На која боја ѝ припаѓате?

03.09.2018 00:06
На која боја ѝ припаѓате?

Еве една приказна за неочекуваните нијанси кои може да ги има една лажна вест. Имено, на социјалните мрежи во последно време се шири нов навидум наивен, но подол фалсификат.

Можеби веќе сте го гледале впечатливото видео кое ја прикажува таканаречената Галтонова табла (како на сликата), направена од проѕирен плексиглас, низ која се пуштаат топчиња со разни бои. Топчињата се одбиваат од клиновите и потоа влегуваат во садот така што на крајот ќе бидат раздвоени и селектирани според боите.

Снимката можете да ја гледате и на разни јавни и приватни Јутјуб канали. Видеото на прв поглед не е значително поинакво од другите клипови со интересна провокација што ќе ја заборавите откако ќе ја лајкувате.

Меѓутоа, иако делува исклучително убедливо, со реална позадина, лоша светлина и вертикална ориентација, снимката е само – добро монтирана компјутерска симулација.

Инаку, монтажата е дел од серијата слични симулации со боење на топчињата на Галтоновата табла кои се популарни во последниве години од некоја навистина необјаснива причина. Тие се добиваат така што низ Галтоновата табла прво се пропуштаат само бели топчиња, а потоа во зависност од тоа во кој сад упаднале, им се доделува одредена боја па целата симулација се повторува. На крајот изгледа како да постои некаков „ефект на боја“ и дека секое топче однапред „знае“ каде оди.

Снимката веќе неколку месеци може да се види на разни канали каде е дадено објаснување на постапката што ја примениле авторите, но снимката ја виделе само неколку илјади луѓе. Меѓутоа, кога снимката престанала да се споделува како симулација, а со неа било проследено невистинито објаснување дека станува збор за „квантен феномен“, снимката стана глобална и доживеа повеќе од 15 милиони прегледи за исклучително краток рок.

Во описот што луѓето го споделуваат во моментов, несвесни дека е измислен, се вели дека топчињата се распоредуваат по бои заради „осцилацијата на кварцот“ и дека доживуваат „резонанција“ зашто „така функционира Универзумот“, но и дека „истото се случува со луѓето“ кои однапред се предодредени да имаат боја, односно група во која ќе се распоредат.

Може да се посочи дека на сосема сличен начин, зад добро познатите предрасуди, понекогаш само наивни, но повремено и разорни идеи за водата која памти, рамната Земја како плоча, аутизмот предизвикан од вакцините или повисоките или пониските раси, некаде таму, во минатото, пред масовно да се прошират, се криеле слични и навидум наивни обиди кои некој уверливо ги фалсификувал.

Но, благодарение на глобалните мрежи, процесот стана брза и невидлива идеолошка манипулација каква што не била можна во претходните епохи. Еден наивен, впечатлив клип од научна природа и иако неточен, чиј безначаен заклучок за социјалните преференции лесно ќе подели милиони луѓе на своите профили. И така, сосема несвесни дека го прават тоа, ќе ја прошират мрачната идеја – дека постои „природен закон“ заради кој луѓето однапред се поделени на оние што се привилегирани и оние кои не се.

Инаку, Галтоновата табла е речиси два века старо математичко помагало кое се нарекува и машина со грав, кое ја демонстрира таканаречената биномна распределба. Додека паѓаат низ таблата топчињата се одбиваат на една или друга страна од клиновите и бидејќи тие настани се независни и подеднакво веројатни, се распоредуваат според биномна распределба, односно најмногу топчиња на крајот влегуваат во средните садови, а најмалку во страничните.

Ако такви садови и топчиња има навистина многу, кривата на дното ќе почне да наликува на таканеречената нормална, односно Гаусова распределба, која е исклучително распространета во природата и ако таа нешто значи, тогаш тоа е – природна законитост.

Иако бил и заговорник на евгениката, таблата ја направил статистичарот и еволуционист Френсис Галтон (1822-1911) за да демонстрира дека топчињата немаат предодредена дестинација, ниту дека кој било поединечен пат е однапред одреден. Напротив, неговиот став покажува дека топчињата сосема случајно, без да знаат каде одат, без својата боја, во вкупната статистика како група следат една секогаш слична распределба.

Ововековната манипулација со боите на топчињата, во парадоксален обрт, успева да испрати сосема спротивна порака – за патот кој на секого поединечно му е одреден однапред. Пат на кој ги нема шаренилата на можностите, каде на крајот ве чека само – вашиот сад.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото