Зошто ќе гласам на референдумот и зошто ќе гласам позитивно на поставеното прашање?

05.09.2018 01:37
Зошто ќе гласам на референдумот и зошто ќе гласам позитивно на поставеното прашање?

Јас нема да го бојкотирам референдумот затоа што тој претставува начин мојот глас да се слушне и да има влијание. Затоа што референдумот претставува највисок облик на непосредна партиципација на граѓаните во остварувањето на власта. Затоа што референдумот ја ограничува самоволната власт. Затоа што е тој алатка на демократијата која била со крв извојувана.

Јас ќе излезам да гласам на референдумот затоа што мојот глас е важен, затоа што имам мислење за поставеното прашање и затоа што имам став за поставеното прашање кој сакам да го кажам.

Јас ќе гласам позитивно на поставеното прашање на референдумот од две причини.

Прво, мислам дека договорот со Грција е сам по себе добар договор затоа што овозможува да мрднеме од мртвата точка на која сме заглавени веќе четврт век, затоа што е балансиран и компромисен, и, затоа што е правно издржан. Јас би гласала за и на референдум на кој би се поставило многу поедноставно прашање: дали сте за склучениот договор со Република Грција? Тоа што опозицијата (и во двете држави), која не успеа да смени ништо во изминатиот период, на еднаков начин се спротивставува на договорот, употребува истоветна реторика во неговото негирање и на многу сличен начин ги поттикнува граѓаните на својата држава да го мразат другиот, претставува само уште еден доказ дека договорот е навистина компромисен.

Второ, позитивниот исход на референдумот, според мене ќе претставува подотворена врата за промена. Промена на условите за развој, промена на вреднувањето, промена на општата клима во државата. Јас лично не очекувам дека нешто одеднаш и преку ноќ ќе стане поинакво во државата. Не очекувам било која партија која ќе дојде на власт толку лесно да се откаже од облекувањето на удобните, добро разгазени чевли на претходникот. Не очекувам да потечат мед и млеко, не очекувам да скокнат платите, не очекувам да се исчисти воздухот или пак да се намали невработеноста. Меѓутоа, очекувам, постепено ограничување на партиското самоволие, очекувам се потешко облекување на оние претходно спомнатите добро разгазени чевли на претходникот, очекувам поставување на темелите на владеењето на правото, правила и процедури кои ќе ги штитат граѓаните од моќниците, зачеток на социјалната матрица во која никогаш (ни во зимо ни во лето) некој не смее да остане без струја и вода затоа што нема средства да го подмири долгот кон давателите на услуги.

За мене, позитивниот исход од референдумот е можност да влеземе во таква фаза од развојот во која кога ќе му биде поставено прашање на градоначалникот зошто на распишаниот тендер на ЈСП-Скопје била избрана фирма која постои само седум дена, тој нема да ми каже дека сѐ е според закон и дека претходната власт ваков тендер дала на депилаторка (по принципот „удобни, разгазени чевли на претходникот“). Ќе влеземе во таква фаза од развојот во која едноставно нема да биде возможно на ваков тендер да биде избрана фирма која постои една недела и кога на секое прашање градоначалникот ќе даде аргументиран, издржан и соодветен одговор во кој нема да се спомнува владеењето на претходната политичка гарнитура.

Референдумот е мое право и јас ќе го искористам, на начин кој не ги ограничува другите во искажувањето на нивното мислење.

Извор: Цивил Медиа