Од прирачникот за сточарство и спорт

30.08.2018 17:58
Од прирачникот за сточарство и спорт

Џон Карпентер, штотуку разбуден, си поставува себе прашања откако во сонот му дошле членовите на Хрватската национална етичка комисија

На што личи ноќта: на гнила капина, последната топла капка.

на што личи киоск ноќе: на череп во кој некој набуткал
весници, и потоа однатре ги потпалил.

на што личат очите: на две грчки парички.

на што личат ескалаторите: на поскок сочинет од домини
низ чијшто рбет черепот потскокнувајќи се тркала.

на што личи градот: на келнер кој непрестајно точи.

на што личи срцето: на срце од свиња, шака што задава последно кроше.

на што личи гласот: на едро во кое никој не дува.

на што личи прстот: на трн зиме, привремен пораз на зеленото.

на што личи земјата кон која прст покажува: на тапа секира.

на што личи свињата под секира: на раѓање на печењето.

на што личи човекот кој го јаде печењето: на министерот за внатрешни
и на министерот за надворешни работи, и на сите други министри.

на што личи огнометот: на лагата за вечен живот.

тој живот: бескраен концерт на Виенските момчиња.

на што личи црквата: на печење камуфлирано во кашичка.

на што личи сонцето: на жетон придвижуван од голем флипер.

на што личи земјата: на зрно грашок заборавено во џеб од панталони,
сто пати испрано.

нејзините жители: мунгоси што шепотат Глорија.

на што потсетува смртта: на вреќа со капини, век на муви,
почеток на граѓанска драма ‒
на што ноќе на ноќ
ѝ личи ноќта?

Од прирачникот за сточарство и спорт

Кога на паша ќе се сруши
крава пијана од гнили круши
од нејзината капура се протега харачење
како предолго попречуван јазик,
посега по пејзажот и го преведува
пустошот во една слепа хроника.

Кога фудбал се игра
со отсечена глава на човек
во устата се набутува чорапа
така да забите не џвакаат воздух
плунката да не ја мокри тревата
и јазикот да не треска за правда.


Белата лага

Научи јазици што не ги знам, зборувај ми
работи што не сакам да ги слушнам.
биди врска со светот на здодевните вистини, на пример
со тоа дека неделата е недела, Хрватска Хрватска
пензијата она што нè одржува живи.

истовремено биди цврста источна граница,
кварт забранет за разнесувачи на пици,
биди печат во кожата на пасошот, отпусно писмо, исто така
онаа која не игра томбола, која подига живи оградички
за животот да остане живот, а тајната тајна.

Научи јазици што не ги знам, зборувај ми.
побегни со мачката во библиотека, испиј премногу кафе,
усвои обични зборови. кажи ми нешто на француски,
смртта кажи ми ја на полски: зборувај и ништо нема да биде како што било
уште еднаш сè ќе биде поинаку.

Фрагменти на љубовниот дискурс
По Амихаи

добар овчару помина времето на весници
твоите ровки и кртови, топките добија на тежина

Верен пес имам
пес во најдобрите години

ти со новиот љубовник живееш кај тепих центарот
во четврток кога сè се смрачува излегувате на прошетка

добар овчару помина времето на весници
твоите ровки и кртови, топките добија на тежина

само ти ме разбираш мрцино, сенките се симнуваат,
лисјето гние во крошните, ветрот ги притиска челата, трчај

оди сакај се со неговото грло
врати се со топлите муда.


Терор

Целиот свој живот легнувам во тебе
како млада ноќ на град
во пламен.

Превод: П. В.

Рекоа за Погачар:

Марко Погачар е чудо, не е наполно јасно кој е, кој го смислил и зошто, очевидно е само дека е тука, централен: тешко е да се каже што започнува, светлината која однатре / ползи по ѕидовите пораѓа тивки априлски сенки / тиквите цветаат, рѓата отпаѓа...

Томаж Шаламун

Марко Погачар е Рембо за хрватската и регионалната поезија; тој е веќе таму каде што повеќето поети не стигаат ни со седумдесет и две.

Бранко Малеш

ОкоБоли главаВицФото