Куси-куси раскази, преглед 14-20 септември

20.09.2010 13:10
Куси-куси раскази, преглед 14-20 септември

Voyager

Профил за лицитација
 
Мојот профил на Facebook има многу убава слика. Таа не е лик со мртва насмевка и празен поглед. Тоа е поглед уловен по една голема кавга, при едно големо помирување. Прекален од премрежјето, премерен од пресметките, заокружен со една спокојна полукружна насмевка. Мојот Wall не е ѕид на плачот преполн со очајни статуси. Тој е ѕид на песната заради сите музички пораки, некои испеани со туѓи усни, некои отсвирени со свои прсти. Мојот профил е еден од ретките дадени за лицитација. Тој е можеби единствениот кој попатно лицитира и душа.
Веќе подолго време нема ниту еден заинтересиран за откуп. Но, јас немам големи амбиции. Се радувам ако заработам макар едно Like за огласот.
 
SMS честитки во стиховни обвивки
 
Тој (за роденден): Внимавај! Годината што изминува на излез сака да те препне, па ти да се сопнеш и осамено да тропнеш. Не грижи се! Во следната ќе те пречекам, на нозе да те дочекам.
 
Таа (долго по роденденот): Во мојава година длабоко загази и предалеку стапна...ај провери да не се цапна.
 
Таа (за Нова година): Нова година нами(г)нува и може весело да минува ако ја повториш кружно таа што изминува.
 
Тој (по Нова година): Оваа година е престапна, за циклуси недостапна.
 
 
Кликер
 
Што би било кога би било
 
Што би било кога говорот на политичарите не би бил подолг од 1200 знаци (заедно со празните места), т.е би се свел на краток расказ? Што би можел политичарот „накратко“ да ни раскаже? Уште ако е условен зборовите „татковина“ и „народ“ да ги примени само трипати, е тогаш навистина ќе забрља.
Кога политичарот би бил писател, работата ќе ја реши многу едноставно: Краток увод, заплет и расплет. Наворечението сами да си го извлечеме.
Што би можел политичарот да заплетка  кога сè е расплетено? Затоа, за да не се сплетка со сопствените зборови, предлагам лимитот уште повеќе да се намали. А бе јасно и гласно (во кратко пакување) нека си кажи што си мисли. Ние ќе го разбереме. Та, сите сме писмени, мајку му.
Затоа, пак, на писателот да му се остави поголем простор да се расплини нашироко и надолго без предрасуди и осуди. Само така ќе нè бива.
 
 
Перун(ика)
 
Инцест
 
Ја силуваше сестра си (вештачки оплодена со сперма од неговиот татко!).
Ги родија Јагнен и Козела. Слепи од измешаната крв на чеда од прво колено.
Близнаците го знаеја решението на загатката од Сфингата.
Но попусто. Бел ден не видоа.
 
Копиле
 
Ја гребеше матката. Изнервиран од сонот. (Не му ни текна дека е прекогнитивен!). Уште в утроба знаеше дека ќе биде пироман.
В сон се виде пеплосан од сообраќајка. Не можеше да протолкува дека ја претскажа татковата смрт.
Таткото умре пред да се роди синот. Кога се роди, не го ни паметеше сонот. Баш како „табула раса“. Како ли го крстија?
 
Кусо Литерево житие
 
Излезе на сцената. Ја размрда публиката. Одржа говор со силна дикција. И божем ненаместено, девојка во црвено му врачи икебана. Си рече: „Колку убаво цвеќе!“
Пак го повикаа. Одглуми нешто од „Хамлет“. Сите окатарзени, тој со малку побогато „CV“. Па и го потапкаа по рамо – дополнителна сатисфакција. Беше презадоволен.
Напиша есеј. Соседите му велеа: „Мрднат си, море, брате Литере!“
Потем поетисуваше нешто. Го прашуваа: „Што ти треба пак сега да леташ во облаци?“
Стаса и да рецензира. Начкрапа некој ред за „Вкусот на праските“. Коментираа, не знаејќи што зборуваат: „Кај најде тој најпаметен да кажува вкусни ли се праските? Божем ние сок од нив не правиме, та вкусот не им го знаеме!“
Тој сите муабети ги слушаше и простуваше.
А тие никако не можеа да сфатат како цел век може да биде среќен без пари. А уште помалку - зошто секогаш добива аплаузи!
 
Непослушност
 
Таа упорно пливаше.
 
Со кого? Со ајкулите.
 
Покорно? Не... Ја изедоа.
 
 
Платон
 
Убавиот град
(еколошки расказ)
 
Утрото срамежливо се буди над пустиот град. Сосема е тивко. Улиците се влажни и чисти од утринското миење. Од мерак за чиститите улици и од желбата да останат такви подолго време, сите чавки од дрвјата, за да не ги посерат улиците, ги ставам во џебовите, а ги пуштам златните рипки од стомакот - нивниот измет не е толку одвратен, а и не гракаат. Градот заличува на огромен аквариум: скалари, ксифофоруси, гупи... сите фаќаат по едно вирче и забревтано дишат. (Впрочем, не знам дали рипките бревтаат?).
Но сега, пак, дрвјата се пусти. Хм. А зоолошката градина? Е, тоа би можело да помогне!
И така, решив да ги заробам кутрите животни. Но во името на убавината на мојот град ги жртвував - ги пуштив во градот. Таква убавина во овој град, одамна немало. Всушност, никогаш.
На високите тополи, крокодили свиваат гнезда, по врбите како лампиони висат којоти, ноеви летаат над крововите, мајмуни јаваат лавови, жирафи ја бодат главата во асфалтот, а по жиците од бандерите волкот ја брка Црвенкапа (не се сеќавам од каде, пак, сега таа се најде тука). Во секој случај градот заличи на вистински пристојно и човечко место за живеење.
Се разбира, се додека не се разбудија моите сограѓани.
 
Агрегатните состојби на душевните расположби
 
Еден по полноќ е. Се подготвува да врне (во јануари веројатно снег). Јас се подготвувам да пишувам. Затоа и посакувам дожд наместо снег. Поубаво се размислува и пишува на дожд – на ситен, тивок, и меланхоличен дожд, измачувачки спокоен дожд по полноќ. Ете, тоа може да породи стих. Таков дожд може да доболи. Таков тегобен дожд и ми треба во мигов.
Но овој пат ме измами, изгледа поемата ќе заврши и пред да почне – надвор снежи.
Крупни, бисерно бели снегулки танцуваат на мојата дланка. Преубаво е. Магично, бајковидно. Просто волшебно. О Боже, колку е убаво.
Белината на снегот во мојата душа. Во другата соба, син ми кротко спие - ете каде белината живее.
 
Децата се секогаш во право
 
Силно го тегнам синот за раката да го оттргнам од вирот вода пред нас: „Бегај од ѓолот, ќе се извалкаш!“
„Не е ѓол тато, небо е“ – одговара тоа со восхит.
Го оставам да гази врз парчето небо послано врз асфалтот, смислувајќи изговори пред сопругата – како ќе и’ ги објаснам извалканите панталони.
 
 
Ле Пиаф
 
Полжав!!!

Вчера сонив полжав, не личеше на полжав, личеше на желка, но беше полжав. Полжавот ми зборуваше, и не знам од која причина многу ме нервираше и го згмечив... и кога се освестив дека умре полжавот... ми дојде  нагон на тага спрема полжавот,  плачев во сонот, плачев ко да изгубив најдобар другар. И ете, сега цел ден мислам на мртвиот полжав од сонот... и зошто го згмечив се прашувам... кога ми беше најдобриот другар што некогаш сум го имала...

 
Позитив индид!

-Не грижи се!!!... Сè  ќе помине!!... Биди весел!!! Позитивноста е сè во животот!!! Ќе најдеш друга девојка. Пушти ја неа ...кучка е!!! Не грижи се!!! Смеј се почесто, здраво е!!! Сè ќе си дојде на свое место!!! Не грижи се!!!
Сè во свое време, не грижи се!!!Ќе има друга работа, животот е пред тебе!!! Сакај го животот, не грижи се! Не ти требаат пари да бидеш среќен!! Не грижи се!!

Му пoминуaa овие реченици низ ум ...додека  стоеше испрскан од крв,  во сред масакарот што го направи самиот тој!!!

Биди позитивен.

 

John Smith

 
Макондонија

 

„. . . осмото чудо на мудрите алхемичари од Македонија“.
                                            Г. Г. Маркес, „Сто години самотија
 
Некогашната слава и убавина . . .
 
 

„Сѐ се распаѓа“.                                         „Шчо напраифме?“

 
Самотијата на Макондо . . . самотијата на Македонија.
 
Макондонија.
 
19 години самотија.
 
Имаме уште време до крајот.
 
Или нас ветрот ќе нѐ збрише поскоро?
 
 

Genes-is-eschatos

 
За момент помисли на покајание. Неизбежно беше, макар што, дали покајанието воопшто имаше смисла за неверник како него и не е многу важно веќе. И да беше верник немаше да биде важно. Фактот беше: тоа утро се слушна тресок. Не беше обичен тресок, тропот. Ова беше Голем тресок. И би светлина. И сето тоа заврши во дел од секундата. И почувствува неописива леснотија... И за момент се најде како лебди.

Клучен момент непосредно по Големиот тресок беше освестувањето. Помисли на жената и децата. Дури тогаш помисли на покајание, само тогаш. Зашто за него е с(ѐ)едно. Си ја премотуваше лентата во глава, онаа што му остана. Мирисот на плин, долгото утринското кафе со првата утринска програма на телевизија, долгата репортажа за сѐ помалата заинтересираност за религијата како резултат на модернизмот. Па првата утринска цигара. Усвитено жарче. „Пушењето е штетно по здравјето“. Какви глупости.
 
Се случи Голем тресок тоа утро.
 
Биг Бенг во
микро—
макро—
космосот
.
Јајцето или кокошката?
.
Крајчеток?

Теодор Корпс 
 
Мајка (кога зборот "Љубов е излишен)
 
Пази! Јади! Оди! Мило! Царски! Легни! Дремни! Испиј! Рез! Види! Тепихот! Биди! Супа! Гази! Добар! Дојди!
Пешачки! Подрани! Млеко! Тргни! Сарми! Ми се! Никој! Како! Душо! Јас! Тебе! Синко! Мој! 
 
 
 
Ѓоко Бушавиот
 
Смрт во Венеција
(сликички од кинотеката)
 
Кога заврши, двајца веќе висеа. Еден во првиот ред, друг неколку реда пред мене.
Беше сомнително уште пред крајот. Како нешто да се нишаше во темнината.
Лево-десно. Напред-назад.
А, можеа да излезат на цигара.
Утредента, јас поднесов барање до МПЦ да ме прогласат за великомаченик, а тој што седеше до мене чекаше пред Амбасадата на Италија.
Беше решен да го бара под дрво и под камен. Беше решен да си ги одмазди трите часа попусто потрошен човечки живот.
Само што, тој не знаеше дека Висконти веќе одамна е мртов.
Како што Висконти не знаеше дека е одговорен за двајцата што таа вечер висеа во киносалата.
Лево-десно. Напред-назад.
 
 
Кловнови
(сликички од кинотеката)
 
Не смеат веќе да ги продаваат сите карти! Човек станува клаустрофобичен.
До мене седат луѓе. И одлево и оддесно. Пред мене исто така. Зад мене – исто.
Не смеам да се навалам напред. Девојката пред мене ќе помисли дека сум манијак што и’ дише во вратот.
Имам огромна афро-фризура – морам да се вовлечам во столчето за тие зад мене да можат да гледаат.
Џемперот го носам на голо, без синдикалка. Ме боцка! Топло ми е!
Малку полево од мене еден тип ’рчи.
На екранот има безброј хиперактивни кловнови. Погребуваат еден штотуку умрен кловн – и се смеат.
Се мрднаа.
Се мрднав и јас.
Ќе мора да го гледам и „Амаркорд“.
 
Хармс во Скопје
 
Семјон Семјонович си стоеше на својата мала тераса и гледаше во небото. Одеднаш, од нигде-никаде му дојде да плукне. И плукна.

Плуканката погоди еден случаен минувач по ќелавата глава. Минувачот најпрво сочно го испцу Семјон Семјонович, а потоа го пријави случајот во полиција.

Полицијата го уапси Семјон Семјонович.

Додека Семјон Семјонович беше во притвор, се покажа дека неговата плунка содржела во себе некој смртоносен вирус, кој веднаш ја нападнал кожата на случајниот минувач и тој умре по кратко боледување.

Поротата го осуди Семјон Семјонович на смртна казна.

На судниот ден, кога дојде мигот Семјон Семјонович да ги каже своите последни зборови, тој погледна во небото и рече: „Што ми требаше!?“
 
 
Galadriel Gamgee
 
Си беше...

…еднаш во еден голем град, во еден голем свет, еден многу мал човек. Беше многу мал, апсолутно во сè: мали раце, мали нозе, мала глава, мало тело, мала душа, едноставно, мал. Еден ден, тој мал човек посака да е голем, ама многу голем.
Тој можеше да тропне само на една врата. Тоа е вратата на која тропа секој оној кој сака да биде некој друг. Така, тој влезе како мал човек, се врати како голем човек. Но, тогаш целиот град се промени, целиот свет стана премал за него. После извесно време, тој посака повторно да е мал. Отиде тој кај вратата. Но, вратата веќе не постоеше, беше таа изгубена во минијатурниот свет, на тој голем човек.
 
Повеќе не...
 
Татко и’ алкохоличар, мајка и’ работничка, сестра и’ веќе одамна замината во потрага по некое место, подобро од дома...
Таа седи во својата голема, но полупразна соба и чита. Го чита Иго, го чита Достоевски, го чита Ман, го чита Гете...
Рацин, Андреевски, Чинго, Тодоровски...
Се запишува на книжевност и во истата таа полупразна соба ги чита: Матош, Станковиќ, Дис, Миљковиќ, Борхес, Џојс, Киш, Павиќ...
Маџунков, Андоновски, Михаловски, Стефановски, Дурацовски, Прокопиев, Ќорвезироска, Смилевски...
Татко и’ веќе не пие, сестра и’ редовно ја зголемува нејзината финасиската книшка, мајка и’ е среќна. Собата веќе не е полупразна, таа е преполна со книги, тоа е сѐ што сакаше.
Таа повеќе не чита.
 
 Антологија на болката
 
Колку ли лудо ве сакам во болката! Па ако поминете утре со наведната глава немо покрај мене, божествена жено, знајте само: посилно одошто змијата кога сипе отров и со Болка, подлабока од мојот гроб- ве поздравува срцето што страда по вас..., вели Рацин во неговата Антологија на болката, па се сети Ленка, кога и таа сакаше вака, кога сакаше до болка... кога сакаше да сака така...
Беше тоа време на болка, но најпосле го надмина и ете реши да сака, ДА, но никогаш повеќе до болка. Ленка, почувствува дека нема да може повторно да мине низ сета таа љубов. НЕ, рече Ленка и така мислеше дека е ... но ете, не беше... ќе рече таа подоцна.
 
 
Афени
 
Надеж
 
Сакам да ги спакувам своите чувства во еден голем куфер и да отпатувам. Ќе изберам некоја далечна дестинација, со милион префрлања.
Се надевам дека ќе ми го изгубат багажот...
 
 
NuTella
 
Будење
 
Тишината се вознемируваше од капките што капеа во преполниот умивалник. Звукот ја параше собата в долж и се одбиваше од мртвите ѕидови. Полека почнав да се будам. Низ закржлавените трепки го погледнав своето голо тело. О Боже! Па јас имам гради!! И женски полов орган! Како е можно тоа? Во паника истрчав пред огледалото. Да,вистина е, не сонувам! Гола сум и цела жена, а заспав како маж. Збунет и помалку исплашен се вртев околу себе во собата. Соседите од спротива злобно и љубопитно ме зјапаа. Немав со што да се сокријам од нивните погледи. Не можев ни да ги испцујам да си ја гледаат нивната работа, зашто јазикот ми беше заплеткан. Тогаш посегнав по една книга што тромо лежеше на масата. Почнав да ја читам и светот околу мене испари…
 
Вистината
 
Не верувам во Господ и не одам во црква. Пороците се моја религија. Пушам, пијам и повремено земам дрога. Денот не ми почнува без жолта а не ми минува без виски. Понекогаш пијам до бесвест. Од сокаци ме подигаат пријатели, странци, скитници. Кога низ џебот ми се вртат пари земам квалитетна дрога, ама најчесто сум шворц, обвиен во чадот на џоинтот. Го сакам звукот што го слушам во главава кога мозочните ќелии ми пукаат во безгрижност. Неколкупати ме фатиле на крадење, пијалаци, кондоми, слатки за комшивчињата. Сум преспивал во затвори заради физичко насилство врз курви. А ги сакам курвите, особено дебелите, со влакна. Луѓето почнаа да реагираат непријателски на мојата негативна енергија. Затоа најдов начин истата да ја исфрлам од себеси, целосно акумулирана. Затоа почнав да пишувам. Не заради слава, не заради пари. Не заради тоа...
 
 
Ви.За.
 
Променливост
 
Времето ова утро е врнежливо, напладне ќе биде сончево, а навечер ќе паѓа снег. Утре наутро ќе биде сончево, па ќе врне, а навечер и ноќе ќе биде ведро и студено. Задутре, наутро ќе паѓа снег. Сонцето ќе се покаже точно напладне, а ќе заврне лапавица навечер. За три дена ќе биде студено, но за четири ќе биде повторно топло. За три месеци ќе биде многу студено, а за шест повторно топло. Дали времето ќе се промени некогаш?
 
Подредување

Мажи и жени. Татковци и педери. Мајки и лезбијки. Бели и црни. Добри и лоши. Слаби и дебели. Фини и грозни. Облечени и голи. Богати и сиромашни. Убави и грди. Пријатели и непријатели. Предавници и спасители. Мили и немили. Паметни и глупави. Пропорционални и непропорционални. Совршени и несовршени. Големи и мали. Високи и ниски. Наши и ваши. Вакви и такви.
 
*   *   *
 
- Господине, дали сте во листата на убавите или во листата на грдите статисти? - Не знам. Никој не ми кажал дека треба да ја измериме убавината! Дали е тоа неопходно? - Чекајте, морам да ви го измерам степенот на убавина!
 
 
 
Габриела Стојаноска-Станоеска
 
Сочувство
 
Цели две недели се подгрбавив од работа пред компјутер, на работа, па дома до два по полноќ и после од осум исто. Материјалите се веќе задоцнети, главата не знам кај ми е, а ми чади, ги тријам очите што се лепат за да гледаат поубаво, ја визуелизирам инспекцијата што ми дише во врат и време немам ни за да ја јадам. Свекрва ми постојано поминува низ соба кон кујната и купатилото по свои работи. Зад мојот грб носи садови, лонци, продукти од фрижидерот или вангла со испрани алишта. Чисто од култура одвреме-навреме се подзавртувам колку да и’ кажам некако без зборови дека не и’ вртам намерно грб и дека сум тука во нејзиниот свет колку и да не изгледа така. И пак за да го разбијам молчењето и со вина неоправдана и за самата себеси, се пожалувам масирајќи се со левата рака по десната плешка: „Се укочив од седење во иста позиција, ме боли грбов и овде под градиве кај што се превиткувам, а вениве ќе ми попуштат в крај...“
- О, сè ме боли, сета снага, од теписите што ги перев надвор, цела недела еден по еден, и од оревот што го беревме со свекор ти, а не сме млади, толку ни е силата...
И продолжува, а јас го вртам грбот, овој пат намерно.  
 
 
Избор
 
- И? Како новиот? – заусти несигурно големиот Џими откако нежно ја затвори зад себе вратата и го вклучи светлото во спалната. Пет минути претходно Роберто демонстративно ја напушти неговата работна соба.
- Што сакаш ти од мене?! – згрме ураганот Роберто отскривајќи се од јорганот со кој беше покриен преку глава. Не знам зошто се уште живееш со мене? Солзите во неговите крвави очи на Џими му се видоа како изгубени странци на територијата на ѓаволски побеснетото лице.
- Доста ме понижуваш! Пијам, пцујам, ждригам, безнадежно сум очаен и глуп, не ми се дига, млако цицам кур... Заврши еднаш со мене. Ме има во секој расказ од твоите ебени збирки...
- Нормално, кога си дел од мене. Ти си ми единствена инспирација, како не разбираш?
- Како ти не гледаш дека твоите приказни воопшто не се модерни... Цел свет се ебе в газ, чудно ми чудо! Мизерни се, здодевни! Пишувај нешто друго!
- Тоа значи дека животот ми е мизерен. Направи го поинтересен и ќе читаш подобро! Не можам да измислувам бајки! Тоа е реалноста. Луѓето сакаат да читаат вистинити приказни, тажни како нивната.
- Така ќе те усрамам и понижам, да имаш материјал за цел роман.
- Да не имаш друг?
- Пишувај, ќе видиш - го изгасна светлото.
 
 
Зоран Бејковски
 
Лемон Гудчер
 
Лемон Гудчер знае мандарински, го наследи од неговата баба, исто како и заебаните бразилски гени. Лемон Гудчер навидум е прекрасен, го нема она грубо долгунесто лице, мазен е и топчест и сочни зборови му течат. Скоро сите жени го засакаа, се палат на метросексуалци. Останаа некои старици што сами месат торти и колачи и ги претпочитаат мажествените миризливи лица со тврда кожа (кора). Да, Гудчер мирисаше слично на останатите, но неговиот мирис не знаеше да продре. Од завист се скара и со г. Бибер, и веќе не го викаше на вечера. Неговото младо лице остана ладно и преполовено уште долго време, а избраздените другари му беа мртви. Не можеше да сврши, во неговите препони немаше семе, можеби и затоа го сакаа новите модерни жени.

 
 
Добрин Коцев
 
Војни
 
Велат војните се проколнати од мајките. За нив не постои победа или пораз - надмоќ. Клекнати со солзи во очите, молејќи се тивко изговарајќи го името, ја колнат и монетата зашто има само две лица. Зошто само може да дојде или не!!!
Грмежот-трепет, кошмарот-предзнак, секундата-вечност. И никогаш  пред тоа остриот предмет не потсеќал на куршум. Колку само спомениците на жртвите на човечка глупост од која сите се срамеа, наредени, бездушни сведоци во паркот и и’изгледаа мрачни и тажни. И како во секој од нив да го гледаше ликот на сопствениот син. Понекогаш и разговараше со  нив. А хероите ја замислуваа слободата како разиграни птици во лет, а сега нивните бронзени карикатури страдаа од нив, од слободата на птиците. Беше нечиј син, гордост, а сега е само изгниен крст, меѓу поле од еднакви на него, геометриски распоредени, стари религиозни симболи на едно демонско општество. Зошто, никој не знае!   

Voyager e свеж, не многу

Voyager e свеж, не многу длабок, но свеж. Габриела продолжува да изненадува, а и Platon не е лош, така лирски, убав, детски...

Galadriel Gamgee не е лошо,

Galadriel Gamgee не е лошо, не е лошо. Бејковски дај уште еден-два да оцениме подобро, исто и ти Афени. Габриела вториот не ти е лош. Платон добар си бе, нов си?

 Klovnovi...

 Klovnovi...

Традициијата продолжува. Ете

Традициијата продолжува. Ете сега Амаркорд. Мора да барам по интернет за да дознаам што е тоа. Инаку текстовите со мајки и деца се понатаму во тренд како што гледам. ај доследниот пат.
 
стојче

Ех, Стојче, Стојче. Пуста

Ех, Стојче, Стојче. Пуста интермедијалност!

Bolkonski sto znaci toa pusta

Bolkonski sto znaci toa pusta intermedijalnost? Proiznesi se:)
Pozdrav
(ima problrm so prakanjeto komentari)

 Gavriela,Nutella,Platon i

 Gavriela,Nutella,Platon i Voyager...

 Gavriela,Nutella,Platon i

 Gavriela,Nutella,Platon i Voyager..e sto so niv?

Јас лично оваа недела сум

Јас лично оваа недела сум задоволна. И насмеана. Voyager внесе една така свежа свежина што просто срце ми наполни...  И Афени е за пофалба. Кратко, како кутииче, но убаво спакувано, со ефективна црвена панделка. За Ѓоко немам коментар... Уште една пофалба на негова сметка ако удрам  ќе речете потајно сум вљубена во него : P Кој друг требаше да споменам? Перун(ика). Ептееееен добар. Знае што сака да каже и најважно, знае како тоа да го каже.

Ѓоко куќо стара? Ко ти је тај

Ѓоко куќо стара? Ко ти је тај армагадур? Шта је то? Ја се неслажем са госпоѓицом маријаном! Мени је ѓоко неразумљив!

А што е ова Семјон

А што е ова Семјон Семјонович? Од Злосторство и казна или од некое друго дело? Па дај немојте вака енимги ми стварате! поздрав
Стојче

Има шмек Ѓоко. А Семјон

Има шмек Ѓоко. А Семјон Семјонович, како семантичко полно име, може, но и не мора, да потсетува на Злосторство и казна. Според мене, тоа е ставено за да се долови нота на руска реалност. Ви текнува ли на оној прославен расказ од средно со човекот кој носи грижа на совест, и што умира од таа грижа на совест, само затоа што се искивал врз ќелавата глава на генералот? Тоа е таа сензитивна ироничност на прикажување во крупен план делови од човековиот живот што вообичаено остануваат во позадина. Да не беше устоличен абјектот како категорија, тикви со расол што ќе ја славевме плунката како причина за расказ.

Од Чехов беше, така?

Од Чехов беше, така?

Брао, луѓе! Брао, автори!

Брао, луѓе! Брао, автори! Ретко ги отворам расказиве, но мошне пријатно сум изненаден! Речиси нема лоши раскази! Памтам, порано (уште во времето на Електролит), ко да беше обратно: имаше доста просечни и лоши раскази, и тук-таму понекој посебен... Сега како просекот драстично да е подигнат:)
Мои фаворити (малку ми е маниристички изборов, „постмодернистички“, борхесовски можеби, што е малку анахроно - сега е време на жестоки реализми - но нек има некој да ги пофали и анахронизмите, не?:):
Перун(ика) - супер збор е „окатарзени“ (нешто ко ококорени+окозени асасини/хашишари:)
John Smith - супер зборови се Макондонија и Крајчеток (чиста постмодерна: макро космос во микро рерна:)
Galadriel Gamgee - ради фините референци и чудниот (книшки, ама ништо послаб:) бол

Јагњен Козела. Тако бре

Јагњен Козела. Тако бре буразеру. Да се мало диче људе!
Иначе и мени се свиѓа Макондонија! Ја ќу похвалити све приче.  Просек се побољшао:) 

Поздрав од Скопје:)

Србољуб

Перун(ика)!

Перун(ика)!

Браво за Афени (Надеж),

Браво за Афени (Надеж), Galadriel Gamgee (Повеќе не...), Ѓоко Бушавиот (секогаш е добар), John Smith (Макондонија), Платон (Децата се секогаш во право), Перун(ика) – ново име кое ветува... Иако и останатите се горе-долу на пристојно ниво (со неколку навистина лоши исклучоци кои нема да ги наведам за да не ги обесхрабрам). Редовно го следам конкурсов и ме радува подобрувањето на квалитетот – ова е доказ дека во земјава има луѓе кои знаат да пишуваат. Само им требаше медиум преку кој ќе се искажат и ќе допрат до поширокиот круг на читатели. Се надевам дека конкурсот нема да заврши само со вториот дел, туку дека Окнашите ќе најдат начин и сили да го продолжат. Поздрав.

Критичар, царе, логиката

Критичар, царе, логиката вели-ако тие што си ги спомнал како добри, тоагаш оние што остануваат, а не си ги спомнал,  всушност се лоши! Така што ти и без да ги спомнеш ги спомна!

Platone super! osobeno

Platone super! osobeno agregatnite sostojbi...Vo ekoloskiot raskaz isfrli ja poslednata recenica...sfativme i pred nea deka taka gradot stanal COVECKO mesto za ziveenje...

Ми се допаѓа начинот на

Ми се допаѓа начинот на којшто Нутела го објаснува во една реченица„пукањето на мозочните келии во безгрижност“,доста моќно

Одлични

Одлични расказчиња...Сите...со малкумина како исклучок!

Овојпат мојот коментар ќе

Овојпат мојот коментар ќе биде составен од најубавите реченици од овие раскази: Од Воајажер:“... тоа е поглед уловен по една голема кавга, при едно големо помирување...“Од Убавиот град-сите реченици без претпоследната. „Од агрегатните состојби...“- (во јануари сигурно снег) и Во другата соба син ми спие кротко спие - ете каде белината живее. И Децата се секогаш во право цел. Платон навистина ми се допаѓаш! Од Џон Смит - крајчетокот. Од „Хармс“ -Што ми требаше?. Од Повеќе не... списокот автори, и другите два раскази не и се лоши, веќе имам кажано дека ми се допаѓа нејзиниот стил. Милионите префрлања на Афени... Од ВиЗа „Дали времето ќе се промени некогаш?“И ВиЗа тој расказ ти е подобар од другите два. Од Лемон Гудчер првата реченица и последната реченица„Лемон Гучер знае мандарински, го наследи од неговата баба, исто како и заебаните бразилски гени. Не можеше да сврши, во неговите препони немаше семе, можеби затоа го сакаа новите модерни жени. Зоран еве ти најкратка кратка верзија на твојот расказ кој и вака би бил исто силен и впечатлив, плус имаа и рима меѓу последните зборови од двете реченици. :) Толку засега. Поздрав!

Каде е Анонимна со нејзините

Каде е Анонимна со нејзините конструктивни коментари? Недостасуваат...

 

А каде е твојот конструктивен

А каде е твојот конструктивен коментар М. ?

Почитуван/а ЧКЉ, не сум

Почитуван/а ЧКЉ, не сум компетентен за коментирање на раскази, колку што можам да разберам, според мене, најисклучителни беа коментарите на Анонимна која коментираше на расказите од минатата недела. Неделава не можам да ја препознаам, затоа ја барам. :)
 

ОкоБоли главаВицФото