За чудесната Катица Трајковска Абјаниќ

01.09.2018 11:02
За чудесната Катица Трајковска Абјаниќ

Почина една од најзначајните новинарки во областа на културата, Катица Трајковска Абјаниќ.

Ме потресе веста дека почина драгата Катица Трајковска Абјаниќ. Колку ја сакав таа чудесно блага, префинета, продуховена личност! Колку редок човек, полн со добрина. Колку редок ерудит, со скромност на неискусно дете. Познавач на француската литература, познавач на сета светска култура, но, притоа, тивка и совесна, со дарба за восхит за успесите на другите. Ја видов првпат во аулата на Шумарскиот факултет, каде и двете студиравме на Филозофскиот факултет. Таа романска филологија, јас философија. Ја среќавав постојано во ходниците на факултетот или во градината околу него таа убава, шармантна студентка, секогаш облечена по најновата мода. Со незаборавна блага насмевка, со очи полни со некои тајни светлини. Катица имаше неверојатна харизма. А харизмата значи во христијанското богословие љубов. Таа навистина зрачеше љубов и благост.

Потоа со Горан Стефановски, мојот драг пријател уште од младоста, отидов во некоја барака кај Треска, за да присуствуваме на пробата на Театарот Св.Никита Голтарот. Таму пак го видов тој секогаш благо насмеан, мил лик на Катица. И незаборавниот, восхитувачкиот лик на Слаѓана Милчин, која исто пребрзо нè напушти. Така дознав дека Катица била и даровита артистка. По некоја година таа почна да работи во МРТ, а јас на Филозофскиот факултет.
Години подоцна, откако одамна живеев во Германија, кога ја објавив книгата „Егејци", едно пролетно утро Катица се јави кај моите родители, оти беше дознала дека сум на посета кај нив. Ме покани на едночасовен разговор за мојата книга. Тие емисии се емитуваа на сателитската телевизија. Многумина од новинарите тогаш уште ја игнорираа мојата книга, секој од своја причина. Катица ја беше прочитала многу внимателно, оти ме прашуваше за многу поединости во неа.

Тоа беше најпродуховениот, најсуптилниот и најдлабокоумниот разговор за литературата, за творештвото и за културата што кога и да е сум го водела со новинар во Македонија. Тоа не беше класично интервју. Тоа беше разговор на автор и на вљубеник во книгата, во зборот, во поезијата. Зборувавме за нејзината и мојата љубов за Пруст, за мирисите и за нивната сила да го повикаат изминатото време, за домот и за татковината, за патувањата, за восхитит за Европа, за Паул Кле, за чија снаа, Ефросина Грежова Кле, пишував во едно поглавје во „Егејци". Катица го водеше разговорот со толку суптилност и луцидност, како да читаше невидливо писмо, што ѝ се откриваше мигновено. Тогаш сфатив колку широко е нејзиното образование, колку култивирана е нејзината личност. Катица беше вистинската Парижанка во Скопје, со стил и вкус, со мерка во сите нешта, во говорот, во движењата, во погледите. Тие погледи кои беа полни со љубопитност и срамежливост.

Потоа таа ми откри зошто толку ја трогнала мојата книга. Заради нејзиното детство во Автокоманда, каде таа растела во егејскиот свет. Откривме дека сме оделе во истото основно училиште- „Стив Наумов". Тогаш почнав да се прашувам дали затоа толку ме фасцинираше нејзиниот лик на факултетот, затоа што сум го паметела тој благ насмев, тие секогаш насмеани очи уште од детството, од дворот и од ходниците во училиштето.

Македонската културна јавност изгуби несекојдневна личност - Катица Трајковска Абјаниќ. Таа не беше од гласните, таа не беше од самовљубените интелектуалки. Таа беше од оние тивките, тие исполнетите со спокој во себе, тие со поглед што гледа зад хоризонтот, зад нештата. Колку е сиромашна Македонија без благите, даровити луѓе како Катица, како Огнен Чемерски, како Лиле Дирјан...Тие толку многу не беа од овој свет со нивната дарба на љубовта, што, напати, си велам дека си заминаа пред да настапи времето на омразата и делбите во Македонија. Тие љубеа, твореа и обединуваа. Во моментов кога се збогувам со милата Катица, ѝ благодарам и нејзе, но, и на Огнен, на Лиле, на тие чудесни луѓе, кои само мигновено минаа низ мојот живот, но ми го допреа срцето засекогаш. Почивајте во мир, мили пријатели!