, од типот на Маја Плисецкаја која играше сѐ до 70 години. Екрем беше голем пријател и советник на балетските танчари од сите генерации, не се штедеше да дели совети и пофалби. Често знаеше зад кулиси да викне ‘Браво’ и тоа да се слушне до публиката. Таков беше, со големо срце и љубовта кон балетот и колегите беше поголема од него“, велат неговите долгодишни соработници и пријатели од МОБ.

Хусеин е роден на 6 март 1943.

Во 2008 играше во претставата „Црвениот лебед“ во кореографија на Искра Шукарова, со која одбележа 50 години на балетската сцена.

*****

„На сцената сум од 1950 и некоја, уште како ученик во средното балетско училиште. Дебитирав во претставата „Ромео и Јулија“ од Димитрие Паниќ, кореограф од Белград. Затоа и велам дека прославувам 55 годишен јубилеј, а официјално со договор, со плата, ме ангажираа во 1960-та, 61-ва година. И така. Кореографот од Белград ме избра да играм во претставата. Напорно вежбав, но за сето тоа време не ми кажуваа дека ќе ја играм улогата на Меркуцио. Тогаш сè уште не знаев дека можам да играм таква голема и важна улога. Немате претстава колку многу народ дојде тогаш на претставата, колку многу ни аплаудираа.

15 минути скандираа. Јас не бев свесен што се случува. Сè уште бев дете. Тоа беше првиот и единствен пат кога мајка ми ме виде на сцена. Дојде на претставата со внуката. На сцената каде што мене, како Меркуцио, ме прободуваа со меч, солзи ронела. Среќен сум што ме гледаше тогаш зашто после ме испратија во војска. Ми одложија 1-2 години, но после морав да одам. Служев 18 месеци. Таа се разболе и почина додека јас бев војник во Црна Гора“.

дел од интервју во Мкд.мк 2013 година

 

ОкоБоли главаВицФото