Убава глад

25.08.2018 13:18
Убава глад

 

 

As your bony fingers close around me…

 

утро


Сè започна во понеделникот. Недела е мојот воден ден, тогаш не јадам. А во понеделникот изедов: половина јаболко, половина чинија тестенини без сос, зелена салата со многу многу оцет и јогурт. И, за жал, она што не смеев да го изедам, а што ми го подметна онаа пичка Кармен.

Едвај чекам да си оди! Проклето ме дразни, таа фока; нејзините лилави нокти, таговниот поглед, малите набабрени нозе во салонките. И таа опседнатост со хранење, чрчорењето на маста, кујната, ждерењето... Сите тие запршки, сарми, сланини, гулаши, џигери... Таа и татко ми, како два глувци, кои цел ден дремеле во струготина, одеднаш оживуваат во вртењето околу масата, со ќеси полни крваво месо, телешки мозоци, свински уши, кокошкини дробови... Толку ведар склад и братска слога во распрснувањето на зајачките ’рбети! Рибјите очи се во мијалникот и жолтата дебела корка кајмак се скрутува во студениот лонец со млеко.

Па ужасите на заедничките обеди, нивните ситни брзи усти кои, како дигитални животинки, одвоени од остатокот на телото, го елиминираат оброкот: супа, крокети, пире, салата од зелка. Мласкање, сркање, голтање, ждригање, скерцо, алегро.

Се мислам какви ли деца биле, татко ми и неговата сестра-крофна, во она време додека одбивале пасиран морков, штрклести адолесценти на фотографиите кои би го преспале појадокот и често ја прескокнувале вечерата. Ги видов тие слики, но сеедно, Кармен е една од оние за кои никако не можете да замислите дека некогаш биле деца. Се кладам дека и тогаш нервозата ја сотирала со мармелад од шипинки, како што сега со готвење и хранење ја сотира помислата за својата утната егзистенција на планетата Земја.

Отсекогаш ме нервирала, тој куп од лојни жлезди и депресивни гонади, а особено откако одлучи да премине на тактиката лажно разбирање. Од тогаш не ја поднесувам!

Нема шанси некој таков да може да ја разбере убавината на гладот, таа сила што ја носам, како сум однатре чиста и свежа, зашто сум творец на своето тело, суптилен контролор. Just make a wish! Сакам да бидам убава како месечев зрак и таа желба со подигната волја си ја исполнувам. A мојата хоризонтала станува сè похоризонтална.

Хранењето нема повисока смисла, свесното согласување на глад има прекрасна цел, една од поубавите: бавно остварување надзор, совршенство. По некое време се навикнуваш на болката на гладот, на таа убава страшна жртва, почнуваш да ја обожaваш. Таа моето тело ми го прави поподносливо. Висока сум 168, а своите 46 килограми гордо ги одржувам веќе цел месец. И јасно дека не сакам да се разболам и да умрам; сега за сега задоволна сум со своите 46. Ниту ана е болест, барем не секогаш, како што вели дембелана пичка Кармен. Некои девојки едноставно изгубиле контрола, но малку се. Впрочем, имам право на свој избор! Божем нејзиното ждерење е поздраво! Таа е сè погрда, а јас сум поубава.

Тато е, јасно, на нејзина страна. Како не гледам дека ја викнал поради мене. Божем за мое добро. Мисли дека ми фали мајка. Како таа да ќе ми ја замени мајката, таа крофна! Само се надевам дека не сум повлекла ниеден нејзин ген, по ѓаволите. И не можам да верувам дека таа родила онакво дете како Ѕвездана. Мојата прекрасна мала братучетка Ѕвездана, жолтокосата. Дојде вчера со својот црвен куфер полн со бели кошулки и плисирани здолништа. И да не беше таа, јас веќе ќе најдев начин да ја истерам нејзината напорна родителка.


Значи, да се вратам, во понеделникот ми зовре. Значи, реков, неделата е веќе со месеци мојот воден ден, тој ден пијам само вода. Би сакала да сум како вода. Бистра, студена, силна, проѕирна.

Тетка знаеше дека после неделата доаѓа најсилното искушение. И што направи таа тажна утка полна сомилост и разбирање – остави на масата топол бурек, дополу одвиткан, да се чади! Прво ми се крена стомакот и солзи ми надојдоа на очи, тргнав со чинијата кон кантата за ѓубре. Се извежбав во фрлањето храна. Дури постигнав таква самоконтрола што на татко ми и на Кармен им правев овошни сокови и фрапеа, на литри, фрлајќи ги така буквално во нив сите тие јагоди, портокали, банани кон кои имам слабост, а полни се шеќер.

Ама тој ебен бурек така проклето вкусно мирисаше што во следниот миг го извадив од кантата и седејќи на плочките со прсти го напикав во себе. И хартијата ја излижав, мрсна.

Ми дојде да повратам, но си ветив себеси дека никогаш нема да станам една од оние патетични мии кои се преждеруваат, па ја гушкаат веце школката. Тоа ми е некако, мислам, еј.

Се дружев некое време со блујачките мии, имаше две во мојата гимназија. Ма шо знам, respect! Девојките се трудат, ама сепак е тоа понизок тип. Тие контролата ја постигнуваат примитивно, со повраќање, ама сепак, велам – respect! Не може секој да биде ана. Месечев зрак. Млаз вода. Сребрена нишка.

 


Толку е тешко кога никој не те разбира, кога сè погрешно толкуваат, кога ништо не знаат, не сфаќаат. Мојата одмазда за бурекот беше бедна. А и што можев да направам: да истурам сол во супата, да го завртам копчето на рерната на најсилно за да загори печењето, да замешам табаско во кремот за колачи, паста за заби во домашниот мајонез, да го оставам отворен замрзнувачот со риба и слични детински работи. Но мислам дека Кармен ја сфати пораката, повеќе не ме гледаше како главеста желка отруеното младо; од очите ѝ искри бес, сигурна сум дека ноќе чкрипи со забите. Тато слегнува со рамениците. За него ми е малку жал, сигурно поради мене се чувствува ко некој лузер, ама ебате, и така се лечат предрасуди.

Во секој случај, тета Кармен се откажа од мене да направи полничко румено девојче. Мојата цел да ја избркам беше пред вратата. Од надворешната страна, of course. Се чекаше само нејзината ќерка Ѕвездана, која мораше да дојде кај нас од оној пичковац, или каде ли веќе живееше нивното среќно дебилно семејство. Мамичка ѝ ветила на малата викенд во градот, што ти знам, и потоа демек ќе одат заедно дома. Братучетка ми ја немав видено речиси две години.

Инаку не ги сакам тие девојченца во плисирани фустанчиња и бели кошулчиња, во маички со паф-ракави. Мислам, што е тоа воопшто? Дури и куклите почнаа помодерно да ги облекуваат. Ама Ѕвездана секогаш беше облечена како да настапува на школска приредба. Со една забелешка: како сосем сигурно најубавото девојче во школото.

Сега имаше четиринаесет и веќе беше висока колку мене. И во таа своја демоде облека изгледаше како суштество од сликовница или од некој стар филм. Изгледаше како сончев зрак.

 

 

Ја сместија на помошното легло во мојата соба. Горда сум на својата соба.

Имам постери од Калиста и Кејт и лустер кој самата го направив, а мојот прозорец гледа на градската марина и понекогаш ја гледам месечината на врв од јарбол како црвено-бело лижавче.

Ѕвездана беше уморна од патот. Зборувавме за некои деца со кои се дружевме преклани. Јас веќе немам работа со нив, до година сум матурантка, веќе неколку пати сум била во клубови. Таму тие деца не одат. Тие уште трчаат по топка на игралиштето и јадат сендвичи од пола векна леб наполнета со паризер. Откако еден од тие смрдловци ме нарече Скелетор, веќе воопшто не им се јавувам. Во клубовите девојките како мене немаат проблеми со момците, ама обично се премногу дрогирани или пијани или грди за да отидам со некој од нив. Малку ми се допаѓа диџејот кој таму работи. Има вкус, фаца е. Клубот е ко вселенски брод, фантастично. Вели дека никогаш не била во клуб. Велам дека можеме утре да одиме, ние две.

Заспа среде приказна, онака облечена, врз прекривката. Стварно беше драга, не како другите клинки на нејзини години.

Ја покрив. После, во креветот, се сетив дека заборавив да ја прашам колку кила има.

 


попладне, вечер


Сабота. Ден кога се журкам во клубот. Ја носам Ѕвездана. Боже, ќе морам да ѝ позајмам некои фармерки, плисирана во клубот сепак не може, па и да е сончев зрак!

Целото сабајле бев прељубезна кон нејзината мајка главеста желка. Таа сомничаво ме загледува. Не може да ме смисли.

Во кујната сега влегува силна јужна светлина и зрнцата прашина се вртат во круг. Ведро е и во воздухот ја чувствувам солта, а во телото празните простории. Кога деновите се ведри и студени, мојата болка е појасна, празните простории пошироки.

Ѕвездана седнува крај мене, поспана и бушава, утрото го преспа, мириса на шампон од јаболко. Кармен, чиj мајчински нагон тотално го заебав последниве денови, ѝ дава оддишка на фрустрацијата, ја храни единицата: ѝ пече палачинки, ѝ ги полева снегулките со млеко, ѝ мачка врз лебот домашен жолт путер како кај дедото на Хајди во планината, уште само фали парче шунка, ама и тоа доаѓа... Топлото печиво исчезнува необично бргу како мирисното какао, останатата храна само ја проба, белки да не ја навреди мама, што ли. Јас испив безмрсен јогурт и изедов парче двопек.


Ѕвездана сака да ги види децата за кои вчера зборувавме, не ми е баш драго, но одам со нејзе. Таа има ролерки, јас ја стигнувам пешки. Весела е и дрдори по целиот пат до игралиштето, рола околу палмите и покрај самиот раб од патот, може да падне во морето. Ѝ се потсмева на мојата плашливост. Ме учи на онаа Dream од Depeche Mode. Велам дека не сум знаела дека е депешовка. Мислев дека тоа веќе не постои. Таа се смее, вели дека не е, дека само ѝ се допаѓаа таа трака, дека нема поим кој ја пее. Јас велам дека траката е сеедно кул и тогаш стигнуваме на игралиштето. Децата имаат скејтови и таа рола паралелно со нив. Вешта е со ролерки. Најзгодниот ја фаќа за раце. Оној што ме нарече Скелетор. Порано ми се допаѓаше како прамен коса му паѓа врз лицето додека се смее. Сега го мрзам.

Моите празнини се шират. Сонцето е остро, воздухот разреден и сув. Одам да испијам чаша вода и после не ми се враќа на тоа игралиштето.

 


Вечерта сум лута. Не сакам Ѕвездана да го види мојот диџеј. Знам дека ќе ѝ се допадне. Сите девојки се луди по него. Таа би му се допаднала. Јас не.

Измислувам дека ме боли главата и така не одиме во клубот. Остануваме некое време пред телевизорот. Кармен мати крем за чоколаден колач и пак пече палачинки. Братучетка ми јаде четири со мармелад од кајсии. Тато изеде две палачинки, пошто е божем на диета. И јас изедов една и пол и сега ме гризе совеста. Денешниот ден е тотално посран. Бурек и палачинки во иста недела, да – и ќесе кикирики кога се вратив од игралиштето, од нервите, поради типон.

Да не ме видат како плачам, пак се жалам на главоболка и си одам во соба. Никогаш нема да бидам како Кејт или Калиста, нема да бидам месечев зрак.


Околу три ме разбуди болка и бука во празната просторија на моето тело. За сè е крива проклетата палачинка. Ми го разбуди апетитот. Ужасно сум гладна. Велат дека помага ако џвакаш целер. Ама од кај ми сега целер?! Мојата прва помош: пијам чаша вода. Понекогаш и две, три. Главно помага. Ако доволно бргу заспиеш.

Ама јас не можев да заспијам. Се вратив во кујната и сакав да земам лимонада од фрижидерот кога го здогледав прекрасниот колач прекриен со темна, прст дебела глазура од чоколадa. Го исеков на правилни коцки, ги наредив на чинија и го однесов во соба. Ѕвездичка спиеше како ангел. Косата ѝ паѓаше врз очите и јас малку ја тргнав. Ги растворив со прстите нејзините усни, полека. Заспана, изгледаше уште помлада. Заборавив да ја прашам колку кила има. На сите им се допаѓаше. Мирисаше на шампон од јаболко. Личеше на зрак сонце.

Го зедов првиот колач и почнав да ѝ го пикав во устата. Па вториот. Го правев тоа брзо. Таа веднаш се разбуди, почна да се загрцнува, да се гуши. Ја фатив за раце, цврсто, најсилно што можев, а со слободната рака грабав коцки од чинијата и ги забивав во нејзиното лице. Ме оттурна со удари од нозете и јас се стркалав од постелата на подот.

– Мамооо, мамооо! – викаше. Главестата желка влета во бела ноќница како надуено сениште и, како да не станува збор за четиринаесетгодишна, го крена своето младо и излета надвор мрморејќи некоја закана и пцуејќи ме.

– Ќерка ти, ќерка ти! – кукаше Кармен кон тато кој низ ходникот тргна кон мојата соба.

 

 

– Гледај тато – му реков штом влезе во собата – јас јадам колачи.

Ги бутав еден по друг во уста додека ми течеа солзи и лиги и мислев дека ќе се задавам.

– Зошто го направи тоа?

– Тато, ги изедов сите колачи, сите, сите...

Не сакав да ме гушне. Ништо слично. Не сакаше ни тој, овој пат не. Полека ја затвори вратата. Ова е, значи, само мој срам.

 

 

Утре тато ќе ги симне од ѕидовите постерите на моите идоли, по трет пат годинава. Овојпат веројатно ќе ме однесе на лекар, без разлика што ќе го изедам појадокот. Ќе излезам од собата за да ги испратам тета и Ѕвездана, иако тоа всушност никој од нас не го сака. Татко ќе изгледа уморно и загрижено, Кармен ќе врти со главата со сите три подбрадоци, а Ѕвездана само тажно ќе ме погледне. И јас тој поглед нема да го поднесам.


Превод:Игор Исаковски
Слики: Mark Ryden

ОкоБоли главаВицФото