Марко Погачар награден за најдобра книга во Црна Гора, Србија, Хрватска и БиХ

01.09.2018 00:12
Марко Погачар награден за најдобра книга во Црна Гора, Србија, Хрватска и БиХ

Писателот Марко Погачар е годинашен добитник на книжевната награда „Ристо Ратковиќ“, која се доделува за најдобра книга во Црна Гора, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Наградена е неговата книга „Земја, Земја“.

Во потесен круг за наградата се нашле и книгите на Хаџем Хајдаревиќ, Моника Херцег, Дејан Илиќ и Мирослав Миќановиќ.

„Сите книги што влегоа во потесниот избор се вонсериски, а кога станува збор за Марко Погачар и неговото литературно творештво, неопходно е да се истакне дека се работи за многу богат и дефиниран поетски опус. Тој е еден од најважните книжевници, не само поети, на она што Борис Посинков, хрватскиот теоретичар на книжевноста, го нарекува постјугословенска литература. Погачар негува космополитски дух и преданост кон поезијата, поседувајќи вонсериска јазична вештина и многу длабок филозофски увид што го карактеризира целиот негов опус, а и оваа негова книга“, рече Андреј Николаидис, претседател на жирито.

Наградата на Погачар ќе му биде врачена на 4 септември во Бијело Поље, кога се одржува годинашното издание на Вечерите на поезија. Веднаш потоа, Погачар на 6 септември пристигнува во Скопје на книжевниот фестивал „Друга приказна“.