Авант поп бендот EPP на „Друга приказна“

04.09.2018 23:24
Авант поп бендот EPP на „Друга приказна“

На 6 септември, во четврток, на првиот ден на фестивалот „Друга приказна“ ќе настапи белградското дуо EPP: Кејти Возњицки (која исто така стои зад музичките проекти Amanita Dodola и Kopy Kat) и Владимир Николиќ. Тие ја опишуваат својата музика како рекламна музика која не продава ништо (освен можеби туризам без граници).

EPP, имено, прават електронски џинглови по шаблон на рекламни материјали, користејќи само аналоген синтисајзер, семплер и ритам машина. Ваквиот минимален склоп на (електронски) инструменти придонесува за крајно минималниот звук, во кој се издвојува „дронот“ на електронски музички фрази, без обид да се вклопат во похармонично музичко дело, туку, напротив, да ја истакнат својата важност и дречливост, токму како реклама.

Меѓутоа, рекламите на E-P-P се цинични во своето изобилие, навраќајќи се на ‘lo-fi’ гаражната естетика изникната од инди движењата на доцните 80-ти и раните 90-ти, каде што пред сè изборот на опрема (аналогна или друга) го дефинира обликот на звукот, наспроти денешниот дигитален продуцент кој може да натрупа 20 синтетизирани траки во својот DAW.

Слично на vaporwave жанрот, музиката нуди една сатирично изопачена слика на денешното општество осветлено со неонки, во кое „детски“, невини и заразни мелодии се прикажуваат низ дисторзираната призма на невротичниот homo consumens, каде што шарениот ред и блескот на конзумеризмот се претвора во весел хаос и апсурд.

Сепак за разлика од vaporwave-от кој носталгично алудира на поп-културата од 80-те, музиката на EPP повеќе потсетува на минималистичка, соголена форма на авант-попот од 90-тите и раниот 21 век – на бендови како Stereolab, Broadcast, Monade – ова повеќе се истакнува и преку наизменичните женски и машки вокали кои како да се натпреваруваат во својата ноншалантност и безнапорност, а на моменти се судираат во комична дисхармонија.

Бендот има две изданија – TO JE SAMO REKLAMA (2013) и Turizam Bez Granica (2018) – кои може да ги чуете на нивниот Bandcamp.

https://eppepp.bandcamp.com/

 

ОкоБоли главаВицФото