Можност за Нови Сад и Белград

05.09.2018 00:58
Можност за Нови Сад и Белград

КЦ Град

Независната сцена одигра важна улога во отворањето на Србија кон Европа, особено на почетокот на 2000-те. До самоорганизирање на „независните“ дојде во 2011 година, кога Културниот фронт и независната уметничка асоцијација Ремонт ја основаа Независната културна сцена на Србија (НКСС). Денес, НКСС има околу деведесет членови.

Културен фронт, еден од основачите на НКСС, е здружение на граѓани кое од 2000 година се занимава со програми за современата уметност, дизајн, културна политика, книжевност и меѓународна соработка. Во 2009 година го отвори Европскиот центар за култура и дебата Град (попознат како КЦ Град) како независна културна институција од 2009 година. „Отворањето на КЦ Град се случи во еден специфичен момент кога во Србија се појавија многу независни здруженија“, вели Дејан Убовиќ, основач и директор на Културен фронт. Основната идеја на КЦ Град е отвореност за различни видови содржини, копродукциски проекти, маргини, малцинства и иновативни содржини. Годишно се реализираат помеѓу 450 и 500 програми, во просек две до три дневно.

КЦ Град

Меѓутоа, на почетокот, вели Дејан Убовиќ „имавме чувство дека работиме многу, а правиме мали поместувања“. Објаснува дека досега имало позитивни поместувања, но тие биле мали. „Независната сцена имаше свои претставници во Министерството за култура пред неколку години, имавме добра комуникација, но ситуацијата во моментов е далеку од сјајна. Културата е широко поле, а би било добро кога повеќе би соработувале актерите на јавната и независната сцена. Јавната сцена има моќ, власт и пари; независната сцена има идеи, борбеност и добра поврзаност со странство. Ако работиме заедно ќе стане помалку важно тоа што сме поинакви од другите“, истакнува Убовиќ.

Исто така, уметниците имаа потреба за поголемо поврзување со странтво, а во јавниот сектор за тоа немаше многу прилики. Кога КЦ Град стана дел од европската мрежа Soul for Europe, се појави можност независните институции сами да водат еден вид културна дипломатија со цел да ги претстават Белград и Србија во најдобро светло. „Ми се чини дека јавните институции сè уште не се доволно отворени за таков вид соработка, јавниот сектор е затворен круг. Европската престолнина на културата секако е можност да се променат овие нешта.“

Установите на културата се затворени за уметниците и отворени се за специфичен вид програми, оценува Убовиќ. Затоа, особено им е тешко на младите творци да продрат во тие структури. „Мислам дека проектот Европска престолнина на културата е одлична можност тоа да се промени. Забележувам дека публиката, барем публиката во КЦ Град, ги препознава напорите кои независната сцена ги вложува во креирањето на програмите. Мислам дека државата секако би требало да го препознае тој труд“, истакнува тој.

Дејан Убовиќ

Убовиќ смета дека Европските престолнини на културата во старт треба да се откажат од тоа како цел и да ја гледаат како средство за да се унапредат старите и да се воспостават нови врски, како помеѓу јавниот и независниот сектор така и помеѓу Белград и Нови Сад. „Сега е момент да се постават цели како ја замислуваме 2025 година – што е она што сакаме да се изгради, да се воспостави и да се промени и како титулата Европска престолнина на културата може да придонесе за овој процес. Преку титулата културна престолнина можно е да се анимираат голем број луѓе и сметам дека ова е исклучителна можност Белград и Нови Сад да соработуваат и да го надминат ривалитетот. Исто така и да се поврзат со градовите во регионот, како што е Темишвар – кој, како Нови Сад и Елефсина во Грција, исто така е Европска престолнина на културата 2021 – и на тој начин да се направи база за долгорочна соработка. Сега е момент да размислуваме за доброто на сите. Кога би размислувале за публиката како најзначаен фактор, мислам дека би успеале да најдеме заеднички јазик во многу аспекти на работата во културата. Европската престолнина на културата 2021 ја гледам како можност навистина да се случи позитивна промена и однапред се радувам за тоа.

Извор: Време

ОкоБоли главаВицФото