Климе и јас, едрилица класа „Кадет“, лето 1968

31.08.2018 23:29
Климе и јас, едрилица класа „Кадет“, лето 1968

Го прашав веднаш, штом седна: - „Што памтиш од тогаш?“ Пушеше само тој од сите нас, запали цигара, одби дим и рече:

- Имав плускавец на деснава рака, ми се направи претходниот ден кога веслав со чунот од Бадала, бевме со него и Жил, а можда беше и Пуле, в езеро, си идавме накај машка плажа од кај камповите од Црвен крст“. Но мора да сум бил и јас со нив помислив, а Климе не ме спомнува, сигурно заборавил, си помислив.

Тој продолжи да зборува: - „Затоа утредента наместо чун зедов едрилица, еден мал „Кадет“ со едно едро, не ми пречеше што имам плускавец на раката бидејќи не морав да веслам, требаше само да го држам кормилото од едрилицата“.

Кафето во меѓувреме дојде и почнавме да сркаме, врзувајќи некои други муабети. А приказната беше следната.
Беше среда, Успение на Пресвета Богородица, значи 28 август, годината беше 1968. Утрото излегов од дома и правец Машка плажа. Ретки беа капачите, крај е на летото а крајот доаѓаше, така меревме, со завршување на Струшките вечери на поезијата. Читаа некни поетите на Мостот и утредента си заминаа. Кај хангарот со едрилици го здогледав Климе, штотуку влегол во „Кадетот“.

– Влегви, ми вели а јас нему, - аре не сум за в езеро, со кондури сум и долги пантоли.
– Нема везе, вели тој, - влегви. Влегов и тргнавме кон второ плитко.
Ветер имаше малку но се засилуваше од север, ништо страшно но пожелно за едрење.
Полека се оддалечувавме од брегот, ветрот го беше напнал едрото и неосетно не носеше навнатре.

– Аре, му велам на Климета, дан не мојме да се вратиме, некако силно задува?
– Уживај, вели тој и крми лево десно но едрилицата веќе го имаше фатено правецот југ.

Се изгуби плажата од видик, се изгуби Хангарот, се изгубија и Кабините. Водата – кобалт, сино-црна. Наеднаш се стемни, некакви црни облаци се надвиснаа над езеро и како од крбли се истури силен студен дожд. Фучеше североисточен ветер, оној кого рибарите го нарекуваат „Вошкар“ и ја носеше едрилицата со голема брзина кон средината на езерото. Додека шибавме на југ ги видовме рибарите како се спуштаат назад кон брегот но тие тоа го можеа бидејќи нивните чунови беа управувани со моторни пенти „Томос 4“. Климе се обидуваше да го собере едрото но не му успеваше, јас стоев вкочанет од студ и се тресев. Удри наеднаш со силен замав ветрот, крена голем бран и ја преврте едрилицата. Се најдовме во студената вода држејќи се за трупот на едрилицата додека наеднаш покрај нас не профучи еден „Кадет“ во кого беа покоен Ристе Црни и Диме Прцо кој пиштеше од страв. Црни беше искусен и успеал да ја задржи едрилицата пловна но отпосле разбравме дека езерото ги исфрлило дури во кампот „Андон Дуков“ кај Охрид.

Стоевме во мраз студената вода и се тресевме, држејќи се цврсто за едрилицата додека студениот дожд непрекинато паѓаше. Не знам што мислев тогаш, но сигурно мислев дека нема да извлечеме жива глава. Имав шеснаесет години, Климе една повеќе од мене.

Додека тоа ни се случуваше, рибарите кај хангарот на Женска плажа веќе беа излегле на брегот и им рекле на луѓето во хангарот да го палат глисерот и да тргаат по нас, превртени се, им рекле, децана од Стефан Прилепчанец и од Кости Дурац. Ќе смрзнат ќе се удават ако не ги собериме. Пробале но глисерот не палел. Го баталиле глисерот и спортските рибари Коле Бадал и Ѓоре Чакар скокнале во нивниот чун, ја запалиле пентата и тргнале назад в езеро. Не најдоа полусмрзнати, легнати на едрилица, ко без душа. Среќа наша што едрилиците не потонуваат. Не повлекоа во кајчето, ја врзаа едрилицата и почнаа да се враќаат назад теглејќи ја. Се вративме најпосле живи и здрави, јас останав без кондури, нови ми беа, мокасини, но кој ти гледа кондури шуќур живи глави извлековме. Во меѓувреме дојде уште еден чун и ја собра и другата превртена едрилица во која се наоѓаше Власе.

Се случи тоа 1968 година на денешен ден Успение на Пресвета Богородица, пред 50 години.

Мајка ми Христина, Бог да ја прости, секоја година на овој празник носеше шише со масло во манастир во Калишта, да гори кандилото пред Богородица, благодарност за нашиот спас. Сега, кога веќе ја нема мајка ми, масло носам јас. Однесов и денес. Отец Стефан служеше литургија, убаво беше, имаше голем народ. Зедовме нафора и си отидовме, се напивме кафе покрај езеро, мирно беше но се собираа од север некој темни облаци. Замираат јаките звуци, сè некако се стишува.

Завршува летото, уште едно.

Фотографија: Архива на Димитрие Дурацовски

ОкоБоли главаВицФото