1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 00:58
Замислете го следното, препознатливо пост-апокалиптично сценарио. Се случила една од оние, повеќе од непријатни катаклизми – катастрофа која го уништила модерното човештво, но на оддалечен остров во добро заштитено засолниште или вселенски брод, група луѓе сепак успеале да преживеат.
Иако се припадници на некогаш семоќниот вид на Земјата, сега ги чека возбудлива борба за да не бидат истребени и покрај тоа што се во толку мал број. Колкумина се потребни за да не се случи тоа? Впрочем, колку луѓе се неопходни за во оваа или која било друга ситуација да се обнови човештвото? Неодамна објавеното истражување на астрономи и физичари од Стразбур покажува дека популација од 98 луѓе би била доволно голема.
Во ова необично истражување симулирано е патување на група луѓе со вселенски брод до најблиската ѕвезда Проксима Кентаури Б на период од 6 000 години колку што е потребно за таков пат со технологијата што може да се замисли денес. Како што пишува списанието New Scientist, стотина луѓе претставуваат оптимален број за долгорочен опстанок на колонија на таков брод.
Истовремено, јасно е дека за таква ре-популација не е доволен само еден човек, па дури ни две или три личности ако се од ист пол. Иако во традициите на речиси сите денешни религии ерата на човекот почнува само со еден маж и една жена, исклучително е мала веројатноста дека толку мала почетна популација би била во состојба навистина да опстане, да обезбеди доволно храна, да преживее епидемии и други предизвици, а камоли значително да се размножи.
Многу анализи покажуваат дека стотина луѓе (каде половината се жени, а половината мажи) не само што се доволни за опстанок на вселенска колонија, туку приближно толку е неопходно за човештвото да тргне од почеток и да успее да се обнови после доволно долго време. Судејќи според сè ова веќе се случило и тоа неколкупати во историјата на човекот.
Таканаречениот ДНК часовник, техника со која генетичарите разгледуваат различни варијанти од ист ген (создаден со мутации) и нивно групирање, откриваат „слевање“ до последниот заеднички предок, овозможува да се ѕирне во минатото. На овој начин е покажано дека денешниот свет го населила група од стотина луѓе кои пред околу 70 000 години започнале голема миграција од Етиопија, за до денес да се размножат во популација која опфаќа повеќе од седум милијарди луѓе.
Гените покажуваат дека речиси секогаш во текот на ледените периоди или другите видови катаклизми човечката популација паѓала на минимум и потоа опстојувала во некакви скриени котлини од каде мали групи, откако ќе пројде климатската неволја, одново се ширеле низ континентот.
Човекот не е единствен во тоа. Бројни се сведоштвата за обновување на популацијата на другите цицачи кои биле истребени до реален биолошки минимум. Најпознат е случајот со јужниот бел носорог чија популација на почетокот од 20 век опаднала на само 20 носорози, а денес во Африка има повеќе од 20 000. Слична судбина во Европа доживеал и сивиот волк, кој пред стотина години бил на раб на опстанок, а денес живее во сите делови од континентот зашто успеал повторно да се рашири благодарение на тоа што човекот го лови значително помалку.
Секако, особено е интересен случајот на истребување и обновување на популацијата на американскиот бизон. Бизонот со векови живеел паралелно со Индијанците на американскиот континент и се смета дека во 1800 година имало околу 30 милиони единки. Во текот на 19 век ширењето на белите луѓе на континентот довело до катализма за овој вид. Како што се движела трансконтиненталната железница кон Запад, бизонот бил безмилосно уништуван.
Според податоците на американското Биро за риболов и дивина, точно еден век подоцна, во 1900 година во цела Америка имало вкупно 300 бизони. Овие алармантни податоци довеле до пресврт во односот кон бизонот, така што еден век подоцна, во 2000 година, нивниот број пораснал на повеќе од 350 000.
Во споменатото истражување, астрономот Фредерик Марин од Универзитетот во Стразбур и физичарот Камила Белуфи од дата компанијата Casc4ade кои направиле компјутерска симулација за патување до нашата најблиска ѕвезда, Проксима Кентаури Б, заклучиле дека во такви околности популацијата треба да се обновува, но не смее ни да се шири премногу брзо.
Нивната симулација го моделирала размножувањето, опасностите како смртоносни епидемии, но и умирањето заради пребрз раст и недостаток на храна и ресурси. Така дошле до заклучок дека група од 49 мажи и 49 жени на вселенски брод е идеална за опстанок на 6000 години долго патување.
За да се обезбеди големината на оваа колонија за да се одржува и да не расте пребрзо, во истражувањето е заклучено дека секоја жена треба да има максимално две деца и да се пораѓа само во интервал помеѓу 35 и 40 година.
Што би се случило после доаѓањето на целта, не било тема на истражувањето.
Слики: Mikyung Lее
Извор: http://naukakrozprice.rs