Луѓето не се виновни

28.08.2018 01:44
Луѓето не се виновни

Луѓето се најлоши.

Варијации на оваа тема се појавуваа низ социјалните мрежи кога австралиските супермаркети „Коулс“ одлучија да ги вратат во употреба пластиќните кеси со изговор дека на луѓето им е потребно „повеќе време за да се навикнат на промената“.

Потоа излезе специјалниот број на „Њујорк тајмс“ каде во суштина се повторува истиот аргумент само на повисоко ниво.

Во својот долг, фасцинантен есеј, Натанијел Рич објаснува дека клучните откритија на науката за климата не се нови. Уште во осумдесеттите години на минатиот век, научниците сфатиле како функционира глобалното затоплување и како тоа може да се запре.

Денес, во атмосферата секојденвно се испуштаат толку големи количини на јаглерод, што, како што пишува Рич, „сега најдоброто сценарио е долгорочна катастрофа“. Но климатските промени можеле да бидат запрени уште на самиот почеток. „Речиси ништо не ни стоеше на патот, освен ние самите“, пишува Рич.

Со други зборови проблем биле жителите.

Луѓето копнееле по комфор, без оглед на последиците. Инсистирале на своите автмобили на бензин, на своите клима уреди и на пластичните кеси од „Коулс“, дури и кога очајните научници ги молеле да ги променат навиките.

И сега сме тука каде што сме – во ситуација во која климатските промени можат да направат делови од планетата да бидат ненаселиви.
Но врз што се темели оваа самоуверено тврдење дека луѓето се незаинтересирани за судбината на планетата?

„Луѓето поврзани во глобални организации, демократии, индустрии и политички партии или поединечно не се во сосотојба да го жртвуваат својот луксуз заради казната што ќе ја платат идните генерации“, вели Рич.

Звучи како факт, но всушност е аргумент, поврзан со клучните контроверзи на политичката економија. Шенон Осака го сврте вниамнието на тоа дека Рич го парафразира есејот „Трагедијата на заедничкото“ од Гарет Хардин, каде Хардин тврди дека преголемиот број жители на планетата во комбинација со индивидуалните себични интереси неизбежно ќе резултира со уништувањето на заедничките ресурси.

Но, тезата на Хардин не е необорлива како што тврдат нејзините поддржувачи. Марксистичкиот географ Дејвид Харви констатира дека наводната невозможност на заедничкото станала „необорлив аргумент за супериорната делотворност на приватните сопственички права“ само затоа што десничарите ги генерализирале специфичните историски услови, претворајќи ги во наводно непроменливи законитости.

Меѓутоа, во стварноста, како што покажала Елинор Остин во истражувањето кое е наградено со Нобеловата награда, многу постоечки заедници биле способни за кооперативно зачувување на заедничките ресурси и заедничкиот имот, токму на начинот кој Хардин го смета за невозможен.

Австралијците пред сите други морале да бидат свесни за тоа: важните книги на Брус Песко, Бил Гемиџ и други покажуваат начини на кои австралиските домородци го одржувале „најголемиот имот на светот“ во тек на околу 60 000 години.

Начелно, есејот на Рич ги неутрализира и есенцијализира специфичните политички и економски услови кои борбата против климатските промени ја направиле толку тешка во осумдесеттите години.

Во својот извонреден одговор на есејот на Рич, Наоми Клјан вели:

Едвај може да се замисли полош момент во човековата еволуција за соочување со тешката вистина дека удобноста на современиот потрошувачки капитализам полека, но сигурно ја поткопува населивоста на нашата планета. Зошто? Затоа што осумдесеттите години беа апсолутен зенит на неолибералниот потфат, врв на идеолошкиот подем на економскиот и општествен проект кој свесно го демонизираше колективното дејствување во име на ослободување на ‘слободниот пазар’ во секој аспект на животот“.

Конечно, тоа било време во кое и левицата и десницата го прифатиле пазарот не само како неизбежна, туку и пожелна институција, која безмалку има чудесна ефикасност и која, по секоја цена, треба да се воведе во секој аспект на човековото дејствување. Добивме приватизација, дерегулација и принцип „корисникот плаќа“; се откажавме од јавната сопственост и планирањето. Новата ситуација доведе до тоа политичките партии, работничките синдикати, граѓанските здруженија, па дури и спротските клубови да почнат да пропаѓаат заради својата инкомпатибилност со општеството на атомизирани индивидуи кои меѓусебно се среќаваат само како учесници на парични транскации.

Во тие услови тешко е да се обвинат обичните граѓани заради тоа што не успеале иднината да ѝ ја претпостават на сегашноста. Суштината на неолиберализмот беше во универзализација на она што економистите го нарекуваат „рационална максимизација на профитот“. Станавме општество на победници и губитници во кое грабате сè што можете или останувате прегазени во прашината.

Во секој случај, со пропаѓањето на традиционалните механизми на политиката, обичните луѓе изгубија речиси каква било моќ да влијаат врз одлучувањето. Синдикатите, партиите и парламентите кои некогаш имаа барем некакво влијание врз пазарот и самите сè повеќе ги усвојуваа пазарните принципи, а привтната потрошувачка почна да се толкува како полегитимен израз на нашите преференци, отколку гласот на изборите.

Ефектите од тој поглед на светот можеме да ги видиме денес во Австралија – а борбата околу пластичните кеси претставува типичен пример.

Не би требало да биде тешко да се запре гротескното намножување на пластичниот отпад. Американските производители ги усвоија пакувањата за еднократна употреба дури по Втората светска војна и тоа заради огромниот профит што тоа им го носеше. Потоа со години грчевито се бореа да ја навикнат првично непријателски настроената јавност дека загадувањето е последица на оваа пракса.

Владата што сериозно ќе реши да се ослободи од епидемијата на токсичната микропластика, сосема очигледно, би можела да ги оданочува оние производи и продажбата на стока која е спакувана на тој начин. Казненото оданочување не само што би ја обесхрабрило употребата на пакувањата за еднократна употреба, туку би можело да се искористи и за финансирање на заздравувањето на веќе загрозените екосистеми.

Наместо тоа, дебатата за употребата на пластичните кеси го префрла товарот врз индивидуалните купувачи. Одговорноста за намалувањето на пластичниот отпад не е на владите или мултинационалните компании или институции кои ја поседуваат реалната моќ, туку на забрзаниот родител кој на пат од работа кон дома сака да го реши проблемот на семејниот ручек.

По својата природа потрошувачките кампањи имаат најмногу смисла за оние кои се наоѓаат на релатвино привилегирани позиции. Ако на располагање имате постојан приход, тогаш веројатно веќе сте се навикнале да избирате што купувате, па носењето во супермаркет на сопствена рециклирана торба не претставува преголем напор.

Од друга страна, ако едвај составувате крај со крај, дури и скромната дополнителна цена може да ви изгледа како капка во преполната чаша. Кога гигантскиот супермаркет, чиишто раководители заработуваат повеќе отколку што може да замислите и чиј цел деловен модел се темели на привлекувањето на потрошувачите да купуваат што повеќе производи замотани во пластика, моралистички инсинуира дека, наспроти апсолутниот недостиг на општествена моќ, токму вие сте одговорни за убивањето на желките и не е тешко да се претпостави како ќе реагирате.

Дали некој во таква ситуација би можел да се изненадува што конфликтот околу пластичните кеси се претвори во нов судир во културните војни, разгорувајќи го гневот кон градските елити и нивната „разулавена политичка коректност“?

Бесот што го искажуваат некои купувачи не докажува дека обичните Австралијанци се гротескни чудовишта незаинтересирани за судбината на океаните. Напротив, тој покажува дека одреден вид стратегија за заштита на природната средина – стратегија која се фокусира на потрошувачите наместо на институциите што ја обликуваат нивната потрошувачка – може да произведе услови за десничарски противудар.

Меѓутоа, додека „Коулс“ тврдеше дека потрошувачите се причината за враќањето на пластичните кеси, интерната преписка до која дошол „Ферфакс“ кажува нешто сосема друго. Што и да пишувало во нивното официјално соопштение, претставниците на тој супермаркет на управителите на своите продавници им обајаснувале дека пластичните кеси се враќаат за да побрзо се движат редовите на касите. „Коулс“ сакал да профитира од успехот на својата промотивна акција „Мала продавница“, во која „муштериите добивале намалени реплики на секојдневните производи, завиткани во пластика“.

Со други зборови, враќањето на употребата на пластичните кеси било мотивирано од профит и немало никаква врска со обичните луѓе. И тоа е важно да се запамети.

Ако за уништувањето на планетата ја обвиниме човечката природа, тоа во суштина значи дека сме се повлекле од борбата. Исто така, ако ги обвиниме сите луѓе на планетата, на вистинските виновници им дозволуваме да се извлечат неказнети и не правиме разлика помеѓу мултинационалното индустриско загадување од огромни размери и пензионерот што заборавил да ја земе својата рециклирана торба кога тргнал во супермаркетот.

Во сегашнава тегобна политичка клима, прогресивците неретко може да се почувствуваат осамени. Лесно е да се собирате во простори во кои поминуваат левичарските идеи и да се жалите на заостанатоста што царува секаде околу нас. Многу либерали всушност ги интернализираа десничарските идеи за конзервативизмот на обичните луѓе. Тие го гладаат граѓанството како мрачен резервоар на расизам, сексизам и предрасуди, а постоечките прогресивни политики ги гледаат како начин да се спречат народните маси да ги искажат своите наводни предрасуди и омраза.

Но, безмалку секој принцип кој прогресивците денес го сметаат за недвојбен, воспоставен е благодарение на залагањето на обичните луѓе, најчесто во судир и со жестокото противење на богатите, образованите и моќните. Имаше многу случаи – од „зелените блокади“, преку блокирање на изградбата на хидроелектрана на реката Френклин, па сè до протестите во Џабилука, за да се увериме дека Австралијанците покажуваат дека се заинтересирани за природата кога ќе им се понудат осмислени методи на борба за зачувување на природната средина.

Луѓето не се најлоши. Тие се единствената надеж за спас на нашата планета – време е да го прифатиме тоа сознание.

Извор: The Guardian

 

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Екологија
Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Европа / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото