Почина Томе Буклески - Маќули, истакнат македонски револуционер и државник

03.09.2018 11:20
Почина Томе Буклески - Маќули, истакнат македонски револуционер и државник

Синоќа почина Томе Буклески – Маќули, истакнат македонски револуционер и државник.

Роден е во 1921 година во Кичево, член на Комунистичката партија на Македонија од 1940 година. Од април 1942 до септември 1943 година бил во затвор во Тирана. По излегувањето од затвор веднаш се приклучува во единиците на НОВ, каде што и припаѓал.

Носител е на ,,Патизанска споменица 1941”. По војната обавувал повеќе високи партиски и државни функции: од 29 април 1984 до 26 мај 1985 бил Претседател на Претседателството на Република Македонија. Бил член на Претседателството на ЦК СКМ, сојузен пратеник, претседател на Матицата на иселениците на Македонија...

Погребот е утре на гробиштата во Скопје во 13 часот, а пред тоа телото ќе биде изложено во Капелата од 12 до 13 часот.


*****

Знаеше многу, многу. Животот го беше научил. Ама малку зборуваше – исто така поука од животот. Беше исправен мудрец: никому не му подвикнуваше, но никому не му премолчуваше, онака – кратко- јасно. Беше синоним на чесност и мудрост. Во највистинската смисла на зборот. Севезден читаше, книги што му го привлекуваа вниманието, за кои подоцна се дебатираше. Имаше и дарба за пишување, самиот беше свесен за тоа како што беше свесен дека другите работи добиле приоритет во неговиот живот, Во една прилика, тукуречи срамежливо ми ја подари неговата книга за деновите во Тиранскиот затвор и враќањето во родното Кичево.

Ви велам: беше во тек со се што се случува во Македонија и околу Македонија. Не можеше да изоди толку, ама од срце навиваше за шарената револуција. И фотографијата што ја приложувам е од големиот мајски протестен митинг на Шарената револуција, пред зградата на Владата. Направена е во ладовината кај кафената ,,Кај Маршалот”. Оттука личи да појдеме заедно, рече низ смеа.

Ристо Лазаров

 

ОкоБоли главаВицФото