Молчи! Да не чуе водата.

31.08.2018 17:09
Молчи! Да не чуе водата.

Лице

Некои, кога ќе спомнат некое добро велат: „Молчи, да не слушне злото“.

Кога нашите стари копале бунари, откако ќе се појавело дланка вода, го криеле лицето и брзале угоре. Потоа спуштале дете, со фенер.

„Огледни се во водата долу; додека не се огледаш, не излегувај“, зборувале нашите стари.

Сакале водата прво да здогледа лице без грев.

Се зборувало, кога доаѓала суша, дека има многу зло меѓу луѓето, и дека водата сака да замине кај подобрите од нас.

Затоа, денес, кога започнав приказна за една жена и за нејзината ќерка, мајка ми ме прекина: „Молчи! Да не чуе водата“.

 

Јапонско дрво на искреноста

Рано замина во пензија. Се викаше Лујка. Продаваше цвеќе на пазарот. Над нејзината тезга пишуваше: „Купете евтино јапонско дрво на искреноста. Полевајте го и ако пушти листови за пет дена значи дека сте добар човек, а ако пушти листови за десет дена значи дека сте просечен. Ако не пушти листови – поправете се“.

Луѓето застануваа крај тезгата, читаа и се смешкаа. Сите што купуваа цвеќе од Лујка, го земаа и јапонското дрво на искреноста. Никој во градот не зборуваше за искреноста, ниту кој било се жалеше на Лујка.

Еднаш еден полицаец, после дваесетина дена полевање, го извади јапонското дрво на искреноста. „Па ова е само гранка, исечена некаде, без врска, па буцната во саксија и тука се суши. Ѓубре лоповско!“, ѝ рече полицаецот на својата жена и замина на пазар. Ги преврте сите цвеќиња на Лујка.

Лујка плачеше. Веќе не излезе на пазар. Дури ни умреница не видовме на бандера. Само се слушна дека починала. Никого немаше, ниту некој ја жалеше.

Не би зборувал за јапонското дрво на искреноста ако денес не прочитав стих од Владимир Холан: „Ништо не може да го објасни поетот, дури ни неговата смрт“.

Рани

Погоден со зрно од пушка, или со стрела, волкот, бегајќи, или сокриен во пештера, ја пие својата крв и си ги лиже раните. Никој не знае, па ни волкот: оној што со векови, како симбол, го спомнува во строфите, дали ги пие зборовите од раните или со зборовите ги превива раните.

 

Средба

Денес сретнав една старица, моја подалечна роднина за која мислев дека одамна лежи в гроб. Ја прашувам: од каде вие овде, тетка? Ми вели: „Излегов малку меѓу живи“.

 

Чекање

Ние од смртта многу се плашиме.

Умре еден Омер. Го погребувавме. Го спуштавме в земи, а една змија се измолкна – пред нас ги изеде очите на Омер. Народот почна да вреска и сите испобегавме.

Потоа се зборуваше дека несреќниот Омер видел една брука и им ја раскажал на сите, та тоа било казната што ја раскажал бруката што ја видел.

Затоа нам никако не ни се умира, оти кој знае што уште допрва нè чека – сме ја збореле и ние таа брука, а не сме ја ни виделе.

 

Мајстори за кратки приказни

Иван Цанкар ми вели дека само каменоресците го испекле занаетот на кратките приказни. Тие можат сето она помеѓу раѓањето и смртта да го сведат на една цртичка.

За Енес Халиловиќ рекоа:

Енес Халиловиќ сосема се издвојува на прозната сцена, како можеби и најдобриот млад раскажувач од овие простори во моментов. Кај Енес на фасцинантен начин се спојуваат две крајности. Од едната страна се служи со архаичен јазик преполн со турцизми, но со селимовиќевски-андриќевски тон се отсликуваат современи актери, како гастарбајтери, борци за човекови права или новинари. Таа ориентална позиција, каде светот наместо од кепенците сега смирено се посматра низ излозите на рестораните за брза храна, открива, и во пребрзиот дваесет и први век, источна мудрост и непробојност.
Срѓан Папиќ


Остриот хумор и, истовремено, смислата за трагичност на човечките судбини и нивните апсурди, во најдобрата традиција на бајки и усни приказни, го сочинуваат богатството на оваа книга, Капиларните појави, која ја нуди надарениот раскажувач. Ќе ја прочитате на екс како тежок лек, во првиот миг горчлив, а потоа сладок.
Јовица Аќин


Најголемо изобилие, но и зрелост во обликувањето (формалните својства, јазичниот квалитет) покажува прозата на Енес Халиловиќ. Движејќи се од параболи до анегдоти, наоѓајќи го општочовечкото во локалното, покажувајќи ја сложеноста на животот преку доведување на сосем раздалечени појави и случки во непосредна врска, и слутејќи го неовоземното дури и во оние раскази сосема втемелени во реалноста, Енес Халиловиќ во секој расказ покажува грижливост кон композицијата, и редок талент да се досегне посакуваната строгост.
Јасмина Ахметагиќ


Многу од овие раскази како Шехерезада да ги премолчила во бескрајната Илјада и една ноќ, а некои други како да се ненапишани од страна на Данил Хармс, Семјуел Бекет и Ежен Јонеско.
Мирко Демиќ

 

За авторот

Енес Халиловиќ е роден 1977 година во Нови Пазар. Објавува поезија, проза и драми. Уредник е на книжевното списание СЕНТ и на веб списанието за книжевни интервјуа Eckermann. Ги објавил стихозбирките Srednje slovo (1995), Bludni parip (2000), Listovi na vodi (2007), Pesme iz bolesti i zdravlja (2011), Lomača (izabrane pesme, 2012); збирките раскази Potomci odbijenih prosaca (2004) и Kapilarne pojave (2006); драмите In vivo (2004) и Kemet (2010); и романот Ep o vodi (2012).Повеќекратно е наградуван и преведен на дваесетина јазици.


 
Слики: Matt Duffin
Превод: Лавинија Шувака
Извор: Штитот и праведниците; Друга приказна, 2018
Наслов на изворникот: Kapilarne pojave (2006)

ОкоБоли главаВицФото