ЗМЕЈСКА ДАРБА (Како Тања Аждаја го победи Фејсбук)

24.08.2018 15:04
ЗМЕЈСКА ДАРБА  (Како Тања Аждаја го победи Фејсбук)

 


Од 4 јули до 15 август 2018 беа објавени 9 прилози во рубриката Книжевност на порталот Окно каде што како автор се појавува Тања Аждаја. На 6 прилози1 таа е наведена како единствен автор; во 3-те останати2, таа е водечкиот „аждерист“ на Аждеристите како што порталот епонимиски ја именува „групата“ околу неа на Фејсбук, главно сочинета од нејзини соиграчи и поддржувачи. Со овие прилози, всушност избрани и уредени статуси од приватниот профил на Тања Аждаја, но исто така и избрани и уредени преписки и коментари на нејзиниот ѕид со многумина, повторно „нешто“ од социјалните мрежи мигрираше во „нешто друго“ од поширок интерес. Миграцијата од пред некоја година од Фејсбук направо меѓу корици, направо во книжевноста (најтипичен пример за тоа беше поетот Quentin Scribbler, односно Јосип Коцев), како да прерасна во посложено флуктуирање помеѓу едното и другото, помеѓу едните нешта и другите... сешта. Лично ме интересира флуктуацијата на Фејсбук-активноста на Тања Аждаја првенствено со лингвистиката, со виртуозните лингвистички постапки, од една страна достојни за големи писма и автори, од друга – небрежно и ноншалантно употребени, небаре се баналност, лична, миговна забава. Токму на оваа оска ја поставувам змејската дарба на Тања Аждаја и сакајќи да го издвојам и да го дескрибирам она што нѐ воодушевува сите, она со што таа „го победи Фејсбук“, ќе се задржам на анализа само на нејзините „авторски“ 6 прилози на Окно. Тие се корпусот на овој текст кој, патем, страда што не ги опфаќа и останатите три каде што на секоја нафрлена топка од кој било нејзин „гостин на ѕидот“, Тања Аждаја секогаш дава гол, шутирајќи исклучиво во сопствената мрежа.
 
 
 
Иако се вели дека ако се одвитка пакетчето на шегата од убавата светкава хартија, можеби нема да се најде ништо во него, само ќе се уништи убавината (шегата?); или дека ако ѝ се одврзе панделката на шегата, можеби никогаш повеќе не ќе може да се врзе, зашто трајно ќе ѝ се оштетат врвците,.. сепак, не можам да ги запрам своето лингвистичко знаење и јазичното чувство и искуство, тргнати да ги опишат постапките на Тања Аждаја како препознатливи лингвистички шеми за бравурозни ефекти, постигнати само и единствено со осет. Тања Аждаја нема лингвистичко образование (таа е доктор по електротехнички науки), но тоа нема апсолутно никакво значење за нејзината змејска лингвистичка дарба. Досетките и каламбурите, мошне често ѝ се беспрекорни примери за стилски постапки и појави, фигури, тропи и средства чиишто имиња најверојатно самата ги нема ни слушнато. Таа совршено ги дефинира нештата што не ги знае, дури ги предвидува и отстапките од правилата што исто така не ѝ се познати, давајќи ни дури и примери за сето тоа. Токму во ова наоѓам несовладлива возбуда за одвиткување на нејзините пакетчиња шега; за одврзување на нејзините беспрекорни панделки. Се надевам дека мојата лингвистичка добронамерност нема да ја скине светкавата хартија, ниту ќе ги оштети врвците на панделката.
 
 
„Семантичко насилство“ или страсни врски и неверства со јазикот
Односот што го имаме кон јазикот додека пишуваме со него (и на него) најпрецизно го дефинира нашиот стил. Дали со јазикот само се користиме или и работиме со (и на) него и се забавуваме, дали си играме со него и го шириме или ригидно користејќи го – го стеснуваме, зависи од многу нешта, но најчесто и првенствено од нашата дарба и од нервот за вербална игра, од специфичниот сензибилитет за формирање, деформирање и реформирање на јазичниот материјал, првенствено на зборовите. Понекогаш мислам дека мора да постои специјализирана точка во мозокот за вакви нешта, бледа – кога се препознаваат јазичните досетки и се ужива во нив; и впечатлива – кога тие нешта и се создаваат. До ваква помисла дојдов заклучувајќи дека луѓето со вакви „точки“ во мозокот брзо се препознаваат и се вклопуваат и надополнуваат. Колку и да се различни луѓето што коментираат и се „натпишуваат“ со Тања Аждаја на нејзиниот ѕид на Фејсбук, сепак, станува збор за точно определен тип личности и самите со многу видлив и нагласен вербален и друг креативен профил и потенцијал. Зашто, на крајот од краиштата, вербалните игри не ги измисли Тања Аждаја на Фејсбук, нив и пред неа, дури и во исто време со неа, одлично ги приготвуваа и сѐ уште ги приготвуваат повеќемина: Димитар Џо Грчев Брадестиот, Владимир Лукаш, Трајко Џиков, Милан Дамјановски и други. Таа само ги дозачини по своја мерка и почна да ги „служи“ на специфичен, артифициелен начин. Како и да е, јазичните игри и досетки не се измислица на нашево време, уште помалку – на социјалните мрежи каде што се само највидливи и најбрзо надоградливи.
Има еден класичен пример од античката книжевност од поетот Енеј кој на латински гласи „Saxo cere comminuit brum“ кој е целосно расветлен векови подоцна од неговото настанување. Долго време неразбирливата реченица „Му ја расцепија гла со камен вата“(во превод) се емандирала, се поправала во „Му ја расцепија главата со камен“ во сите можни изданија. Дури во 20 век кога се развила „јазичната наука“, познати лингвисти (особено Јакобсон) сериозно почнале да се занимаваат со ова и дефинирале дека станува збор за мошне сложена и духовита игра на „пишувачот“: расцепената глава и како збор е расцепена: гла вата (cere brum). За да биде појасно, помеѓу расцепената глава-збор се вметнал цел израз (како вистински камен) – „со камен“ (comminuit). Оваа појава терминолошки е делумно детерминирана како тмеза3, ама слободно може да се нарече и „ортографско страдање на зборовите од сопствените значења“ или уште пократко – „семантичко насилство“. Еве неколку можни примери за полесно сфаќање: Скршено ср це, ср скршено це или скр срце шено (без никакво вметнување дополнително објаснување); расцепена зми на половина ја или расце змија пена на половина (со вметнување дополнително објаснување „на половина“) итн., итн... Овој ран неразбран случај на зборовна игра, но и обид за изедначување на графичкото лице на зборот со неговото значење (сигнификантот со сигнификатот) како постапка е многу интересен и повторуван особено во поезијата од времето на Модерна и други поетски подоцнежни експериментални форми, во графичките книжевни текстови... Ваков вид „семантичко насилство“, барем во базичната форма на античкиот случај, засега не најдов и не препознав кај Тања Аждаја, што не значи дека нема допрва виртуозно да го одигра, да го изведе во некоја „смртоносно“ духовита форма. Засега, нејзините врски со јазикот се страсни и мошне неверни (изневерувачки) и главно се одвиваат на полето на малапропизмот и спунеризмот, кокетирањето со мондегринот, преместувањето на празнините помеѓу и во зборовите (белинките/спејсовите), транслитерарните игри со latinica и кирилица и трансјазичните, со англискиот, српскиот, францускиот и другите јазици, речиси жонглирањето со хомонимите, особено со морфолошките хомоними.
 
 
Малапропизам – вербална прељуба
Малапропизам е лингвистичка појава и постапка на употреба на неточен збор што звучи мошне слично со точниот што би соодветствувал во контекстот; опасно патче по кое поминува мозокот за да ги пренесе мислите во јазикот. Малапропизмот, по дефиниција, е вербално неверство, прељуба со неочекуван збор на очекувано место која не предизивикува сериозни (семантички) последици за контекстот, туку само смеа. И восхит. Намерниот или хумористичниот малапропизам е вистинска уметност, зборовна игра, духовитост, досетка, мозочна еквилибристика (на истото опасно патче!), јазична дарба, специфична вештина. Случајниот, беглиот мaлапропизам, пак, е многу почест, при пишување најчесто се смета за lapsus calami, при говор – за интерференција на две намери, каде што потсвеста го присилува говорот да го изрече тоа што не сака. Изразот е епонимиски, го презел името на Оној од кој потекнува / на Она од што потекнува. Малапропизам доаѓа од еден книжевен лик, од госпоѓицата Малапроп од комедијата „Соперници“ („The Rivals“) од 1775 година на ирскиот сатиричар, драматург и поет Ричард Шеридан. За жал, ниту ова, ниту кое било дело на Шеридан не е преведено на македонски јазик. Госпоѓицата Малапроп е епизоден лик на смешна девојка кога употребува несоодветни зборови заради престиж; преферира „високи“ зборови за „ниски“ нешта, се прави во јазикот нешто што не е во молкот. Нејзиното име исто така е епонимиско, доаѓа од францускиот израз mal à-propos што значи лошо, неумесно, „не на место“, несоодветно... Оттука, излегува дека малапропизмот е двојно епонимиски израз: еднаш од mal à-propos, еднаш од госпоѓицата Малапроп. Епонимиското именување на ликовите е честа и сложена прозна практика, кај добри стилисти таа може да биде дури и наративна стратегија, сижејна антиципација, „клуч“ за интригата на текстот и сл. Мошне типичен е примерот во еден расказ од збирката „Из велеградског подземља“ на хрватскиот автор од крајот на 19 век, Вјенцеслав Новак (сосем малку преведуван на македонски јазик раните педесетти на 20 век). Во него главниот лик се презива Иглиќ, тој е многу е слаб, но... на крајот на расказот и настрадува од игла... Nomen est omen и nomen est fatum во раскажувачко Едно... Во современата македонска книжевност исто така се среќаваат вакви именувања и постапки, но тоа е предмет на интерес што заслужува засебна студија.   
Малапропизмот не е мондегрин4, иако честопати „трчаат“ на иста јазична патека. Мондегринот е лингвистички феномен на погрешно испеани стихови, најчесто (не)намерно, но тоа воопшто и не е битно за крајниот резултат. Постојат недоброј песни што ги сакаме, а си ги потпевнуваме погрешно, но тоа ниту ним, ниту нам, не ни може ништо.5 Мондегринот на извесен начин се содржи во малапропизмот, може да се смета за негов посебен вид. Тања Аждаја кокетира со мондегрин-практиките не на ниво на конкретна песна, туку генерално: го изневерува она што го знаеме сите, или го исправа она што сите „грешно го знаеме“.
 
Малапропизмот е суштината, базата на досетките на Тања Аждаја и тоа во своите најраскошни форми и нијанси. За да биде поедноставен и повидлив малапропистичниот принцип на Аждаја, ќе ги извлечам најтипичните решенија од шесте нејзини самостојни објави на Окно и ќе ги подредам во табела, при што ќе ги означам и точните, очекуваните зборови во контекстот (колоната: Треба) и неточните, неверните зборови, лексичките отстапки (колоната: Стои).
 
 
 
Примери:         
Треба:
Стои:
1.
Живеам со жанр во очите.
жар
жанр
2.
Не можам да се опуштам уште од раѓање, цело време сум на штрк.
штрек
штрк
3.
Шарената топка цело време отскокнуваше од останатите, но наеднаш падна издишана од умор, си го пипна темето и рече: Мислам дека се разоблувам.
разболувам
разоблувам
4.
Една слика, илјада заборави.
зборови
заборави
5.
Ниско-буџетен сеирски филм: Македонска политика.
сериски
сеирски
6.
Курбан бјрм.
бајрам
бјрм
7.
Истолчен, западнат, неверен и тужен Балкан.
источен, западен, северен и јужен
истолчен, западнат, неверен и тужен
8.
Тури му PayPal.
пепел
PayPal
9.
Хомо запиен.
сапиенс
запиен
10.
Кубански ресторан „Фидел Гастро"
Кастро
Гастро
11.
Рубик е смртно болен. Се бара донор на коцкена срж.
коскена
коцкена
12.
Во Малага бевме на слаголед и зборевме за луѓето што ги знаеме. Јас нарачав чоколага, а другарка ми трачатела.
чоколада, страчатела
чоколага, трачатела
13.
- Ми личиш на убиец од роман на Агата Кристи!
- А ти Поаро да не си?!
Пуаро
Поаро (поарно)
14.
Се затрув со метафори. Носи ме на лексикологија.
токсикологија
лексикологија
15.
Дај му прст, он и ќуфхцчџш бара.
рака
ќуфхцчџш
16.
Ако си аматер за правопис, стисни Лаик.
лајк
лаик
17.
Трка на јајце-клетки:
- Не сум спермна да се тркам!
- Јајцеводиш, не ме маткај!
спремна
спермна
18.
Иди десен клик... иди едит... па пјаф.
што и да е...како копче на тастаура, команда...
пјаф
19.
Времето ќе полаже.
покаже
полаже
20.
С'клет на околности.
сплет
с’клет
21.
Се заглавив во љубовна магија и сега не знам штос со себе.
што
штос
22.
И летово си ветив дека ќе идам Бразил на одмор. Секоја година се заплажувам така.
залажувам
заплажувам
23.
- Боже какво е летнато ливчево.
- Остај го, се прави флаер.
фраер
флаер
 
 

Спунеризми, метатези, атипични антиметатези (антиметалепси)  

 

Спунезирам е фигура на дикција, случајна или намерна замена („замерна намена“) на гласови или слогови во два последователни збора. Именувана е епонимиски, според Вилијам Арчибалд Спунер (Williama Archibald Spooner), оксфордски професор на преминот помеѓу 19 и 20 веккој бил познат по ваквите игри на зборови, т.е. „замерни намени“. Вообичаени примери за спунеризам се „бол и гос“ (гол и бос), „качкина машлица“ (мачкина кашлица), „заводници и награди“ (наводници и загради“... Речиси секој од нас има фреквентен фамилијарен пример за спунеризам. Мојот е: „шапун и сампон“ (сапун и шампон) и сѐ уште „замерно го наменувам“, зашто ме потсеќа на детство, на брат ми и на мајка ми и на точно определени лични контексти поврзани со нив. Спунеризмот „шапун и сампон“ за мене е вербален мнемотоп за недоброј нешта. Токму поради моќта за конзервирање на меморијата, спунеризмите и воопшто јазичните игри не треба да се третираат само како забава.
Спунеризмот е микро метатеза за фонеми, но тој може да се прошири дури до синтаксичко ниво, до цели антиметалептични изрази, на метатези од најширок вид кои одлично ги практицира Тања Аждаја. Таа алудира на конкретни нешта кои ги извитоперува до нова смисла, до ново значење кое е толку невообичаено што веднаш станува и смешно. Еве табела и за најтипичните примери-спунеризми од шесте наведени прилози на Аждаја од Окно:  
 
 
 
Примери:
Алузија/референција на:
1.
Пишувам од душата на дното.
Дното на душата
2.
Пензионејџери и тинејзионери
Пензионери и тинејџери
3.
- Абе јас мислев отидовте на Бора Бора.
- Ехее, пројде тој воз, нели чу чу?
- Чув брат, на бербер...ку ку.
- Ми раскина, не можела да ни ја трпи повторливоста у друштво многу многу.
- Ќе најдеш подобра, она и онака беше така-така.
Алузија/кокетирање со повторување на слоговите „оправдана“ со Бора-Бора.
4.
Зар и ти плато бруто?
Сине Бруте
5.
Цимето не го даваме!
Контекстот на употреба на „цимето“ го даваше ингенизониот ефект на изразот (стануваше збор за зачини!)
6.
Од сите дна ти си ми врв.
Нејасен спунеризам со контрастирање (дно-врв)
7.
И јуфките се сварија, а ти уште си ми тарана.
Комбинација со малапропизам
8.
Резилке, кажи како да се води проста и широка народна маса?
Комбинација со мондегрин
9.
Кока Кола Зеро што сака да се слика е Кока Кола Позеро.
Спунеризам со досетлив допис (додаден на почетокот како протеза, на крајот како епитеза или во средината како епентеза)
10.
Ѕвонарот во Богородичната црква во Париз е облечен по последна квазимода.
Спунеризам со досетлив допис, но и со влог на изманипулирана хомонимност (Квазимодо, квазимода)
11.
Фабрика за еротски зачини во Куманово „КУРКУМАНОВО“
Контекстот на употреба на „Куркуманово“го даваше ингенизониот ефект на изразот (стануваше збор за зачини!)
 
Неколку од наведениве спунеризми дополнително ќе ги искоментирам:
Пишувам од душата на дното“ е израз со неочекувана, нецелосна и алогична антиметалептична замена6: дното на душата – душата на дното. Антиметалептичната игра дава ефект на блискост, на познатост на изразот, затоа што напамет го читаме како што е вообичаено, по инерција, дури отпосле, со задоцнет ефект на „вистинско читање“, ја сфаќаме играта. Насанкани сме на она што не го знаеме со помош на она што совршено го знаеме.
Кока Кола Зеро што сака да се слика е Кока Кола Позеро“ и „Ѕвонарот во Богородичната црква во Париз е облечен по последна квазимода“ се „направени“ по иста шема, различна од обична спунеристичка замена. Во првиот случај станува збор за строго контролиран допис на „зеро“ во „позеро“ со „протеза“ на почетокот со што се трансформира значењето и се постигнува комичниот ефект; во вториот, уште посуштински, се користи допис на „мода“ во „квазимода“, при што не само што се остварува комичен ефект (квазимода=лажна мода), туку се заокружува алузијата со романот „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ (Виктор Иго) со виртуозна, хомонимна изведба на името на неговиот главен лик – Квазимодо/квазимода.
Инаку, антиметалептичните замени искомбинирани со спунеризам се вид подготовка за фуриозноста низ графемите, лексемите и „бегствата“ на белинките (нивните преместувања) со што постојано се добиваат нови значења и се прошируваат семантичките полиња на непроменети зборови во променети контексти или на изневерени зборови во непроменети контексти. Игри на сите нивоа кои полека го исцртуваат обединувачкиот принцип, техниката на Тања Аждаја која епонимиски слободно би можела да се именува како аждеризам или домашната верзија и комбинација на малапропизам, спунеризам и уште недоброј други „чуда“.
 
 

Преместување на празнините / Бегство на белинките

 

Овие поетски, хомонимни фрази можат да бидат и метафори, но и обични дескрипции на една од постапките на Тања Аждаја кога ефектот се постигнува без никаква интервенција, дури ни во една единствена графема, туку само со прегрупирање на видливиот графемски материјал со помош на невидливото ништо – „работата со празното“, со белинките помеѓу зборовите. Ремаркирањето на границите помеѓу зборовите го уловивме во 7 впечатливи примери:  
 
 
Примери за бегство на белинките (спејсовите):
Вистинското место
на белинките (спејсовите):
1.
Соновно училиште „Стивна Умов“
Стив Наумов
2.
Циганката што ме фали се вика Семие Џабе.
Сѐ ми е џабе
3.
Таа праша: Зошто ме покани во ресторанов? 
Ми Ла Си Ми - ѝ одговори Бетовен.
(мила си ми)
Ги прекина келнерот: Повелете Сол
.
Бетовен возврати: Фа Ла. (фала)
Мила си ми,
Сол,
Фала
Именката сол не се гиба, не се разложува, затоа што се смета дека е хомоним и за нота, само контекстуално ѝ се искористува хомонимичноста.

4.
Име и презиме на обвинетиот:Јане Грешев.
Ја(с) не грешев
5.
Рана за рана, хан за пласт.
ханзапласт
6.
И веганството стана модерно, а ти уште си ми скара на кило.
Скарана + „кило“ како засилувач на ефектот, фундирање на доминација на зборот скара, да не случајно не се чуе доволно јасно одделувањето на НА, завршниот дел на глаголската придавка (скараНА) и негово осамостојување како предлог НА.
7.
Што прави сеизмолог на море?Сеизморува.
се изморува
 
Од примериве можат да се видат различните можности што ги искористила Аждаја, што секако не се сите потенцијални, кои, претпоставувам допрва ќе бидат „цедени до крај“. Главно се сведуваат на пренебрегнување на постојната белинка и задавање своја (Стивна Умов),  разбивање на компактна лексема со белинка/белинки и ресемантизација (ханзапласт – хан за пласт), со што имајќи го првичниот дел на исказот се остварува совршена рамнотежа, исказот прераснува во некаков слоган што е смешен.
 
 

Транслитерарни игри со latinica и кирилица и трансјазични жонглирања со македонски, српски, англиски, француски...

 

 
Постапките на остварување духовит ефект со комбинирање на latinicata и кирилицата (необично транслитерирање на микро ниво: буква, слог, збор) се извесна супспецијалност на Тања Аждаја и ретко кога треба дополнително да се коментираат.
Еве мала табела со 9 примери и исто така, мали, бегли коментари во самата табела:
 
 
Примери:
 
1.
ЗНАЧИ ДА СЕ НЕМАЛО OCET ZA PRAENJE SALATA.
Клучот е во „осет“. Кирилично прочитано значи едно, латинично – друго. Зборовите пред овој збор се испишани на кирилица, по него – на latinica. Тоа е досетката за преминот помеѓу писмата; тоа е аждеризам во најубава смисла на зборот. Ако зборот се прочита кирилично со првиот дел од реченицата има една смисла; ако се прочита латинично со вториот дел – има друга смисла. Виртуозна досетка! Мало реченично ремек-дело!
2.
Нит се води Netcetera.
Нит се тера = Netcetera 
3.
Штала на страна, на собирот имаше 100K народ.
100K = стока. Штала како замена на шала е малатропизам или дури и спунеризам со допис (шала), но во контекстов станува збор за микс од повеќе техники и постапки чиешто разграничување, всушност не води кон никаков специјален заклучок.
4.
Seenгл
Кокетирање со seen (Фејсбук) наспроти сингл (неспареност, осаменост)
5.
Македонска кинематографија: Гајле cinema.
Гајле cinema = Гајле си нема.
6.
Што ќе си SEAT, тоа ќе си PASSAT.
Значењата не се менуваат со латиничниот испис, само се алудира дополнително и на автомобили и во тоа е двосмисленоста постигната само со различно писмо на испис.
7.
Те сакам со сите доблести и money.
Штосот е во двосмисленоста на читањето и пишувањето. Се изговара како „мана“ се пишува како „пари“, двете значења се во оптек и тоа е духовитото. Љубовта се поврзува и со мана и со пари во исто време.
8.
Ти си савршенство без money.
Речиси идентична ситуација со претходниот пример. Совршенство без мани : совршенство без пари.
9.
Покажувам особен Pinterest и успех.
Pinteres = интерес (микс од повеќе техники)
 
 

(Морфолошки) хомоними

 

Последното одврзување на панделката на шегата е нотирањето на лингвистичката практика на Тања Аждаја да работи и со хомоними7, при што особено е вешта со морфолошките хомоними8.
Еве ја последната табела со 9-те хомонимни постапки регистрирани во 6-те текстови од кои се состои корпусот на оваа анализа.
 
 
Хомонимни акробации:
1.
- Полагав за слободен пад.- И?- Паднав.
2.
- Што леб ви е ова? - Исто ко мене. Стојан.
3.
Влегов во светиот храм на ветрот - во новиот дел е промаја, а во стариот - завет.
4.
Не е у реду да измислувате топла вода - вие го знаете тоа бољер од мене.
5.
Мојата двоколка стигна прва, а Ахиловата петта.
6.
Потргнете се, ќе го слетувам ТЕГЕТ на палиндром.
7.
Толку многу апостолки, а само 12 апостоли.
8.
Шо убаво ти е граден кошот.
9.
Си го одр'жав зборот.
 
Хомонимните зборови не само со значењата, туку и морфолошки (со сите свои форми) прават невидени акробации во внимателно одбраните контексти на Аждаја. Стојан е сопствена именка, но и глаголска придавка во машки род - стојан (како стоен), во контекст кој ги поднесува двете можности и е мошне смешен токму поради тоа; бољер е и бојлер и боље, и именка и степенувана (српска) придавка... Исклучително интересен е примерот „Шо убаво ти е граден кошот“. Граден кош е синтагма која во своето првично значење се однесува на одреден дел од човечкото тело и во тој случај се членува првиот збор во изразот градниОТ кош. Изневерувањето на членувачката практика од првиот елемент на изразот на вториот – граден кошОТ, сосем го менува значењето и е маестрална досетка за искористување на членот како маркер за семантика што е крајно лингвистички невообичаено. Вметнувањето на апостроф пред р во обичната глаголска форма одржав – одржав, не менувајќи го ни вокалното р, успева да ја промени семантиката на глаголот, сигнализирајќи дека држењето (од одржав) станало ржење (од одржав).
 
Иако анализава ја доживувам како кофа студена вода врз зовриен бетон од која нештата само повеќе се лизгаат и паѓаат, а не се освежуваат; сепак не можев да одолеам да не го плиснам она што го знам пред Тања Аждаја. Или зад неа – за среќа, како што порано правеа нашите баби или како што сѐ уште се прави во турските серии.

Слики: Chris Buzelli





1 Соновно училиште „Стивна Умов“, 4.07.2018, https://okno.mk/node/72347 ; Значи да се немало oceт za pravenje salata, 13.07.2018, https://okno.mk/node/72506 ; „Честито бумеранг.“ „Фала да се враќа.“, 20.07.2018, https://okno.mk/node/72628 ; Од сите дна ти си ми врв, 30.07.2018, https://okno.mk/node/72807 ; Те сакам со сите доблести и money, 8.08.2018, https://okno.mk/node/72978; Ѓаволот носи Правда, 15.08.2018, https://okno.mk/node/73109
 
2 Како кучето мое нигде нема друго, 6.07.2018, https://okno.mk/node/72381 ; Сирано де Бубрежак не ви е равен, 19.07.2018, https://okno.mk/node/72599 ; ТОП ШОП нуди препознавање на разни прозни форми. Но, тоа не е есеј!, 27.07.2018, https://okno.mk/node/72747
 
3 Тмеза е стилска фигура на дикција кога извесен збор се раздвојува, се сече со друг вметнат збор. Се користи заради постигнување смешен ефект, но и заради извесни граматички правила.

4 Американската писателка Силвија Рајт го измислила терминот мондегрин во 1954 година, пишувајќи за ненамерната грешка на госпоѓицата Мондегрин во една шкотска балада.

5 За објаснување на мондегринот ќе се послужам со две познати песни од српски автори. Кафеанската песна „Дајте вина, хоќу лом“ на Харис Џиновиќ, многумина ја пеат како „Дајте вина оку мом“, а не „Дајте вина, хоќу лом“, и покрај тоа што дативниот исказ „оку мом“ е алогичен за пиење вино. Хитот „Одлазим, а волим те“ на Оливер Мандиќ речиси сите го потпевнуваме како „Доѓавола све, доѓавола са мном. Одлазим, а волим те“, иако во оригиналниот текст стои: „Доѓавола све, доѓавола сав бол“.

6 Антиметалепса (антиметатеза или антиметабола) е промена на местата на зборовите во ист израз, огледално превртување, јазична симетрија. Примери: Историја на уметноста – уметност на историјата; Јадеме за да живееме – Живееме за да јадеме...

7 Хомоними се зборови што гласат исто како некои други, а имаат поинакво значење. Вообичаено, ваквите хомоними ги викаме лексички хомоними. Ист збор – две сосем различни значења.

8 Морфолошки хомоними настануваат при различните јазични процеси, при деклинации и конјугации кога се изедначуваат формите на зборовите. Кај морфолошките хомоними немаме ист збор – различни значења; туку иста форма на можеби различни зборови, со различни значења. Пример: Стојан/стојан = сопствено име и глаголска придавка во машки род. 

ОкоБоли главаВицФото