Сите мои деца

05.09.2018 14:13

Можев до сега да родам чопор деца
и да ги воспитувам во демократски дух,
а подоцна да ми префрлаат
зашто фалат пари за нивно школување,
брендирана роба, ноќни проводи и летување...

Можев да имам шеснаесет абортуси како мајка ми
но имав само пет.
Ми ја стругаа утробата со кирета без анестезија,
а сега тоа го прават преку весници и телевизија.
Најтешко го поднесов абортусот на мојата девојка
кога во годините пред разводот нејзин
не се осмеливме да преземеме одговорност
за уште една гладна уста.

Можев сите наши деца
да им ги тупнам на дедовци и баби на чување,
Да фатам џенем со мојата драга на пат по Европа
да им праќаме разгледници од секој град
да им носиме сувенири од геј прајд
и никогаш да не се каеме што толку добро се заебаваме.

Можев на време да магистрирам
и да станам омилена професорка по психологија во средно школо
со учениците при џоинт отворено да разговарам
и да им објаснам дека бракот не е мерило за среќа
туку креативен живот исполнет со давање без калкулации
и размена на антидепресиви и аналгетици
поради болни менструации.

Кога ќе се сетам на сите свои киретажи, не ми е жал!
Можеше да бидне да одгледувам жесток апаш, наркобос, хулигански лидер,
истакнат политичар или корумпиран директор
на кој денес уво не му чуе за никакво човечко право
дека побегнал полн со пари во странство
и не сака да се нервира
ако мајка му и сестра му дома некоја будала ги малтретира.

Не можам точно да знам какви би биле сите мои деца,
но овие кои ги имам, солидно ме поднесуваат.
Ним не им е фрка што мајка им е лезбејка, туку ги мачи опасноста
дека некој ден на улица и на Прајд ќе ме истепаат,
дека ќе добијам камен во глава или меѓу ребрата ноже
па ми велат: „Мајче, не иди таму, бе, чоек!“
А јас им го повторувам секогаш истиот муабет:
Кога секој за својот газ се плаши
Ризикува животот да го промаши!

Превод: Борислав Јарчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Квир / Книжевност
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото