Редуциран град

29.08.2018 00:21
Редуциран град

Хабот Нова Искра

Креативниот хаб Нова Искра е првиот хаб во Србија. Основан е 2014 година по угледот на европските, на иницијатива на петмина креативци – Марко Раденковиќ, Милјана Пељевиќ, Реља Бобиќ, Нана Раденковиќ и Кристијан Шујевиќ – со намера себеси и на другите професионалци од различни сектори да им овозможат да се поврзат и да работат. „Одлучивме да основаме простор во кој креативците чија работа подразбира мултисекторска и мултидисциплинарна соработка, ќе можат да се состануваат, да разменуваат идеи и контакти, но и да споделуваат знаења и континуирано да се едуцираат“, објаснува Нана Раденковиќ и истакнува дека „во свет каков што е денешниот единствено ваквите соработки можат да понудат некој производ, сервис или програма, да одговорат на новите професионални потреби“.

Во времето кога е основана Нова Искра, Европската комисија упати отворен јавен повик до организациите кои можат да дадат одговор на прашањето што се креативни хабови, за што служат и зошто постојат. „Нашиот хаб, заедно со уште четири од Европа предложи проект кој би помогнал да се разбере поимот хаб, а првата конференција на тема креативни хабови е одржана 2015 година во Белград.“ На почетокот кај луѓето требаше да се креира потребата за хаб, а денес, после само четири години, заедницата Нова Искра има широк дијапазон занимања од областа на културата.

Нова Искра денес ги обединува оние кои сакаат да ги унапредуваат своите вештини за да го разберат светот околу себе и начините на кои можат што подобро да одговорат на потребите на пазарот. Еден од приоритетите на Нова Искра е да понуди едукација во оваа област со програми во кои заинтересираните можат да развиваат професионални и лични вештини потребни за полесно функционирање во современиот свет: критичко и аналитичко размислување, тимска работа, вештини за комуникација...

Една од мисиите на Нова Искра е да разбере како дигитализацијата ги трансформира професиите во креативната индустрија. Според мислењето на Нана Раденковиќ, дигитализацијата на содржината мора да вклучува и зајакнување на луѓето кои создаваат содржина која се трансформира во дигитална форма. „Креирањето компјутерски игри не е само прашање на дигиталното“, објаснува таа. „Потребни се цртачи, скулптори, писатели, архитекти... Сè уште недостасува стратешко разбирање на она што го правиме денес на полето на образованието, за иднината да биде подобра и полесна. На пример, кога ќе завршиш историја на уметноста, можеш да бидеш дизајнер и фотограф, но тоа се можности кои најчесто не им се предочуваат на младите. Ние сме тука да создадеме таков вид поттик, да ги поттикнеме да размислуваат малку пошироко од традиционалните образовни рамки“, вели таа.

Нана Раденковиќ

Раденковиќ забележува дека во областа на едукацијата и културните настани белградските хабови како полека да ја преземаат улогата на културни центри. Тие нудат содржини за одредена публика, која често повеќе се пронаоѓа во таквите иновативни содржини отколку во потрадиционалните кои ги нудат некои културни центри. На тој начин, намената на хабовите станува и комерцијална. „Мислам дека за одредени полиња на креативните дејности сè уште не постојат адекватни простори, како што се визуелната и филмската уметност“, истакнува Раденковиќ.

Како што на поширок план тоа го прави градот, улогата на хабот е да поврзува различни сектори. Раденковиќ вели дека хабот може да се посматра и како еден вид редуциран град, во кој експерти од различни области лесно можат да дојдат до сите актери што им се потребни за да испланираат и спроведат одреден проект – градот е таква, само поголема и потрадиционална платформа. Моделот на европските престолнини на културата функционира според слична, иако донекаде обратна шема – иновативните модели се реплицираат на градот по примерот на добрата практика на хабовите. „Бидејќи се работи за културна престолнина, развојот особено се однесува на областа на уметноста, креативната и дигиталната индустрија. Од тој аспект, логична е соработката на хабовите и градовите. Во Нови Сад, Европската престолнина на културата 2021, хабовите се во зачеток, па ова е одлична можност да се развива инфраструктура за креативни дејности“, оценува Раденковиќ. Заедничко за хабовите и идејата на ЕУ престолнината на културата е реферирањето на моментот во сегашноста во кој е потребно да се пронајде начин што поадекватно да се поддржи младата генерација која излегува од факултетите, а не наоѓа адекватни услови за работа. „Хабовите, како микросредина, и градовите, на поширок план треба да се занимаваат со изградба на специфична инфраструктура, која во современиот момент подобро ќе може да ги поддржи младите луѓе“, вели Раденковиќ и додава дека поврзаноста на хабовите и државните институции во Србија засега се мошне малку развиени. „Мислам дека во Србија сè уште не е развиено сфаќањето за тоа каков е потенцијалот на хабот, дека хабовите се тука за да им помогнат на градовите. Европската престолнина на културата Нови Сад 2021 е одлична можност тоа да се промени“.

Извор: Време

Слични содржини

Активизам / Балкан / Култура
Активизам / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото