Девојчето и момчето

05.09.2018 17:58
Девојчето и момчето

 

МОМЧЕТО И ДЕВОЈЧЕТО
тоа беше на село. лежеа под камионот крај големата предна гума. таа лежејќи на грб со раката се потпираше врз дебелата црна гума. ѝ ѕиркаа жолтите сандали и голите подколеници од едната страна на гумата и целата глава од другата страна, под кабината. така имаше добар преглед на случувањата на ливадата и пред куќата. пред куќата нивните родители го ловеа болниот овен. и таа е болна од некоја ретка опасна болест. тој тивко рече дека ќе ја излекува со помош на цвеќе. добро, ако ти велиш дека тоа ќе помогне, рече таа со глас без надеж. но побрзај за да не умрам. тој се врати со кукурек, зумбули, лисје од лешник, детелина и златици. таа ги затвори очите, докторот ѝ ги соблече гаќичките со малку јанѕа во прстите, па ги нареди кукурекот, зумбулите, лисјето од лешник и другото од папокот надолу, а потоа внимателно, за да не се растури цвеќето, ѝ ги облече гаќичките. рече: сега ќе ти биде подобро.


ДЕВОЈЧЕТО И МОМЧЕТО
попладнето, во часовите кога е забрането да се оди на море, децата трчаат по собите. две се заклучуваат во најстудената соба, северната, која дури и лете е полна со пријатен полумрак. никој не нè бара, заклучува таа по некое време. би можеле да се соблечеме голи. но не гледај. би можеле да го пробаме она. зарем не те интересира. таа го соблекува шорцот и легнува на креветот. а потоа тој легнува врз неа. што сега, прашува тој. голи се и неподвижно лежат. имаат иста висина и градите им изгледаат еднакво. па ништо, вели таа, тоа е изгледа тоа, станувај тежок си.

момчето се одвојува. неговиот пенис е малецок и тенок и таа не би го допрела ниту на колена да ја замоли. дали тоа беше ебење, прашува момчето.

таа седи на работ од креветот и плаче. леле, сигурно сум трудна. леле, леле, залипува и тој.

СОЦИЈАЛИЗАМ
Бевме среќни мама, сестра, јас дома и на излет. Па нашиот татко, жив рид беше тој, со мустаќи и цигара, пуловер, Ремарк, канта бензин, син автомобил и песна на радио.
Златен е тој постамент меѓу крнтиите, само замисли го април во индустриското преградие.

Затоа никогаш не му викам на мракот, јас пеам од мракот. Со светлина и злато ги залевам глувите посатки на висечките креденци од периодот на доцниот социјализам. Ги спасувам кафето, брашното, солта, презлите, шеќерот.


КОМШИЛУК
Ова е мојата сиромашна и расипана земја, ова е мојата валкана улица со грдите куќи, ова е полусветот со кој растев, моето враќање во куќата во која лете беше жешко, а зиме студено, моето затуцано провинциско гратче на брегот и бегството.

Ова е моето лошо педигре, сојот на блудните и ситни грабежливци, прогонетите, убиваните и самоубијците, семејните булии, шеќераши, мудреци со основно школо.
Тоа е мојата куќа и мојот комшилук, а ова сум нивната јас.

ЛИК
Дека е смртта жена, дека има 36 години, темнокоса е и висока 166 до 167 см, наведува Сарамаго. (Точно толку сме слични, си помислив минатото лето, читајќи.)
Кај Пруст смртта е дебела црна жена, кај некои другим автори е мршава и ја сака виолетовата боја.
Пазолини (ако може да му се верува на Ковач) за смртта вели: Монтажерка.

Во мојот роман беше мајмун, потоа папагал, најпосле се преоблече во авторка, украде идентитет. Може да се сфати и како cammeo. Некои тоа баш и не го разбраа, прашуваат чуму тоа.

За среќа, не постои цврста граница ниту граничен премин помеѓу животот и книжевноста, но ни помеѓу книжевноста и смртта.

Бидејќи најмногу што мораме да направиме е да ѝ го исплазиме јазикот на смртта.

Слики: Rachel Goodyear
Избор и превод: П. В.
Извор: Mama Safari i ostale stvari (2012)

Белешка за авторката

Оља Савичевиќ Иванчевиќ е родена на 16 септември 1974 година во Сплит. Пишува поезија, проза, колумни. Авторка е на шест поетски збирки, на книгата раскази „Да се насмее пес“ и на два романа, „Адио Каубоју“ (2010) и „Пејач во ноќта“ (2016).

За ракописот „Да се насмее пес“ наградена е со наградата „Прозак“ како најдобра авторка на проза до триесет и пет години.

Добитничка е на наградата „Ранко Маринковиќ“ на Вечерњи лист за кус расказ, како и наградата „Киклоп“ за поетската збирка „Домашни правила“ (Алгоритам, Загреб, 2007, 2009).

Одделни книги, раскази, песни и поетски циклуси ѝ се преведени на десетина јазици. Учествувала на бројни меѓународни книжевни фестивали и книжевни работилници.

Живее и работи во Сплит како слободна писателка.

ОкоБоли главаВицФото