Ескалација на борбата за шумата Хамбах во Германија

04.09.2018 00:18
Ескалација на борбата за шумата  Хамбах во Германија

Некои од борците за опстанок на шумата Хамбах речиси веќе шест години живеат во неа и се борат за заштита на природата и климата. Постојано им се приклучуваат нови активисти. Најголем дел од нив се млади, но точно знаат што сакаат: чиста иднина за себе и за своите деца. Без уништување на природата. Без „валкана“ енергија добиена од јаглен. Моментно им стигнува поддршка од цела земја. Љубопитни граѓани доаѓаат да ги бараат во шумата, исто како и бројни новинарски екипи.

Но, сега владее само затишје пред бура. Зашто, на Германија во идните недели ѝ се заканува жесток судир околу зачувување на шумата во близина на рудникот Хамбах. Имено, концернот РВЕ е сопственик на тоа подрачје и има намера, под полициска заштита, да ја расчисти шумата за да дојде до залихи од јаглен лигнит, под неа.

Притоа, прашање е дали јагленот ќе може да се искористи за добивање енерегија. РВЕ мафта со дозволи, но активистите за заштита на животната околина тврдат дека количината на емисијата на јаглен диоксид, настаната со негово согорување, би ги загрозила целите од Парискиот договор за климата, што значи шумата напразно би се уништила. Германија, заедно со уште 195 држави, го ратификуваше меѓународно правно-обврзувачкиот Париски договор. Тој предвидува државите-потписнички да ги преземат сите потребни мерки за глобалното затоплување да се ограничи на помалку од два степена, по можност на 1,5 степен Целзиусов.

За Германија да ги оствари поставените цели, сојузната влада основаше Комисија за кафеав јаглен, составена од 31 претставник од областа на науката и индустријата, засегнати граѓани, синдикатите и организации за заштита на природата.

Пет членови од оваа комисија жестоко се противат на планираното расчистување на шумата во подрачјето Хамбах, сметајќи ја за своевидна провокација. „РВЕ запали фитил на непотребна ескалација. Додека политиката и Комисијата за јаглен се обидуваат да организираат социјално и еколошки прифатлив крај на ерата на јаглен, РВЕ сега сака не само да ја потпали климата, туку и општествените судири“, тврди членот на Комисијата, Кај Ниберт, претставник на еколошкото збирно здружение Германски прстен за заштита на околината, ДНР.

Страв од жестоки судири

Неговата колешка, која во Комисијата ги застапува интересите засегнати со вадење јаглен во ова подрачје, исто така го обвинува РВЕ за ескалација на судирите, предизвикана од присилно селење, одземање имот и уништување на шумата. Тоа, вели Антје Гротус, мора да престане заради заштита на луѓето и социјален мир. „Кој сега нема да се потруди да ги спречи планираните иселувања и расчистување, ќе биде соодговорен за тешки потенцијални конфликти.“

Екологистите и граѓаните од Хамбашкиот крај се надеваат дека нивните апели до политичарите на сојузно и локално рамниште ќе вродат со плод и дека ќе се престане со расчистувањето. Тие полагаат големи надежи и во канцеларката Ангела Меркел, надевајќи се дека заштитата на шумата Хамбах е и во нејзин интерес, како и дека со покраинскиот премиер Армин Лашет ќе го одвратат РВЕ од плановите. Додека се расчистува Хамбашката шума, аргументира Кај Ниберт, Комисијата за јаглен не може непречено да продолжи да работи.

Ова мислење го дели и сојузната министерка за заштита на природната средина, Свења Шулце од СПД. И таа бара од РВЕ да се откаже од уништување на шумата додека Комисијата за јаглен не ја заврши својата работа и не ги претстави своите резултати и заклучоци.

Потрага по решение наместо конфронтација

Наспроти овие апели на политичари, граѓани и членови на Комисијата за јаглен, РВЕ продолжува со своите планови за расчистување на шумата и на прашање на Дојче веле се повикува на своето право.

Претседателот на полициската управа во Ахен, Дирк Вајнспах е надлежен за подрачјето на Хамбашката шума и вели дека се случиле веќе првите ескалации, при што се повредени полицајци. Отпорот против расчистувањето на шумата и постоењето преку 60 куќи на дрвјата во неа, него го става пред големи предизвици. „Тоа нема да биде нормална полициска акција“, вели Вајнспах за ДВ. Активистите во шумата пак се жалат на зголемена насилност и демонстрирање нервоза од страна на полицијата. „Овде доживеав тре полициски акции во кои постоеја закани со огнено оружје“, вели Тим, кој веќе пет години живее во куќичка на стебло во шумата. „Дали сме навистина толку опасни? Да мора да доаѓаат полициски чети овде и да ги истеруваат интересите на владата? Постои ли можеби некоја друга можност да се дојде до решение?“

Една друга активистка исто така го оценува за „екстремно насилно“ однесувањето на полицијата. „Последниве денови постојано над нас леташе хеликоптер. Се искачивме на дрвајата, зашто се плашевме дека ќе нѐ уапсат поради тоа што сме овде.“

Активистот Кламси во полициските акции гледа обиди за заплашување: „Се чини, сакаат да создадат клима на страв и да ги заплашат оние кои нѐ пддржуваат.“ Тој стравува од можна ескалација во шумата Хамбах, слична на онаа од 1980. година, кога беше изградена нова писта за полетување во аеродромот Франкфурт (Startbahn 18 West), а во која на крајот имаше и мртви. Но, зголемениот интерес на јавноста и широката поддршка од граѓани истовремено му влеваат оптимизам и верба дека сепак ќе дојде до мирно решение. „Толку луѓе ни доаѓаат овде во шумата, се информираат и самите се активираат. Тоа ни дава сила.“

Притисокот врз политиката, вели тој, е поголем од било кога порано. За тоа придонесуваат и бројните извештаи за планираната сеча на шумата, но и изразито врелото лето со суши и пожари. „Многу луѓе сфатија дека промената на климата стигна и кај нас.“

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото