Транскрипција

31.08.2018 01:46
Транскрипција

За првпат официјално ми побара услуга. Ме возеше до приморјето за заедно да побараме водоинсталатер кој ќе ја смени напукнатата цевка во станот на твоето семејство. Ситуацијата беше видно полоша кога пристигнавме. Грохотно се смеевме на враќање додека ги фрлавме покиснатите маици од кабриолетот. Следниот ден, пристигна мојот нов кауч. На повиен грб го носеше до трет кат. Јас и останатите работници само го придржувавме. Меѓу вториот и третиот кат гласно го колнеше целиот полусвет. Ти направив сок од цедено овошје. Не го испи. Додека размислував за позицијата на каучот, отиде да го прошеташ моето куче.

Хемиското пенкало со кое ги пишуваше важните редови во изминатата деценија трајно се потроши. Беше забележливо несреќен тие денови. Пред да отидам на двомесечно патешествие по стариот континент, ти го позајмив сивото Faber Castell пенкало со предно тежиште. Секогаш се држеше до писателските удобности. Не ме следеше убаво време на патувањето. Кога ме чекаше на аеродром, по два часа доцнење, ми врачи црно кутиче од кое извадив скапоцено Montblanc налив-перо на чиј врв беа гравирани моите иницијали. Те прегрнав од совозачкото седиште. Устата ми беше сува, исполнета со необична врелина.

Додека последните гости го напуштаа барот, ги истресов од себе капките срам и седнав на раскантаното столче за пијано. Основната мелодија беше намерно банална, но се трудев со дисонантни хармонии да ставам акцент на неочекувани места. Твојот продорен глас од задимениот ќош јасно објаснуваше дека извонредната смисла за внатрешна хармонија и единствениот пристап кон ритамот можеа да се објаснат само со Монковата нередовност и нерегуларност. Моето свирење не беше ниту иронично ниту комично. За возврат, ме однесе во главниот град на соседната држава каде со отворени усти ги голтавме вселенските пасажи на Бред Мехлдау, кој имаше соло настап. Monk’s Dream. Користеше необични фигури, мали атонални вртлози и во рамномерни колони одвлекуваше далеку од струјата на основниот пулс. Срамот се врати.

Жена ти има доста силен стисок. Мојата секогаш се смее, како што се увери. Запознавањето беше кратко и пријатно. Вечеравме и во тишина ја изгледавме новата епизода на Космос. Бараше уште една порција салата со бифтекот. И јас ценев квалитетна храна. Кога ти гласно зарка на крајот на вечерата, внимателно се обидував да дослушам што повеќе искрени љубовни совети кои од длабокото грло на жена ти пристигнуваа до отворените очи на мојата. Жена ми таа вечер за првпат ми ја голтна спермата. Воздишките ѝ беа тешки и длабоки. Сакав да ѝ се заблагодарам на жена ти за советите, но не го сторив тоа. Голтањето не беше никаква новост.

Пред почетното поглавје на мојот романескен првенец, имаше посвета за тебе. На помпезната промоција на твојот нов роман, неколку месеци подоцна, со склопени очи си го гледав животот. Одметник со обло лице бегаше од законот веќе со денови, криејќи се во подземни засолништа на напуштени згради поради обидот за убиство на својата жена. Ноќе излегуваше и завиваше под месечината. Гостите на промоцијата низ остатокот на вечерта зборуваа за брилијантно дотераната психологија на главниот лик и моќта на неговото дејствување. Ветрот наеднаш ги отвори сите прозорци во просторијата. Гостите задоволно се кикотеа, додека јас и ти разменувавме погледи на разбирање.

Кога на раб на очај ми соопшти дека твојот најдобар ученик речиси починал од самоубиство, веднаш ја побарав најверната љубовница, и ја упатив на адресата на повредениот младич. Веднаш, од врата, внимателно седнала на него. По два месеци ја донесе во мојата канцеларија со пукнат нос и ми соопшти, со извинување, дека младичот се чувствува подобро и не му е потребна повеќе курвата. Кога ти излезе од просторијата, ја натртив на работната маса. Додека снажно ѝ го поместував задникот, во себе компонирав благодарница за студентот кој ми врати забележливо усовршена љубовница. Таа крвавеше по почетокот на ракописот.

Уште еднаш ми го придржа челото со строго ветување дека ниеден од нас не смее веќе да повраќа. Последните горки капки ги исплукав насмеан. Гледав како се шантраш неколку метри пред мене. Го насочив погледот кон месечината и почнав да завивам. Со збеснатото завивање, својата жалопојка нежно ја расеав по тихите планински врвови. Ме бутна во кола и ме понесе кон планините во чие подножје беше твојата колиба. Возеше брзо и самоуверено. Како Ричард Гир.

Од дрвените полици на шанкот симна Glendalough Single Malt и го сипа во чаша од дебело, избраздено стакло. Неразбирливо зборуваше за еден од многубројните морнарски ритуали, носејќи жилет од вецето. Без причина најави дека почетокот на примитивниот ритуал ти припаѓа само тебе. Пред собното огледало почна да си го нагрдуваш лицето со тапиот жилет. Со голем напор те изнесов пред колибата каде од ниски столчиња посматравме како огнените топки полека пролетуваат низ небото. Под портокаловиот трепет лицето ти изгледаше како растопено желе.

Кога се вративме, чекаше во колата на паркингот на мојата зграда. Го изнесов ракописот и го запалив. Не се потресе. Твоето лице со исушени и згрутчени засеци изгледаше комично. Од багажник ги извади останатите примероци од новиот роман и ги расфрли. Потоа си отиде. Кога се вратив во станот го скршив огледалото и со долг нож ја расцепив средината на новиот кауч. Кога ти се врати во станот, сè до изгрејсонце ѝ ги разоруваше лицето и умот на ќерката единица. Тогаш двајцата заспавме, а сонцето полека се креваше.

Ти напишав писмо и ти реков: Ти простувам.

Не ми врати.

Сега е време за молчење.

Зашто пријатели сме. Многу се сакаме.

Слики: Jack Balas

Превод: Борислав Јарчевски

 

ОкоБоли главаВицФото