Загадениот воздух ја намалува интелигенцијата

04.09.2018 00:47
Загадениот воздух ја намалува интелигенцијата

Загадувањето на воздухот предизвикува значително намалување на интелигенцијата, било утврдено во новото истражување, кое укажува дека оштетувањата предизвикани од токсичниот воздух врз општеството се далеку поголеми од добро познатите ефекти врз физичкото здравје.

Истражувањето било спроведено во Кина, но е релевантно за целиот свет, со оглед на тоа што 95 отсто од светското население дише небезбеден воздух. Научниците утврдиле дека високите нивоа на загадување на воздухот довеле до значително полоши резултати на тестовите по мајчин јазик и математика, со просечен ефект еднаков на изгубената година од образованието на ученикот.

„Загадениот воздух може да предизвика секој од учениците да го намали нивото на образование за една година, што е навистина многу", вели Кси Чен, експерт за јавно здравје од Универзитетот Јеил во САД, член на истражувачкиот тим. „Сепак, знаеме дека ефектот е уште полош кај постарите лица, особено оние над 64 годишна возраст, за мажите и за оние со пониско образование. Ако ја пресметаме загубата за овие категории луѓе, таа може да изнесува и неколку години образование".

Претходните истражувања покажаа дека загадувањето на воздухот им штети на когнитивните перформанси кај учениците, но ова е прво што ги испитува луѓето од сите возрасти и различните ефекти кај мажите и жените.

Оштетувањата што доведуваат до намалување на интелигенцијата биле најголеми кај оние на возраст над 64 години. Тие имале сериозни последици, тврди Чен: „Најкритичните финансиски одлуки обично ги носиме во староста". Ребека Даниелс од британската хуманитарна организација за јавно здравје „Medact“, вели: „Наодите од овој извештај се крајно загрижувачки ".

Загадувањето на воздухот предизвикува седум милиони прерани смртни случаи годишно, но штетата за менталните способности на луѓето е помалку позната. Една неодамнешна студија покажа дека токсичниот воздух е поврзан со „екстремно високата смртност" кај лицата со ментални нарушувања, а една претходната студија, ова го поврзува со зголемената ментална болест кај децата, додека друга анализа покажа дека оние кои живеат во близина на големи сообраќајници имаат зголемен ризик за деменција.

Новата студија, објавена во списанието на Националната академија на науките, ги анализира тестовите по јазик и математика спроведени како дел од истражувањата на семејствата во Кина, во кои учествувале околу 20.000 луѓе низ целата земја, помеѓу 2010 и 2014 година. Научниците ги споредиле резултатите од тестовите со записите за загадувањето со азотен диоксид и сулфур диоксид.

Тие откриле дека колку подолго луѓето биле изложени на нечист воздух, толку е поголема штетата за интелигенцијата, при што повеќе страдаат со јазичките способности, отколку математичките, а повеќе се погодени мажите, отколку жените. Истражувачите велат дека ова може да е резултат на различниот начин на функционирање на мозокот кај мажите и жените.

Дерик Хо, од Политехничкиот универзитет во Хонг Конг, изјави дека влијанието на загадувањето на воздухот врз когнитивните способности е важно и дека и неговиот истражувачки тим има слични прелиминарни наоди. „Тоа е затоа што високото ниво на загадување на воздухот потенцијално може да биде поврзано со оксидативен стрес, невроинфламација и невродегенеративни процеси кај луѓето", вели тој.

Според Чен загадувањето на воздухот најверојатно е директна причината за намалувањето на интелигенцијата, таа не е само поврзана со оваа појава. Студијата една година ги следела истите поединци како што варирало загадувањето на воздухот, што значи дека и многу други фактори, како што се генетските разлики биле земени предвид.

Научниците, исто така, го пресметувале постепеното намалување на когнитивните способности кај луѓе на постара возраст, кои имале помалку трпение и биле некооперативни кога загадувањето било поголемо.

Порано, загадувањето на воздухот се сметало дека има само краткотрајно влијание врз интелигенцијата, но Чен објаснува дека тоа би можело да има подолготрајни последици, на пример, за учениците кои треба да полагаат приемни испити во деновите кога загаденоста е поголема.

Не постои пократок пат за решавање на ова прашање, владите навистина треба да преземат конкретни мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Тоа може да биде од корист за човечкиот капитал, што е една од најважните движечки сили на економскиот раст ". Во Кина, загадувањето на воздухот се намалува, но, сè уште е три пати над границите што ги определува Светската здравствена организација (СЗО).

Според СЗО, 20 од најзагадените градови во светот се наоѓаат во земјите во развој. Неколку од тие градови се наоѓаат во Кина, а изминатите неколку години, државата е ангажирана во „војна против загадувањето".

Резултатите од ова истражување ќе се применуваат насекаде низ свет, додава Чен. Штетите врз нивото на интелигенција најверојатно ќе бидат со мали варијации, со зголемување на загадувањето од 1 мг. во текот на три години, што е еквивалентно на губење на повеќе од еден месец од образованието. Познато е дека малите загадувачки честички се особено штетни. „Тоа е истобез разлика каде живееш. Како човечки суштества имаме повеќе заеднички, отколку работи по кои се разликуваме".

Араш Салех, регистратор во респираторната медицина во Велика Британија и дел од кампањата „Доктори против дизел", вели: „Оваа студија додава повеќе загрижувачки докази што покажаа дека изложеноста на загаден воздух може да ја влоши нашата когнитивна функција. Патниот сообраќај е најголем загадувач на воздухот во населените места и владата треба итно да дејствува и да ги отстрани возилата што ги загадуваат нашите патишта ".

Даниелс вели: „Воздухот на Обединетото Кралство незаконски се загадува и секој ден го оштетува здравјето на луѓето. Актуелните политики не се во согласност со обемот на предизвикот: владата мора итно да се посвети да го доведе загадувањето на воздухот под законските ограничувања."

Слики: Paul Kuchynski

Извор: The Guardian